Ноќеска на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина пациент заболен од коронавирус.
Се работи за маж на 63-годишна возраст од Дебар, кај кого дошло до нагло влошување на состојбата.
Пациентот е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби на 17 март, без зголемена температура, но со наод на белите дробови и бил зависен од кислород. Во текот на ноќта нагло се влошува неговата состојба, веднаш е интубиран, ставен на респираторна машина, но во неколку часа неговата состојба дополнително се влошила и пациентот починал. Пациентот немал позната историја на коморбидитет, стои во соопштението.
Ова е втора жртва на коронавирусот во земјава, по 57-годишната жена од Куманово, која почина вчера.
На вчерашната прес – конференција министерот за здарвство Венко Филипче најави дека покрај воведениот полициски час ќе се воведе дополнителна мерка за повозрасните и младите.
Граѓаните над 65 години и за нив освен полициски час ќе биде ограничено движењето и во текот на денот, освен во утринските часови. Ќе има мерки и за оние кои не се во ризичната група, но го шират вирусот, тоа се младите лица до 18 години, изјави Филипче.
Заклучно со денешниот ден во 12 часот, министерот посочи дека 29 нови случаи на заразени од корона вирусот се регистрирани во нашата земја. Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 до денес до 12 часот е 114. Најмногу случаи, вкупно 65, се регистрирани во Скопје. Дебар е втор со 36 регистрирани случаи, 7 случаи има во Штип, по 2 случаи во Кавадарци и Охрид и по 1 случај во Гостивар и Куманово.