Мечка нападна маж кај Македонски Брод, eдвај спаси жива глава! ФОТО

Во текот на вчерашниот ден помеѓу село Пласница и Ораоец, општина Македонски Брод, мечка нападнала возрасен човек, извести Центарот за управување со кризи.
„Човекот бил спасен од ловци, кои случајно биле на лов во близина на местото на нападот, а кога слушнале повици за помош, испукале неколку истрели во воздух по што мечката побегнала“, соопшти ЦУК.

Нападнатото лице било преплашено и добило телесни повреди.

Во Националниот парк Маврово, но и на други подрачја на државата е забележано зголемено присуство на кафеава мечка, соопшти директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Според проценката што ја дава Општина Маврово и Ростуше, Ангелов вели дека на територијата на националниот парк има од 160 до 180 мечки, а според одредени норми од стручни лица бројот на мечки би требало да биде 70. На територијата на државата има значително повеќе, неофицијално повеќе од 500 мечки.
Општината Маврово и Ростуше одржала неколку средби со месните заедници, МВР, како и со претставници на Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, и претставници на Министерството за животна средина, каде донеле одлука дав поднесат барање за прогласување кризна состојба во рамките на територијата на Општина Маврово и Ростуше.

Ова е нова ситуација за ЦУК, вели Ангелов, до сега како институција немале вакво барање. Од тие причини за в понеделник свикана е седница на групата за процена, каде ќе се разгледа состојбата и ќе се процени дали се исполнети законските услови за прогласување кризна состојба, што ќе овозможи одредени механизми кои што сега според тврдењата на општината ги немаат на располагање.
Кафеавата мечка кај нас е забранета за лов и спаѓа за строго заштитен вид уште од 1996 година, а тоа допринесува таа да се размножува вели Ангелов, потенцирајќи дека глобалното затоплување може да биде и една од главните причини, бидејќи последните топли години мечката не оди во таканаречениот зимски сон и е активна во текот на зимата.

-Овие кафеави мечки пред се претставуваат голема опасност по животот и здравјето на граѓаните, бидејќи се работи за живи села, каде што има мали деца и неколку основни училишта, каде што децата одат на училиште, притоа се движат сами.
Во овој момент заштитата на кафеавата мечка ја регулираат два закони. Првиот е Законот за ловство, којшто предвидува дека Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство може да го дозволи ловот на трајнозаштитен дивеч, меѓу кои спаѓаат и мечките, ако прави штета во ловиштето или на корисникот, односно сопственикот на земјиштето и водите, по претходно мислење на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Сличен член постои и во Законот за заштита на природата, каде се регулира дека отстрел на диви животни се врши врз основа на претходно добиена дозвола од министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на ловството, а врз основа на претходно добиено мислење од министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на заштита на природата.
Слично искуство во регионот има во Романија, каде отстрелот на мечки станал изборна тема и дел од изборните ветувања на
изборните партии.




