„Мечка од 500 килограми ме легна на земја и ме гризна кај ребрата“ – приказната на Минче Рамчески покрена лавина реакции

Неверојатна приказна раскажа маж од општината Македонски Брод кој тврди дека вчера во реонот помеѓу селата Пласница и Ораоец го нападнала мечка и го искасала.
„Викав помош оти нозете не ми мрдаа, мечката ме турна и ме гризна кај ребрата“, вели Минче Рамчески.
Човекот кој тргнал да бере дренки вели дека го спасиле ловџии кои кога ги слушнале неговите повици за помош пукале неколку пати во воздух, па мечката побегнала.

Откако оваа вест ја соопшти Центарот за управување со кризи, се појави и видео на кое мажот во детали раскажа што се случило.
По ова излегоа и реакции на социјалните мрежи дека можно е да се подготвува отстрел на кафеавата мечка затоа што на многумина им беше далеку од вистината дека човек каснат од мечка тешка 500 килограми може да помине само со гребнатинки.

Еве што вели Минче Рамчески од селото Пласница, маж на 76 години кој имал блиска средба со дивото животно.
– Одеднаш ми се појави мечката, и ме бутна на земја. Ја покрив главата со рака и таа ме касна, многу се исплашив. Почнав да барам помош и мечката која веројатно беше тешка 500 килограми, се сврте и си замина, а јас останав на земја шокиран од случката.
– Ми течеше крв и ловџиите ме однесоа во болницата во Кичево каде ми ги санираа повредите. Многу лошо се чуствувам, имав ноќен кошмар. Му благодарам на бога што се спасив, на такво диво животно не може човек да се спротивстави, вели Рамчески.

Тој додава дека не памети досега во Пласница, а ниту во околните села мечка да нападне човек.
Овој случај ги вознемири борците за заштита на животните кои неодамна апелираа дека треба да се најде начин да се дислоцираат заштитените диви животни и во никој случај да не се размислува за нивен отстрел.
И додека надлежните институции бараат локации каде што би се дислоцирале мечките од Општина Маврово и Ростуше, обврска што им беше наметната со одлука донесена од Владата, Центарот за управување со кризи соопшти дека во понеделникот се случила оваа немила случка во реонот на Старо село, Општина Македонски Брод.

Според одлуката на Владата која беше донесена на почетокот од октомври, Министерството за животна средина во рок од 12 месеци треба да изработи акциски план за управување со кафеавата мечка, а во рок од три месеци да направи анализа од регионот за формирање интервентен тим за крупни ѕверови и да ја информира Владата.
За координација на активностите на институциите, како што информираа од Владата, е задолжен директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.




