Двегодишната Данка Илиќ, која е пријавена за исчезната во вторникот, е видена во придружба на две Романки во Виена, објави Телеграф.рс.
Според порталот, српската полиција ноќеска ја контактирала австриската и во Европол ги проследила сите податоци и снимка. Телеграф пренесува дека интензивно се работи на идентификација и лоцирање на девојчето.
Потрагата по Данка Илиќ трае веќе шест дена. Двегодишното девојче исчезна од дворот на куќата во Бањско поле во Бор. Последен пат е видена во вторникот, околу 13:45 часот. Во моментот на исчезнување на себе носела виолетови панталони и маслинесто зелена јакна.
За видеото кое ја разбранува јавноста, на кое во Виена може да се види девојче во придружба на две Романки кое потсетува на исчезнатата Данка, се огласи и нејзината мајка.
– Немам видено никакво видео, не гледам на социјалните мрежи – изјави Ивана, за Информер.
Снимката од девојчето која по години и по изглед личи на Данка Илиќ е снимена на трамвајската станица „Шотеринг“ во центарот на Виена, а полицијата интензивно проверува дали се работи за српското девојче кое исчезна на 26 март во Бањско поле кај Бор.
Таа наводно била видена во придружба на две Романки.
Случајот со исчезнатата Данка Илиќ ја крена Србија на нозе, а по неа се трага и во регионот.