Гламур интервју со Андријана Јаневска
Таа е доцент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а исто така и прва виолина во Македонската Опера и Балет. Освен виолина, свири пијано, гитара и бас гитара, а првата композиција ја има напишано кога имала само 11 години. Со Андријана Јаневска разговаравме за нејзиниот пат во Канада, но и за многу други интересни теми кои можете да ги прочитате во продолжение.
Неодамна бевте во Канада, раскажете ни повеќе кој беше поводот? И што најмногу ви остави впечаток од посетата на оваа земја?
– Поводот беше концертот во Торонто, во организација на „Скопско друштво“. Морам да им се заблагодарам за беспрекорната организација и пречек! Темата на концертот беа македонските евергрини, па освен мои песни изведов и познати песни од наши изведувачи како Нина Спирова, Даниела Панчетовичќ, Љупка Димитровска, Верица Ристевска итн. Настапив во придружба на Евергрин бенд под раководство на маестро Беџо Синаноски. Картите се распродадоа за само една седмица откако го објавивме датумот на концертот, па очекувано салата беше преполна. Уште од првата песна насетив дека концертот ќе биде одличен затоа што публиката буквално пееше со мене во еден глас. Останатите денови имав можност да се прошетам низ прекрасниот град, да ги посетам неговите атракции како CN Tower и Ripley’s Aquarium of Canada, а организаторите ме прошетаа и до Нијагарините Водопади кои најмногу ме воодушевија.
Што Ви беше најтешко, а што најлесно на почетокот од Вашата музичка кариера? Од кого научивте најмногу во сите овие години?
– Кога ја сакате работата која ја работите, никогаш нема да ви биде тешко затоа што таа ќе ви претставува задоволство. Сепак, јас со музика се бавам секојдневно од моја 6 годишна возраст, а кога сте дете, секогаш ви недостасува повеќе време за игра. На почетокот ми беше мака да ги гледам другарите како си играат додека вежбам виолина, но од денешен аспект не жалам за ниту еден таков момент. Во музиката први ме воведоа моите професори Весна Димчевска, Љупчо Соколов и Иле Темков, а понатаму сите оние кои ми предаваа во средното училиште. На факултет студирав виолина кај професорите Зоран Димитровски и Љубиша Кировски за кого секогаш велам дека ме научи вистински да го засакам инструментот и да го дадам својот максимум додека свирам. Потоа магистрирав на теоретскиот оддел кај проф. Викторија Коларовска – Гмирја која е вистинска подвижна енциклопедија, а моментално сум на докторски студии по етно-музикологија кај проф. Родна Величковска која уште повеќе ми всади љубов кон македонскиот фолклор.
Профеорка сте на Факултетот за музички уметности во Скопје, музичарка… Имавме можност да Ве видиме како ментор на некои нови ѕвезди. Дали сметате дека ни фали некое шоу како „Идол“ или „Икс фактор“ за да се промовираат малидите лица кои сакаа да се занимаваат со музика?
Денешниот свет е инстант свет. Младите живеат брзо, сакаат брзо да се информираат, брзо да научат, брзо да јадат итн. Оттука, тешко е да се објасни дека за да бидеш добар музичар не е доволно само да си талентиран. Се разбира, тоа е неминовно, но музиката како и секоја друга професија бара многу труд, вежбање, учење, надоградба и работа. По некој природен закон, она што брзо доаѓа – бргу и си оди. Да не ме разберете погрешно: немам ништо против такви шоуа – само гласно размислувам каква е реалноста. Промоција – да, но што потоа? Полесно е да станеш познат отколку да останеш познат.
Како е да се биде мајка на два сина?
Тоа е најубавото нешто што ми се случило во животот. Уживам во дружбата со моите синови и ги третирам како мои другари. Си разговараме за се’, се гушкаме, смееме. За нив задолжително имам време секој ден по неколку часа, за да може и да прошетаме, и да одиме на музичко, фудбал, да играме, да пишуваме домашно…
На кои животни лекции ги учите децата?
Ги учам да бидат среќни. Па така, кога ќе пораснат, ќе бидат способни да ја распознаат вредноста на нештата, а не нивната цена.
Пишувате прекрасни статуси на Фејсбук. Какво е чувството кога ќе споделите некоја мисла и притоа добиете позитивни рекации?
Убаво е доколку некој се чувствува добро читајќи ги статусите. Јас сум вечен оптимист, сакам ведрина, смеење, сакам се’ што човекот го прави среќен.
Што може да ве разочара кај всшите пријатели и дали влегувате во конфликт за да ја истерате правдината или сте „тип“ на жена која знае да попушти?
Сржта на разочарувањето се нашите очекувања од другите луѓе. Научив да немам никакви очекувања од другите, па така, нема што да ме разочара. Го ценам сечие мислење, гледам од секого да научам нешто и да извлечам поука. Секој човек има право на свој живот, свое размислување и свои одлуки.
Дали се дружите и приватно со некој од нашата естрада? Дали има вистинско пријателство, некој кој искрено ќе ви даде совет и критика?
Со сите колеги сум во добри односи, па ако тоа може да се нарече дружење, тогаш се дружам со сите.
Имате убава, густа и бујна коса. Дали имате некоја посебна тајна како ја одржувате и постои ли некоја фризура која Вам лично ви се допаѓа, но немате храброст да ја направите?
Нема посебна тајна, веројатно генетиката помогнала. Сакам долга коса затоа што има безброј можности за фризури. Инаку, по природа сум храбра, па тоа не ме спречува да направам и некој експеримент во иднина.
Кои се следните музички планови?
Очекувам дополнителни информации од „Universal Music“ околу мојот ангажман во Лондон како прва виолина во Планетарниот оркестар. Исто така, снимив албум на англиски јазик со словенечкиот композитор и гитарист Боштјан Лебен. Албумот е во процес на мастеринг, а дополнително ќе ја информирам јавноста околу промоцијата. Во тек се и преговорите за пласман на моите нови песни на хрватски јазик кои ќе ги пласирам на тамошниот пазар.
Се разбира, не ја заборавам мојата најверна македонска публика на која и должам голем концерт следната година.
Подготви: Берта Мартиноска