Тина Мицковска „Не ги допирајте и не давајте храна на животните во ЗОО“
Голем љубител на животни, како и голем борец за нивните права. Тина Мицковска можеби некој ја познава од медиумите, но со сигурност може да кажеме дека многумина ја виделе и во скопската зоолошка градина зошто таа постојано е со животните. Веќе неколку години е и дел од тимот кој работи за подобрување на условите на животните во ЗОО, како и нивна заштита од несовесни посетители.
Што ја натера Тина да биде дел од Скопската зоолошка градина?
Сите активисти постојано трчаме за бездомни животни низ градот, спасуваме и вдомуваме мачиња и кучиња, но за Зоолошка не знаевме ништо. Секогаш на социјалните мрежи имаше разно-разни теории дека не се води грижа за животните таму, а воопшто и немаше никакви информации за нашата зоолошка во медиумите, па решив и лично да се уверам што се случува. Нема поголема сигурност, од тоа некој кој сака животни и нема да дозволи да им се случи нешто, да биде дел од Зоо Скопје. Навистина, кога станав дел од тимот, видов дека луѓето кои работат таму, целото свое слободно време го посветуваат на животните кои ги чуваат, ги гледаат како свои деца и прават се за да им го олеснат животот и да ги направат среќни. Ми дојде срцето на место, а во целата приказна ги вклучив и здруженијата за заштита на животните и тие лично да се уверат околу целосната грижа. Мило ми е и што директорот Ѓорѓи Галетановски е човек со голема емпатија и љубител на животните, па откако раководи со зоолошката, реновиравме голем дел од живеалиштата и ги подобруваме условите за секое животно. Започнавме кампањи против хранењето и вознемирувањето на животните и едукација на посетителите што резултираше со зголемена зоо култура, но и посетеност.
Како е секој ден да ти почнува со животни?
Најубаво на свет. Додека некои луѓе наутро се како енергетски вампири и може да ти ја исцицаат целата енергија, животните го прават обратното- те исполнуваат со позитивна енергија. Особено е убаво чувството кога наутро ќе прошеташ да се поздравиш со над 500 животни од 100 видови кои те препознаваат, па возвраќаат на поздравот.
Кои се твоите омилени животни?
Мачињата и кучињата се секогаш мојата прва љубов, но во Скопје Зоо, стекнав другари и од многу други видови. Кога ги видов малите виетнамски прасиња се заљубив на прв поглед и оттогаш немам каснато свинско месо. Козле се уште ни е најголем фраер, тоа е јарето кое повеќе се однесува како куче, отколку како коза. Кенгурчињата се секогаш златни, какаду папагалот Ага секогаш не расположува и смее, Каспер, Тобого и Флопи, такви огромни џинови, а најмили жирафи, малото гибонче кое секојдневно како акробат оди по јажето на езерцето. Дуња и Даела со нивните борби за тоа која ќе изеде повеќе банани. Би набројувала до утре, но искрено сите ми се омилени.
Што ново може да очекуваме во зоолошката градина?
Најважно е да реновираме кај мечките. Тоа е оној дел кој сметам дека не е реновиран над 30 години и потребно е да им се направат многу подобри услови какви што заслужуваат. Потоа, се реновира живеалиштето кај кенгурите, кај лавовите, ја направивме и мини зоолошката со мали животни, а во тек е и изградбата на живеалиштата за пингвини и фламинга кои ќе бидат навистина прекрасни.
Која е товјата порака до посетителите на ЗОО?
Сакајте ги животните, воодушевувајте се на нивната убавина и не дозволувајте некој да ги повреди на било каков начин. Во Зоолошката не ги допирајте животните и не давајте храна, затоа што тоа е строго забрането и со тоа му штетите на животното. Нахранете улично куче или маче, многу од нив се гладни. Погалете ги и дајте им малку љубов. Ако сте во можност вдомете едно, ќе ви го направи животот многу поубав и посреќен, а вие ќе спасите еден живот. Бидете емпатични, така сте најсимпатични.