„Насмевката кај децата е нашата најголема инспирација“, интервју со креаторот на ’Машнички за деца’
Од рачна изработка за својата ќерка до успешна креативна приказна која трае веќе една деценија. Андријана Мирческа Богојевиќ, дипломиран економист е креатор на брендот „Машнички за деца“. За нејзиното искуство со рачната изработка, но и за тоа како се менаџира сопствениот бизнис заедно со мајчинството прочитајте од разговорот во продолжение…
Како го создадовте концептот „Машнички за деца“, која беше инспирацијата?
Инспирацијата за целиот концепт Машнички за деца е мојата ќерка Каја. Првиот производ беа машничките кои ги изработував за неа, со тек на годините и усовршување на работата, и целокупниот тим кои стои позади целата приказна машнички за деца успеавме да изградиме еден препознатлив бренд.
Колку во Македонија се вреднува рачната изработка ?
За жал иако сметам дека рачната изработка треба да биде многу повеќе вреднувана, но нашиот стандард не го дозволува тоа.
Од каде ги црпите идеите за уникатни парчиња?
Нашите идеи се преточуваат во уникатни производи следејќи ги моменталните трендови и барањата на нашата клиентела.
На што највеќе обрнувате внимание кога го создавате продуктот?
Секој наш производ има своја приказна. Подеднакво внимание обрнуваме во целиот процес на изработка, секако на прво место е квалитетот и безбедноста на производите имајќи во предвид дека нашиот асортиман е наменет за децата.
Што најмногу ве мотивира во вашата работа?
Задоволните клиенти и насмевката кај децата е нашата најголема инспирација.
Има ли некој посебен дел од денот кој ви е најинспиративен?
Утрото е дефинитивно најинспиративниот период од денот.
Планирате ли да го проширувате производството со други производи?
Изминатата година Машнички за деца го прошири својот тим. Започнавме со производство на дрвени Montessori кревети, гардеробери и дрвени игрални за кои е задолжен мојот зет. Секако планираме дополнително да го прошириме асортиманот но поради целосната ситуација со пандемијата се надеваме на побрзо враќање во нормален живот и проширување на нашето производство.
Ве привлекуваат ли странските пазари, планирате ли да продавате и надвор од Македонија?
Бидејќи целава измината година, како и оваа работиме онлајн голем дел од нашите нарачки се од клиенти кои живеат надвор од нашата земја. Се надеваме дека во иднина дополнително би се прошириле на тој пазар.
Како успевате да го менаџирате бизнисот, работата и мајчинството?
Со добра организација се може да се постигне. Но, тука е доста заслужен мојот сопруг кој несебично ми дава огромна поддршка кога се работи за мојот бизнис.
Што ви е најважно во животот?
Пред се моето здравје и здравјето на моите најблиски.
Се промени ли нешто во вашата работа, во овој период на пандемија?
Најголемиот проблем е во набавката на материјали од странство, целокупниот увоз е моментално успорен поради пандемијата, но со долгогодишната соработка со добавувачите успеваме да го реализираме целокупниот увоз на материјали од странство.