Голема драма се одвива во просториите на Специјалното јавно обвинителство во зградата на Рузвелтова.
Фото: Принтскрин
За ова денес сведочеше и специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи која во интервју за телевизија Телма откри дека плачела од мака заради она што се случува по откривањето на случајот „Рекет“ во кој осомничени се Бојан Јовановски попознат како Боки 13 и Зоран Милевски познат како Кичеец. Имено, таа призна дека била во шок кога при влезот во просториите на Специјалното јавно обвинителство полицајците сакале да ја претресат, по што се налутила и сочно опцула, а потоа дури и заплакала од мака.
„Полицаецот тогаш ми кажа дека мора да ми ја претресе торбата. Се налутив и сочно опцув. Тргнав во нејзината канцеларија за да видам зошто како обвинители кои 4 години се бориме за СЈО сега по нејзина наредба треба да бидеме претресувани. Таа беше излезена. Ако сака нека ме отпушти или разреши, но не може да ме третира како криминалец“, изјави за Телма Фатиме Фетаи.
Инаку, Јанева конечно добила покана да се јави во обвинителството за гонење на организиран криминал да даде исказ во истрагата за случајот „Рекет“ што деновиве го тресе целиот регион. По објавените бомби од страна на италијанскиот весник „Лаверита“, во кои се слуша како разговараат Орце Камчев и првоосомничениот, Бојан Јовановски, а на кои наводно се слуша и гласот на Катица Јанева со која се договараат околу судењето на Камчев, обвинителката добила покана да даде исказ.
Покрај неа досега сведочеа обвинителките Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска, а утре исказ треба да даде и обвинителот Бурим Рустеми. Како што пренесуваат нашите медиуми, според нивни сигурни извори односите меѓу вработените во СЈО дополнително се влошиле откако во понеделникот, кога се вратила од одмор, Катица им се заканила на сите што биле присутни на колегиумот, дека ако таа падне во „Рекет“, ќе ги повлече и сите нив надолу.