Министерот за здравство Филипче ги објави новите мерки на Владата. Тие се рестриктивни.
Со еден збор застанува се, буквално се. Државата оди во КАРАНТИН! Подолу интегралниот текст.На вечерашната владина седница, донесовме заклучоци со цел зајакнување на мерките за заштита од корона вирус:
Затворање на сите копнени гранички премини во Република Северна Македонија, освен граничните премини Табановце, Деве Баир, Ќафасан, Богородица и Блаце кои да бидат отворени за премини на патници и возила;
Прекинување со работа на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, односно затворање на граничниот премин на овој аеродром, после 48 часа од донесувањето на оваа мерка;
Забрана на влез на територија на Република Северна Македонија на странски државјани и од земјите со среден ризик согласно листата на Светската здравствена организација објавена на веб-страницата на Министерството за здравство, освен за оние лица за кои Министерството за внатрешни работи ќе даде дозвола по мислење од Главниот координативен кризен штаб кои ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес. Овие лица да влезат во нашата држава под посебни услови и заштита согласно протоколот на Министерството за здравство;
Затворање за посетители сите продавници во молови на територијата на Република Северна Македонија, освен супермаркети, продавници за храна и аптеки.
Сите останати правни лица можат да работат и да остваруваат продажба на алтернативен начин (преку онлајн нарачки, телефонски нарачки и сл) и да вршат достава на нарачките;
Се забранува целосно работата на кафетерии, барови, клубови, казина и спортските обложувалници.
Јавното здравје е заедничка одговорност. Од нас зависи!, информираше вечерва преку својата Фејсбук страница министерот за здраство Венко Филипче.
Ново работно време на трговските центри
Трговските центри Скопје Сити Мол, Рамстор Мол и Капитол Mол најавуваат дека до сега ги подржуваа сите донеси одлуки и во иднина ќе ги подржуваат сите донесени одлуки на владата на Република Северна Македонија.
„Сакаме да ја известиме јавноста дека здравјето на граѓаните е пред се, и до донесување на одлука од владата за работењето на трговските центри сакаме да Ве известиме дека горенаведените трговски центри ќе работат со скратено работно време односно од 11:00 до 19:00 часот Здравјето на граѓаните ни е на прво место и ќе ја подржиме секоја одлука на владата на Република Северна Македонија. Промената на работното време ќе остане се додека владата не донесе одлука за работа на трговските центри во државата. Заради моменталната ситуација и потребите на граѓаните кои живеат во околните населби и град Скопје, аптеките и маркетите во трговските центри остануваат да работат со редовно работно време од 08:00 до 22:00 часот. Новото работно време започнува од денес“, наведуваат во соопштението.