ХРИСТОС СЕ РОДИ! ДЕНЕСКА Е БОЖИЌ!
Со ваков поздрав си го честитаат сите верници кои го слават Божиќ , раѓањето на Исус Христос. Рожденството Христово на 7 јануари според Јулијанскиот календар, го слават верниците во дел од православниот свет, Македонците, Србите, Црногорците, Русите и Украинците.
Божиќ е ден на семејството, посветен на блиските и претставува најрадосен христијански празник.На Божиќ се оди и во црква, христијаните да запалат свеќа и да оддадат почит на Христос и неговото дело. Рано изутрина во храмовите се одржува свечена литургија по повод Христовото раѓање.
Како што Христос бил роден во пештера близу Витлеем, затоплена и осветлена од неговите родители, се претпочита таква атмосфера да се создаде и во домот на секој верник. Со полна трпеза вкусна храна и задолжително присуство на јагне и црвено вино, роднините ја покажуваат меѓусебната љубов и верба, а со тоа и љубовта и вербата кон божјиот син Исус Христос.
Денеска завршуваат четириесетдневните пости. Од Божиќ почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божиќ до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.