Повторно се огласи нашиот познат доктор Ненад Лазаров – Луѓе коронавирус не е „како грип“, тоа и на мало дете му е јасно!
Отприлика еден на секои шест заразени може да развие посериозен облик на болеста, додека сегашниот процент на оние што ќе ја изгубат битката со новиот коронавирус е околу 2 отсто, велат познатите епидемиолози.
И како бројот на случаи ширум светот се зголемува, научниците напорно работат подобро да го разберат новиот коронавирус, САРС- КоВ-2, кој ја предизвикува респираторната болест КОВИД-19. Во последното истражување на школото за јавно здравје објавено е проценката за просечниот период на инкубацијата, т.е. времето на изложеноста на новиот вирус и појавата на првите симптоми, кој изнесува пет дена.
Тоа значи дека во просек треба да поминат пет дена пред луѓето да покажат некакви знаци дека се заразени по контактот со некој што го има вирусот, давајќи поддршка на препорачаниот карантински период од 14 дена кој моментално го користат бројни центри за контрола на болеста ширум светот, пишува магазинот „IFL Science“.
И додека во светот врвни научници и епидемиолози ја истражуваат болеста соочувајќи се со епидемија, но и со одговорот на истата каков што досега никогаш не се случил, најголемиот товар паѓа врз плешките на докторите и медицинските сестри што работат во болниците.
Од друга страна и голем број доктори и медицински лица споделуваат совети преку социјалните мрежи користејќи ги истите да испратат апел до своите сограѓани дека ситуацијата е сериозна и како да се справат со неа. Еден од нив е и докторот Ненад Лазаров кој на својот Фејсбук профил редовно споделува совети и информации. Еве некои од нив:
I.
Не си дишете у врат на каса по маркети. Количка е подобра опција, со неа ќе имате каква-таква дистанца од луѓето. Почекајте трпеливо плус една-две минути да заврши човекот пред вас на раат. Пазарувајте со список, ем ќе рационализирате, истовремено ќе скратите време на задржување во маркет.
И не туку префаќајте леб, храна, воопшто производи. Со очи се гледа
II.
Ја треба да прегледувам цел поручек пациенти незаштитен, дете, жена, фамилија и сите што ги сакам на ризик да изложувам за вие фредо капучино да си цепате по кафичи? Седете дома, срам да ви е, какво непочитување за сите шо се жртвуваат и тек ќе се жртвуваат.
III.
Министер, сега е право време да се укине хартиен рецепт и упат. Драстично ќе се намали физички контакт меѓу медицински персонал и пациенти, од една страна, од друга страна ќе може да работиме remotely со пациентите!
IV.
Апелирам до колегите матични лекари да даваат боледувања на сите пациенти со вирози, таму каде ќе констатирате, без преседан. Изолирајте ги дома, сеуште има и грип, не помагаме на државата ако болни луѓе одат на работа!
Почитувани пациенти, да не ве лаже никој, ограничување по број на издадени боледувања на матитен лекар НЕ ПОСТОИ, ниту некој колега ќе биде казнет заради број на издадени боледувања!
Од друга страна, симулирање на болест може да биде и казниво, освен што е неморално и неетички.
Секој здрав треба да оди на работа се додека не се прогласат поинакви мерки. Не си дозволувајте било каква форма на притисок да правите кон вашите лекари со барања за боледување, тоа е законски регулирано стручна процена од овластен лекар, не ваша желба, за ваши желби, има денови од одмор, а и неплатен одмор.
Колеги, пријавете такви случаи кај работодавец директно, или испишете таков пациент!
Апелирам и до ФЗО, веднаш да се објави мерка, како во минатото, со која во сезона на грип и вирози, можеме да даваме до 15 дена боледување без специјалистичка препорака!
V.
Не Ангела Меркел, таа само цитираше, научната заедница излезе со проценка дека од 40% до 60% од светската популација ќе биде инфицирана. Меркел е само политичар кој слуша научници. Не работи лапароскопски операции у слободно време.
Епидемиолошките модели се наука, постои и егзактна студија од пред година дена, баш со коронсвирус како модел. Јас сето ова сакам да го перцепирам како последна опомена од природата,за се што како човештво уништивме.
Некои велат дека епидемијата ќе ја редефинира и економијата и демократијата, ќе видиме…
VI.
Вирусот е SARS-CoV-2, а специфичната болест која ја предизвикува е COVID-19. Како ХИВ и СИДА, зошто не разбирате?
VII.
Зошто Италија има “толку голем” број на смртни исходи од COVID-19? Во моментов, Италија е една од најстарите нации во светот, со медиана на возраст од околу 46 години.
Повеќе од 60% од популацијата во Италија има над 40 години,околу 23% од популацијата над 65 години, а возрасните групи за кои COVID-19 е критична ги дискутиравме веќе.
Просечната возраст на починатите пациенти во Италија е 81 година. Во моментов, околу 5% е смртноста во Италија, глобално околу 3.4%
VIII.
Толку брашно изнакупивте, ред е нешто домашно зготвено да каснат децава у наредниот период дур се дома. Нека не ве лажат старлетите, не е срамота кифлички да знаеш да напраиш, ниту салата да исецкаш.
IX.
Место за паника има, ама нема поента од паника.Токму тука е нашиот дел, да информираме соодветно и да дадеме совети со употребна вредност, за народ да се однесува рационално. На мало дете му е веќе јасно дека не е “како грип”
X.
Ниту Филипче ниту било кој министер за здравство, од било која партија, не може да ви е одговорен за вашата лична непрофесионалност и инкомпетенција. Обврска, морална и законска, на секој медицинар, е да дава се од себе како за личен професионален напредок така и во работата со пациенти, бахатост е неприфатлива!
За да излеземе од овој зачаран круг на аматеризам, секој од себе треба да почне.