Реклама
Вирално

Печалбар од Македонија ни открива каков е животот преку граница – платата му е 2000 евра, станот 350 и еве колку му останува!

Реклама

Нашите во Германија одат веќе со децении

Фото: Илустрација

Но за разлика од пред неколку децении и сега животот во Германија потполно се разликува, впрочем како и кај нас. Оние што некогаш плата примале во марки велат дека условите сега не се ни приближно розови како тогаш, но за разлика од порано, кога и кај нас убаво се живеело, сега оние што заминуваат воопшто не планираат да се вратат.

Платите за медицински техничари на пример се движат од 200 до 2.500 евра, од кои само за стан треба да издвоите од 350 до 500 евра месечно. Ова зависи дали сте на некое помало место или во голем град, а цените за храна, облека, пијалаци во кафулињата, билети за културни манифестации се речиси исти или малку повисоки од оние во Македонија.

Маркетинг

Поразговаравме со еден наш пријател, кој сакаше да остане анонимен, и еве што вели тој за животот преку граница.

„Прво завршив средно медицинско училиште кај нас, иако веќе имав диплома од Педагошки факултет, триесет години и подолго време работев во кафуле. Додека ги полагав предметите паралелно се запишав и на курс по германски јазик и тоа ми беше најтешко. Но по две години интензивно учење на јазикот бидејќи бев решен да заминам, и откако ја земав дипломата од средното медицинско, конечно дојде денот кога требаше да заминам во Германија“.

Маркетинг

„Првите неколку месеци бев кај едни мои роднини. Ме прифатија одлично и ми помогнаа да најдам работа во еден ресторан. Миев чинии, а по шест месеци успеав да се вработам како медицински техничар. Работам во една болница и сега платата ми е околу 2о00 евра“, ни вели тој.

Тој сега живее во стан од околу 60 метри квадратни и за него плаќа кирија од 350 евра. Живее заедно со неговата девојка, која е Македонка од Пиринска Македонија и со која се запознал во болницата во која што работи. Покрај овие 350 евра, плаќа и околу 300 за останатите трошоци – струја, греење, интернет, мобилен телефон, осигурување…

Што се однесува до облека и обувки, цените се отприлика како и во Македонија, со таа разлика што има многу поголеми попусти и промоции, кои во градот во кој што живеел претходно, речиси и да ги немало во тој обем. Од друга страна, често му се случува да купува и половна облека од „second hand“ продавници од каде може да се најдат работи за многу добри цени, а кои се во одлична состојба.

„Пред неполн месец дена во ваква продавница купив опрема за скијање за мене и за мојата девојка. Ги платив смешни пари“, ни раскажува тој и додаде дека минатата зима прв пат во животот бил на зимување.

„Имам добра плата, доволно слободно време и го добив сето она што во Македонија не можев да го имам. Затоа воопшто не се каам што заминав, бидејќи како времето поминува, така и мене ми е сé поубаво. Некако се навикнувам на животот тука, иако е многу поразлично од кај нас.

Можеби единственото нешто што ми фали се моите пријатели, но верувајте, повеќето од нив заминаа исто како мене. Кој каде најде. Некои од нив заминаа во Ирак, некои во Канада, други во Нов Зеланд и Кина, а јас еве завршив можеби најблиску. И повторно ме мачи што знам дека моите родители се загрижени, иако мене можеби ми е најлесно. Блиску сме. Но што да се прави, нам Македонците никогаш не ни било лесно, па еве ни сега“, заклучува тој.

Нов закон во Германија

По усвојувањето на новиот закон во Германија за вселување на квалификувана работна сила од други држави, вклучувајќи ги и оние што не се дел од Европската унија, а кој стапува на сила од 1 јануари 2020 година, повеќе од сигурно е дека ќе имаме „стампедо“ од наши граѓани кои ќе тргнат да бараат својата иднина во оваа земја. Според некои проценки се очекува во следните години да се дуплира бројот на оние што ќе ја напуштат Македонија и ќе тргнат кон оваа европска држава, а проценките се далеку од розови.

Фото: Илустрација

Живот македонски, а пензии германски

Од друга страна, не е мал процентот и на оние Македонците што живеат во странство веќе неколку децении и планираат да се вратат, но дури откако се пензионираат.

Па така пред неколку месеци поразговаравме и со еден пензионер (целиот текст можете да го прочитате тука), кој целиот свој работен век го поминал во Германија, но откако се пензионираше заедно со сопругата реши да се вратат во неговото родно село.

Во разговор со него ни кажа дека ние Македонците по менталитет сме многу поразлични од Германците. „Имав се што ми беше потребно, но за мене таму немаше луѓе. Немав пријатели како што ги имам тука“ ни кажа тој,

„Во Македонија со мојата германска пензија се чувствувам како во рајот. Таму додека работите ситуацијата е и некако поднослива. Но кога ќе се пензионирате, само седите дома. Нема со кого да поразговарате. Плус тука е многу поевтино. Имаме и земјичка, па тоа со бабичката не држи во кондиција. Нашите деца се веќе возрасни, и редовно не посетуваат со внуците. Кога ќе сакаме да ги видиме, патуваме и ние. Сега барем брзо се стига, има евтини авионски билети. Но кога сме си дома, во моето родно село, се чувствуваме најубаво, и јас и мојата бабичка“, ни кажа тогаш старецот.

Фото: Илустрација

Најважно е да се биде човек

Кога го прашавме што би им препорачал на оние што сакаат да заминат во странство, за подобар живот, тој ни кажа.

„Кога би имал добра работа тука, никогаш не би ја напуштил Македонија. Ние Балканците сме посебен народ, и за мене нема поубаво место на светот од целиот Балкан. Затоа сега, со овој памет, сигурно би се обидел да започнам нешто свое, некој бизнис, и би останал тука. Сепак, ниту едно место на светот не е како она на кое што сте родени. Од ова парче земја сте направени и тоа останува во вас засекогаш.

Го носите како проклетство. Каде и да одите, вие сте само туѓинец, во потрага по корка леб. По подобар живот. Затоа обидете се да ги искористите сите можности тука, каде што сте на свое, па дури потоа барајте ја среќата на некое друго место. Во туѓина.  Само прашање е дали ќе ја најдете, бидејќи среќата не се крие во парите. Но ако веќе сте решени, и сте донеле таква одлука, тогаш направете го тоа најдобро што можете. Бидете лав и дајте го најдоброто од себе. Сепак, најважно е да се биде човек, каде и да сте…“

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button