Џабе се фотографиравте навреме за нов пасош: Еве кои граѓани први ќе добијат патна исправа

20 илјади нови обрасци за пасоши се достапни за граѓаните, ама само за оние кои добиле термин по итна постапка за која се плаќа и три пати поскапо. Пасош ќе добијат и оние кои доставиле медицинска потврда, а дел од обрасците се двојазични. Министерот за внатрешни работи вели одговорноста за таквата состојба била кај претходното раководство.
Решението за хаосот го гледа во Парламентот, бара пратениците да го изгласаат Законот за патните исправи кој е поднесен, како што помина и тој за возачките дозволи/
Телефонските линии недостапни, сајтот за електронско закажување паднат.
Граѓаните кои се уште немаат закажано термин за вадење лични документи со „Северна“ не можат ниту да воспостават телефонска линија ниту пак да влезат на сајтот на МВР за електронски да закажат.

Голготата и хаосот продолжува. Министерот за внатрешни работи вели дека се дава максимум, но нема конкретен одговор кога ќе профункционира сајтот на МВР, ниту пак кога граѓаните ќе почнат да добиваат СМС пораки за подигнување на готовите пасоши, што требаше да профункционира од денеска, за да се намалат гужвите пред шалтерите.
За недостигот од обрасци пак вели дека заклучно со 18-ти февруари требало да бидат испорачани 400.000 обрасци, но пристигнале само 20.000 поради промени во договорите за што го обвини претходното раководство.

Тошковски и денеска повтори дека решението е да се смени законот за патни исправи, исто како што беше случајот со возачките дозволи и граѓаните да може да го користат пасошот со старото име до крајот на годинава.
„Факт е дека македонскиот пасош со старото име се употребува моментално во Германија и Швајцарија, само не може да се употребува во Македонија, поради тоа ги повикувам пратениците во Собранието да постапат по оној предлог закон кој го доставив истиот ден заедно со законот за возачките, како што го поминаа законот за возачките така да го поминат и законот за пасошите, само тоа е решение, а граѓаните нека судат.“ – вели Тошковски.




