Трговецот Васил Ефтимов е убиениот кај „Мавровка“ – се обиделе да го ограбат, но им се спротивставил
Васил Ефтимов е името на човекот кој денеска беше убиен со истрел во главата на паркингот кај ТЦ „Мавровка“ во Скопје.
Жртвата не е адвокат, како што претходно се тврдеше, туку е бизнисмен, кој се занимавал со продажба на материјали за водовод и канализација, но имал и дуќан за бижутерија во трговскиот центар „Бисер“ во Аеродром.
Како што дознава Плусинфо од полициски извори, убиството е сплет на несреќни околности, бидејќи напаѓачите помислиле дека Ефтимов во својот автомобил носи чанта полна со злато и вреден накит.
Тие се обиделе да го ограбат, но убиениот им се спротивставил. И тоа бил моментот во кој тие одлучиле со еден истрел во главата да го лишат од живот.
Неофицијално, кога се случил инцидентот, Ефтимов бил придружуван од женско лице, најверојатно сопругата.
Фото 21
Во нападот учествувале тројца наоѓачи. Двајца се веќе приведени, а по третиот сѐ уште се трага.
Неофицијално, пукале во златарот, а потоа од багажникот на неговото возило одзеле повеќе предмети, меѓу кои и лаптоп-компјутер. Мотивите за убиството сѐ уште се нејасни, но „360 Степени“ објави дека се споменува облик на изнуда, но истрагата сѐ уште е во рана фаза. Тој, наводно, со членови од семејството бил да заврши приватни обврски во близина.
Официјалните информации од истражните органи се сѐ уште оскудни. Од МВР кратко само соопштија дека во СВР Скопје било пријавено убиството, а полицијата веднаш ја почнала акцијата за пронаоѓање на убијците.
Фото 21
Од страна на полицијата веднаш се преземени оперативно – тактички мерки, затворање на дел од градското подрачје, преглед на повеќе домови и преглед на повеќе возила, во кои се вклучени специјални полициски сили, хеликоптери и дронови. Имено, на подрачјето на општина Чаир, забележено е патничко возило, кое се обидело да побегне, при што лицата од возилото пружиле отпор со употреба на огнено оружје. Полициските службеници возвратиле, по што едно лице е лишено од слобода. При преземањето понатамошни мерки, од слобода било лишено уште едно лице, а на полицијата е познат и идентитетот на третото осомничено лице кое е во бегство и за кое се преземаат мерки за негово пронаоѓање“, велат од МВР.