НОВИ ПРАВИЛА ПРИ РАЗВОД Сопружникот мора да плаќа алиментација за домашното милениче

Првостепениот суд во шпанскиот град Виго денеска ја донесе првата пресуда според која брачниот другар мора да плаќа алиментација за домашно милениче по разводот, во согласност со новата законска рамка.
Според пресудата, кучето милениче останало на чување на жената, додека нејзиниот поранешен сопруг ќе плаќа по 40 евра месечно, а дополнително ќе плаќа половина од сумата за итни и ветеринарни трошоци, пренесува Euro Weekly News.

Во 2020 година, шпанскиот парламент го усвои Законот за правно регулирање на животните, со кој домашните миленици се признаваат како живи суштества, а не како предмети, односно тие се целосно интегрирани во финансиските аранжмани на семејната единица по разводот.
Според порталот, овој случај е преседан во начинот на кој се гледаат и третираат милениците во правните спорови, што претставува прогресивен чекор кон препознавање на емоционалната и практична одговорност на сопствениците на домашни миленици.