Во оваа 2023 година освен мартовско усогласување на пензиите од 8.4 проценти, уште едно ќе следи во септември, усогласено според трошоците за живот и порастот на просечната плата кое ќе биде околу 6 отсто.
Mинистерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, на својот фејсбук профил објави добра вест за пензионерите. Од септември пензиите ќе бидат зголемени за 6%.
Фото: Илустрација
„Обезбедивме постојан раст на пензиите. Согласно претходната методологија пензиите во месец јануари 2022 година пораснаа за 2.9%. Со новата методологија пензиите пораснаа за околу 21%. Септември 2022 – 6.8%. Март 2023 – 8.4%, Септември 2023 – 6% (проекција).
За една година раст од околу 21% или раст за околу 24% од јануари 2022 до септември 2023 година.“ напиша Тренчевска.
Фото: Илустрација
Околу 700 денари плус на сметката ќе добијат пензионерите со најниски пензии, со предвиденото покачување во септември. Од 333.000 пензионери, 94 000 земаат пензија во првата група која ги опфаќа пензионерите до 13 илјади и 300 денари.
Тука влегуваат земјоделците, примателите на семејна пензија како и лицата со хуманитарната пензија во износ од 6 илјади денари. Настрана од пензионерите што влегуваат во првата група, околу 150 илјади пензионери од таканаречената втора и трета група месецот „го туркаат“ со пензии до 20.000 денари.
Фото: Илустрација
Точно овие пензионери се најзагрижените и најреволтираните за најавеното зголемување од само 6,8% на пензиите во септември, бидејќи сметаат дека инфлацијата со поголем процент им ја јаде пензијата.
И додека дел од пензионерите мака мачат да го поминат месецот, Владата се фали, дека пензиите растат, а инфлацијата се намалувала.
Фото: Илустрација
„Со септемвриската пензија, 330.000 пензионери ќе имаат повисоки месечни примања.
Ова е уште една потврда за успешноста на економските мерки и политики на Владата предводена од СДСМ, инфлацијата се намалува, платите и пензиите растат.“ – вели Богданка Кузеска портпаролка на СДСМ.
Со измените во Законот за пензиско и инвалидско осигурување, се донесе нова методологија за пресметување на растот на пензиите.
Со неа, усогласувањето на пензиите ќе се прави два пати годишно, во март и септември, а тоа ќе се врзе за порастот на трошоците за живот со 50%, и за просечна плата, исто така во висина од 50%. Последното покачување на пензиите беше во март за 8,4%.
Фото: Илустрација
Според методологија, која беше усвоена минатата година, пензиите се усогласуваат два пати годишно според трошоците на живот и растот на просечната плата, односно станува збор за усогласување на пензиите со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата на сите вработени во државата и 50% пораст на трошоци на живот, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика.