Ноле има навивачи од целиот свет, но еве зошто малиот Петар од МАКЕДОНИЈА кој е со аутизам е многу повеќе од сите нив
Познатиот тенисер повторно покажа колкаво срце има
На малиот Петар материјалното не му преставува ништо, но ликот на најпознатиот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, го радува. Ова неодамна го изјави неговиот татко Зоран Мијалков за српскиот портал „Мондо“.
Тој е решен неговиот син кој има аутизам да го однесе да го видат својот омилен спортист, а сега се случи нешто на кое што ни тој самиот не може да поверува.
Имено, Зоран неодамна на Твитер објави колку е среќен неговиот син кога ќе го види ликот на Новак Ѓоковиќ.
„Петар се насмеа кога го виде, беше изненаден“, додаде тогаш Зоки под фотографијата на која Петар со детска насмевка го гледа и допира постерот на својот омилен спортист Новак Ѓоковиќ. „Се обидувам на секој начин да ги насмеам и забавувам, но мојот максимум често не е доволен“, изјави таткото на Петар, Зоран, пред неколку месеци за споменатиот портал. Тој има уште еден син Никола, кој исто така е дете со аутизам, а неговиот татко е основач на друштвото за помош на децата со аутизам во Македонија.
Насмеан легна да спие pic.twitter.com/3rYupUHzrQ
— Зоран Мијалков (@Zoran_Mijalkov) November 3, 2020
Но и Новак Ѓоковиќ очигледно е среќен што има свои верни фанови во Македонија, па преку видео порака се обрати до нив. Тој со овој негов гест покажа дека не е само најдобриот тенисер на светот, туку и човек со големо срце, човек кој донесе љубов и насмевки кај Петар. Еве што му порача преку видео порака што ја објави на социјаните мрежи.
– Здраво Петре, Пецо, како си? Ти испраќам голем поздрав, еден голем бакнеж и прегратка од Белград. Се надевам дека исто така наскоро ќе се видиме во живо и се запознаеме. Те сакам многу и многу те гушкам. Чувај се – вели Ѓоковиќ во својата видео порака што деновиве ја објави.
Голема благодарност за Ноле @DjokerNole кој не само што е најдобриот тенисер туку е пред сѐ Човек со голема душа и срце
Благодарам од срце и душа што помогна мојот син Петар да има среќни моменти и насмевки додека те гледа како играш
?? Силата на Љубовта pic.twitter.com/V7tsIlfgs8
— Зоран Мијалков (@Zoran_Mijalkov) November 3, 2020
Во разговор за српскиот портал „Мондо“, Зоран неодамна раскажа како неговите синови се врзале за Новак, но и што посебно го разочара неговиот син Петар. И неговиот помлад син, Никола е роден со оваа автоимуна болест, а како што вели нивниот татко, сега и тој го обожава Новак.
„Порано сакаше да гледа само Сунѓер Боб но еден ден забележавме дека со насмевка го гледа и Новак. Вртевме на каналите кога на Еуроспорт, одеше неговиот натпревар, и кога на ТВ одеднаш го видовме Новак. Почна случајно, а сега веќе размислувам како да му овозможам да гледа натпревар од трибините“, изјави порано таткото на Петар.
Ни ја тргнале сликата од Ноле, Петар ептен се разочара
Ќе треба да му испринтам за дома
Знае ли некој каде во Скопје би можело pic.twitter.com/uuxW8CZtM2
— Зоран Мијалков (@Zoran_Mijalkov) August 22, 2020
Инаку, Петар не зборува, а неговиот татко во една пригода на Твитер објави колку беше малиот тажен кога пред обложувалницата во градот го отстраниле големиот постер на кој се наоѓал ликот на Новак.
„Беше несреќен кога обложувалницата на плоштадот пред неколку дена го тргна постерот од Новак, кој Петар го допираше секогаш кога ќе одевме на прошетка“, изјави тој за „Мондо“.
Токму затоа Петар денес има постер со Ноле на ѕидот, а легендарниот тенисер вети дека наскоро ќе се видат и ќе имаат прилика да го запознае во живо.
Не му е прв пат да израдува некого!
Инаку, најдобриот тенисер на светот досега многу пати има покажано дека е голем хуманист и дека е човек кој знае да им помогне на оние на кои помошта им е најпотребна. Тој на почетокот од пандемијата уплати милион евра за помош на Србија за купување медицинска опрема, а значајни пари донираше и во Италија кога граѓаните на оваа земја беа најпогодени од опасниот вирус корона.
Тогаш италијанскиот доктор беше воодушевен од донацијата што ја доби од Новак во износ од милион евра.
Во прашање е донацијата што Ѓоковиќ ја додели за болниците во епицентарот на корона вирусот во Италија. Овој лекар откри дека светскиот шампион го воодушевил со неговата голема хуманост, но и со зборовите што му ги кажал кога му го предал неговиот огромен подарок.
Имено, Питер Асембергс, шеф на болниците во западниот дел на Бергамо, прво откри дека Ѓоковиќ донирал „огромни суми“ за болниците Тревиглио, Караваџо и Романо во Ломбардија, кои се најмногу погодени од епидемијата во оваа земја со новиот корона вирусот.
Тој не ја прецизираше точната бројка што Ѓоковиќ ја донираше таму каде што помошта беше најпотребна. Подоцна беше прецизирано дека станува збор за сума од милион евра, а сега Асембергс откри што му кажал Ѓоковиќ кога го прашал дали сака да открие колку донирал:
„Признавам, бев шокиран во тој момент. Да, тоа е вистинскиот израз за тоа кога првиот светски тенисер на прашањето дали сака да објавиме колку многу ни даде, тој одговори: ‘Искрено, не ми е грижа дали сакате да го објавите тоа, а не мора и да се знае дека воопшто сум дал нешто, а камоли колку. Освен ако верувате дека со објавување на вакви информации ќе ја подигнете свеста и на другите потенцијални донатори да го сторат истото што го направив и јас’“.
Тој уплати донација и во Хрватска по земјотресот што за време на епидемијата го погоди Загреб.