Се огласи Александар, менаџер на Конти – добил бројни закани, и размислува дали да ги пријави во полиција
Околу 14 000 македонски граѓани стравуваат дека се измамени од платформата „Конти“ за вкупно милиони евра, а секој од нив за по неколку илјади евра. Речиси една години откако платформата функционира, па сè до пред два дена се молчеше за тоа иако на учесниците во шемата веројатно им беше јасно дека се работи за пирамидален принцип на добивање на пари. Но, дотогаш добивале пари, или бар мислеле дека ги имаат на своето конто.
Деновиве групата на социјалната платформа „Телеграм“ полека почнува дазгаснува, а корисниците веќе немаат приливи на „Бајненс“ (Binance) – платформа за тргување со криптовалути, нешто што во земјава не е нелегално, но не е ниту регулирано.
Дел од нив, околу 14.000 македонски членови во групата на Телеграм останаа со салдо нула, дел од нив имаат заработка од илјадници евра, но дел, иако зеле брзи кредити за брза заработка преку оваа апликација, ја вложувале сета своја плата или пензија – останале посиромашни за илјадници евра“, објави Мета.
„Конти“ претставува платформа која на корисниците им нуди заработка преку гледање видеа. Апликацијата функционира околу една година и на навидум лесен начин можело да се заработат пари, но по една година „пукна балонот“ и се појавија сериозни сомнежи дека зад тоа можеби се крие нова порамидална измама.
Деновиве, откако падна Конти, актуелно е и видео од отворање на Инфо центарот Конти во Радовиш. Со торта, балони и ракоплескање се отворила таа канцеларија, каде граѓаните можеле да добијат информации за апликацијата, и каде се вршеле презентации како истата функционира.
Но, освен во Радовиш, отворена беше и канцеларија во Кавадарци.
Кавадарчанецот Александар Димков (26), беше еден вид на менаџер на Конти Македонија, односно лице кое ја отвори првата Конти канцеларија во земјава.
Токму поради тоа, разочарувањето на многумина кои изгубиле пари е насочено кон него, па дури и се пишуваат заканувачки коментари, во кои му се порачува да ги врати парите на играчите назад.
За „Фокус“ младиот кавадарчанец раскажува дека навистина добил бројни закани, и размислува дали да ги пријави во полиција. Вели дека сите кои се вклучиле во шемата, добро знаеле за што станува збор. Немало никакви гаранции за сигурна добивка, никој не потпишал никаков договор, се плаќало во крипто валути, нешто кое кај нас не е регулирано со закон, но не е ниту пак забрането.
Открива дека само од Кавадарци имало околу 8.000 лица кои уплатиле, и околу 90 проценти од нив заработиле од играта. Како што вели, и тој е помеѓу оние кои заработиле, но откако апликацијата паднала, и дел неговите средства останале заробени.
-Зад апликацијата стои Конти Интернационал, компанија од Обединетото Кралство. Кај нас, во Македонија, Конти дојде преку Словенија. Јас се вклучив во април во играта. Кога стигнав до трето ниво, добив еден вид на награда, отворање на канцеларија. Ја отворив канцеларијата во Кавадарци чија намена беше информационо биро, и постојано доаѓаа заинтересирани граѓани, имавме презентации околу тоа како функционира шемата.
-Доколку некој смета дека намерно е оштетен, слободно може да пријави во полиција. Но, овие работи се комплицирани за докажување, посебно поради тоа што се работеше со крипто валути, и затоа што зад Конти стои интернационална компанија од Британија.
Јасен беше ризикот, но ете, сите се надевавме на добивка. Некои добија, некои изгубија.
Веднаш по падот на апликацијата, гледам дека се отвораат нови слични апликации, но и по се што се случи, се уште има граѓани кои се спремни на ризик и без многу двоумење влегуваат во нови шеми. Кој и како може да го контролира или да го забрани тоа? Нема закон кај нас со кој би се регулирале овие трендови, а желбата за брза заработка е нешто кое е примамливо за повеќето граѓани, без разлика на можноста од загуба. Апелирам секој добро да размисли за ризикот и да не се вложуваат средства, бидејќи гледаме што се случи.
За крај, сакам уште еднаш да порачам дека јас сум тука, дека приказните како сум побегнал од земјава се чисти шпекулации. Не одам никаде, достапен сум за разговор, и самиот бев дел од шемата и стојам зад тоа.
На оние кои шпекулираат дека сум заработил милионски суми, би им кажал дека не направив палати ниту пак спечалив за мене и за идни генерации од Конти.
Ова е едно искуство за кое не сум можел да поверувам дека ќе го доживеам, но ете, се случи и ќе остане како поука за во иднина, раскажа Александар за Фокус.