Се уште е неизвесно што ќе се случува со нашинците во Германија по коронавирусот – дали Меркел ќе им ги продолжи визите?
Како што германското Министерство за надворешни работи во март наведе како одговор на едно парламентарно прашање, работниците од овој регион чекаат и повеќе од една година за термин за добивање виза.
Балканските градежни работници, старатели, готвачи и келнери би можеле во иднина многу потешко да доаѓаат на работа во Германија ако не се постигне договор во рамките на владејачката коалиција на канцеларката Ангела Меркел за продолжување на олеснителните услови под кои граѓаните од Западен Балкан добиваат работни визи.
Дури и пред пандемијата на коронавирус да ја забави германската економија и да се зголеми невработеноста, се појави несогласување во рамките на германската владејачка коалиција за тоа дали Германија и по крајот на 2020 година треба да ја продолжи регулативата што предвидува полесни услови за ниско квалификуваните работници од Западен Балкан да добијат визи за работа. Иако владата првично имаше намера да ја прошири оваа регулатива без многу дискусии, пандемијата и економијата во рецесија влијаеа врз некои од демохристијаните на Ангела Меркел да се спротивстават на ова прашање многу погласно отколку порано.
Според вториот канал на германскиот јавен сервис „ЗДФ“, демохристијаните се прашуваат дали Германија може да продолжи да прима десетици илјади нискоквалификувани работници од Западен Балкан секоја година. Од германската градежна индустрија, која очигледно имаше корист од ова правило кое важеше за Западен Балкан, доаѓа јасен одговор: „Без овие луѓе, ќе имаме големи проблеми во градежништвото“ изјави за „ЗДФ“ Феликс Паклепа од Централното здружение на германската градежна индустрија.
Градежните работници од Балканот недостасуваат на германскиот пазар на трудот
Како што истакнуваат, иако често немаат формални квалификации кои се признаени во Германија, градежните работници од Балканот имаат долгогодишно искуство. И, токму таквата работна сила недостасува на германскиот пазар на трудот, се вели во извештајот.
Спорната регулатива стапи во сила во јануари 2016 и „им овозможува на работниците од Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора, Србија и Косово да добијат виза за работа за Германија без познавање на германскиот јазик и професионални квалификации“.
Сепак, услов е апликантот за работна виза да има договор за вработување во Германија и одобрување на германската Федерална агенција за вработување, како и тоа да не примал никаква социјална помош во Германија во последните 24 месеци. Оваа регулатива беше донесена од германската влада во 2015 година, а стапи на сила 2016, и тоа како дел од одговорот на емигрантската криза.
Прво, ги прогласија сите земји од регионот како земји со безбедно потекло, што практично им го оневозможи на овие граѓани да добијат азил во Германија. И тогаш, на инсистирање на СПД како малцински партнер во владата, на работниците од овие земји им овозможи полесно да доаѓаат како гастербајтери, а не како баратели на азил. Но сите овие аргументи се менуваат заради кризата која беше предизвикана од коронавирусот, па во контекст на одлуката за продолжување на оваа одлука, пратеникот на демохристианскиот блок задолжен за внатрешна политика, Матијас Миделберг, укажува на веќе растечката невработеност во Германија.
„Не треба да биде паушално продолжување на ова правило сега – вели Миделберг, а поддршката за ваквиот став доаѓа од пратеникот на опозициската десничарска Алтернатива за Германија, Бернд Бауман, кој смета дека „ова правило било лудо и без короната“.
Од друга страна, пратеникот на СПД, Уте Вогт, посочува дека сака правилото да се продолжи „без дискусија“, оценувајќи го како „голем успех“.
„Ние, всушност, прифативме дека Германија е имигрантска земја. Коалицискиот партнер не треба да го врти сега тркалото наназад“ – вели Вогт за ЗДФ, насочувајќи ги критиките на штета на коалиционите партнери од демохристијанскиот блок.
Сепак, постојат и спротивставени мислења и во рамките на демохристијаните, бидејќи пратениците кои се занимаваат со прашањата за трудот и градежништвото се залагаат за проширување на правилата за земјите од Западен Балкан, додека противниците се насочени кон домашната политика. Според сознанијата на ЗДФ, демохристијаните првично се согласиле дека продолжувањето на правилата може, но само под многу ограничени услови. Ваквото уредување пак предизвика судир со социјалдемократите.
Застојот на приливот на гастербајтерите започнува во конзулатите на Балканот
Според податоците на германскиот Централен регистар за странци, од крајот на 2015 година до крајот на 2018 година, бројот на издадени дозволи за престој за вработување на луѓе од Западен Балкан скокнал од 13.000 на 66.000. Од тој број, повеќе од 31.000 се работници без квалификации за работа, се наведува од страна на Федералната канцеларија за мигранти и бегалци. Дури и ако германската владејачка коалиција ги продолжи олеснителните околности за работниците од Западен Балкан, стагнацијата на приливот на гастербајтери се јавува во конзулатите во Белград, Сараево, Скопје …
Во МСП тврдат дека испратиле дополнителен персонал во конзулатите, но дека приливот е толку голем што дури и тоа не е доволно. Ова е потврдено со фактот дека во 2018 година, германската Федерална агенција за вработување на околу 46.000 случаи им дала одобрение неопходно за аплицирање за виза, но дека само околу 21.000 луѓе на крајот всушност добиле виза под овие посебни услови.
Ова може да има последици низ цела Европа
Како што пренесе Ројтерс, германското министерство посочи дека затворањето на фабриките имало негативно влијание врз индустриското производство, како и тоа дека значително се намалила потрошувачката клима.
Мерките за борба против пандемијата на вирусот корона особено тешко ги погодија германските услужни и малопродажните сектори, соопшти германското Министерство за финансии во својот месечен извештај.
Според Ројтерс, министерството за финансии на Германија исто така посочи и дека затворањето на фабриките имало негативно влијание врз индустриското производство и дека потрошувачката клима се намалила.
„Зголемената неизвесност за идното вработување го зафати односот помеѓу склоноста на потрошувачите да купуваат и очекувањата на приходот“, се вели во месечниот извештај на министерството за финансии на Германија.
Што им се нудеше на Балканците?
Пред епидемијата, во Германија најбарани занимања беа од медицинската струка, од доктори, специјализанти, медицински сестри до негуватели, потоа од ИТ секторот и програмирање од кои се бараат инженери, но се бараа и градежни и работници од услугите за транспорт и слично. Само во Германските железници во следните пет години ќе има потреба од 100.000 нови работници, кои доколку во Германија не дојдат работници од други земји, нема да можат да ги најдат.
Граѓаните од западен Балкан привилегирани
Правилото за вработување на граѓаните од западен Балкан содржеше и можност за вработување на полуквалификувани и неквалификувани работници. Но обработката на податоци за неквалификуваните работници траеше многу долго, па според Штефан Мајер, државниот секретар на Министерството за внатрешни работи, во претставништвата не треба да се создаваат гужви и застои бидејќи новиот закон требаше да се однесува всушност само за квалификувани работници.
„Кој ги исполнува условите за вселување и по двете правила може да го избере она кое за него е поповолно. Ако некој не исполнува барањата за вселување по новиот закон тогаш за тоа лице се уште постои можност да се всели во Германија на основа на правилата за западен Балкан“ изјави тој непосредно пред да се случи кризата со коронавирусот.
Тој тогаш посочи дека токму заради овие мерки во Германија дошол голем број полуквалификувани и неквалификувани работници, а во голем дел и постари лица.