Првата трансплантација на срце во координација со Министерот за здравство Доц. др Венко Филипче ја започна и ја водеше Националниот координатор за трансплантација др Маја Мојсова Мијовска.
Таа со својот тим болнички координтори- др Билјана Андоновска, др Весна Дурнев и Адријана Георгиев од Министерството за здравство ја процесираа пациентката во мозочна смрт и ги направија сите лекарски, технички и административни подготовки за да се започне со трансплантацијата на срце и бубрези.
„Трансплантацијата е успешна. Ова е голем ден за нас. Посебен по многу нешта. Би сакале најпрво да се заблагодариме на семејството на донорот. Да се донесе одлука да се даруваат органи во моментот кога го губите саканиот, е тешко. Незамисливо тешко. Потребно е многу сила, многу љубов и многу хуманост да мислите на нечиј туѓ живот во моменти кога знаете дека сте го изгубиле најблискиот. И за ова сме им бескрајно благодарни. Тие се се хероите на оваа приказна. Би сакал да им се заблагодарам на лекарите од јавното и приватно здравство, медицинските сестри, координаторите и сите оние кои тимски ја направија трансплантацијата. Ова е огромен успех за македонското здравство“ – порача Филипче.