Малата Вања се уште ја нема – СЕКОЈА МИНУТА Е ВАЖНА! Мајката неутешна, граѓаните се молат за девојчето
Што е „Амбер алерт“ и зошто под итно треба истиот систем да се воведе и во Македонија
Вања се уште ја нема, полицијата интензивно трага по неа. Истрагата од денес влегува во четвртиот ден, а мајката преку социјалните мрежи им се заблагодари на одговорните во МВР што го бараат нејзиното дете, а истовремено испрати и апел до граѓаните да не шират дезинформации, бидејќи истите не само што не помагаат во истрагата, туку и одмагаат. Од друга страна многу граѓани се загрижени, а на социјалните мрежи можат да се прочитаат бројни пораки во кои луѓето се молат за девојчето и се надеваат дека Вања брзо ќе биде пронајдена…
Случајот со исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје ја крена целокупната македонска јавност на нозе.
Потрагата по неа влегува во четвртиот ден, но засега безуспешно, иако полицијата по девојчето трага интензивно.
Во Америка од 1996 година постои системот „Алмер алерт“, кој во повеќе од 90 отсто од случаите помага да се пронајдат исчезнати деца. Станува збор за систем за рано предупредување на исчезнати лица, а сличен таков систем наскоро треба да се воведе и во Македонија.
Истиот кај нас ќе се вика „Најди ме“ и во план е целосно да заживее во декември и да функционира по примерот на „Амбер алерт“, но само ако добие поддршка од институциите и законодавците за сето тоа да се поткрепи со закон, бидејќи во спротивно системот не би можел да биде ефикасен и целосно да функционира.
Нашата соседна земја Србија неодамна го доби ваквиот систем за итно и брзо известување на јавноста, кој треба да помогне во пронаоѓање на децата, осум години откако за прв пат беше покрената иницијативата за негово воведување. Станува збор за системот „Пронајди ме“ кој е прв од ваков тип во регионот и направен по примерот на „Амбер алерт“, американскиот систем за пронаоѓање на деца кој постои од 1996 година, а слични системи воведни се во многу земји и според статистиката ефикасни се во 90 отсто од случаите.
Фото: МВР
Овој систем во Србија ќе функционира така што ќе биде активиран, но не за секое дете што е пријавно како исчезнато, туку само кога постои сомнение дека е жртва на кривично дело. Нема да биде активиран исто така и ако се процени дека објавувањето на информации за детето можат да ја загрозат неговата сигурност и да ја попречи работата на полицијата, нагласи српскиот министер на полицијата Братсав Гашиќ на преставување на системот што се случи при крајот на октомври 2023, пишува „Би-Би-Си“ на српски.
Системот задолжително ќе биде активира во случаи на исчезнува на деца до седум години, како и за деца со пречки во развојот до 18 години.
Фото: МВР
Веднаш откако системот ќе биде активиран, граѓаните ќе бидат известени со СМС порака со информации за исчезнатото дете, ќе има прекин на телевизиските и радио емисиите, како и известувања на автопатиштата, аеродромите, автобуските и железничките станици во државата.
Граѓаните што имаат било каква информација за детето ќе можат истите да ги пренесат на полицијата на бројот 192, пишува Би-Би-Си.
Обврска на медиумите
Кога системот ќе биде активиран, сите медиуми се задолжени да прекинат со телевизиските и радио емисиите и веднаш да го пренесат соопштението од полицијата со информации за исчезнатото лице. Во првите 24 часа од активација, ќе имаат обврска соопштението да го емитуваат на секој половина час, а потоа на секој следен час во следните 48 часа.
По пронаоѓање на детето, но и ако не биде пронајдено за 48 часа, медиумите имаат обврска да ги избришат сите информации за детето што претходно ги имаат емитувано, велат од српското МВР.
Што е Амбер алерт?
Системот познат како „Амбер алерт“ во земјите во кои функционира ја предупредува и алармира јавноста, а се покренува кога постои реална проценка дека исчезнатото дете е во животна опасност.
Информациите за исчезнување на детето преку овој систем истовремено се пласираат на што повеќе канали за комуникација – на телевизија, радио, социјални мрежи, билборди, постери – на тој начин се алармира целокупната јавност која во многу краток рок треба да биде известена и да има информации за исчезнатото дете.
Се објавуваат податоци за детето, како и местото на кое што последен пат е видено, како било облечено и на кого да се обратат доколку некој го забележи и препознае детето.
Овој систем прв пат е воведен во Соединетите Американски Држави, во 1996 година, и е наречен по Амбер Хагерман, деветгодишното девојче од Тексас кое беше киднапирано и убиено.
Околу 95 отсто од „Амбер алерт“ случаите се решаваат во рок од 72 часа, изјави порано Роберт Ховер од Националниот центар за исчезнати и експлоатирани деца (National Center for Missing & Exploited Children).
Кога станува збор за Европа, постои мрежа во која се Белгија, Бугарија, Кипар, Чешка, Франција, Германија, Грција, Ирска, Италија, Велика Британија, Швајцарија, Словачка, Романија, Португалија, Полска, Холандија, Малта, Луксембург и Литванија.
„Амбер Алерт“ во Европа (Фото: Слободна Европа)
Во секоја од овие земја постојат правила кога се активира системот како и кој може да помогне на полицијата во потрагата.
Македонска верзија на „Албер алерт“
На почетокот од месецот, порталот Слободна Европа објави дека системот за рано предупредување за исчезнати лица „Најди ме“ би требало да започне да функционира од декември. Воспоставен е од граѓанската организација „Новинари за човекови права“, во соработка и по проектен менаџмент на партнерската организација ЕКПАТ- Австрија.
Овој систем треба да се потпира на австриското искуство, бидејќи таков систем веќе постои во Австрија, која е дел од мрежата „Амбер Алерт Европа“. Министерството за внатрешни работи (МВР) дало поддршка на идејата, а се очекува да се вклучат и министерствата за труд и социјална политика, здравство и за образование.
„Кај нас ќе бидат вклучени банки (фотографија од исчезнато дете ќе се појавува на банкомат кога ќе сакате да извадите пари), такси компании, јавниот градски превоз, мобилен оператор, на рецепција во хотелите ќе стигне фотографија од исчезнатото лице…На почетокот ќе бидат опфатени само деца, а потоа и возрасни, кои Министерството за внатрешни работи ги потврдило како исчезнати“, објаснува Наташа Доковска од „Новинари за човекови права“, пишува порталот „Слободна Европа“ на македонски јазик.
За таа цел веќе функционира интернет страницата „Најди ме“ која ќе споделува податоци на македонски, албански и ромски јазик.
Според официјалните податоци од МВР, во последните три години (од 2020 до 27.10.2023) биле исчезнати 74 малолетни лица. Од нив, 65 се пронајдени. Девет деца уште се водат како исчезнати.
Моментално е актуелен и случајот со 14-годишната Вања Ѓорчевска што ја крена на нозе целокупната македонска јавност.
Вања исчезна сред бел дел во центарот на Скопје, а нејзиниот траг се губи на една од најпрометните улици во градот.
Таа исчезна во населбата Дебар маало, на патот кон своето училиште, а полицијата се уште интензивно трага по неа.
Таа се најде и на интернет страницата „Најди ме“ (najdime.org.mk) која е дел од нашиот систем за рано предупредување за исчезнати деца. На оваа страница можат да се поднесат пријави исчезнати лица, но под услов за тоа веќе да е алармирана и полицијата.
Со оваа платформа надлежните се надеваат за поуспешна потрага по исчезнатите лица со споделување релевантни информации.
Страницата „Најди ме“ веќе е во функција во земјава и е во план во декември целосно да заживее и да функционира по примерот на американскиот „Амбер алерт“, ако добие поддршка од институциите и законодавците за сето тоа да се поткрепи со закон.
По Вања потерница распиша и интерпол
Потрагата по 14-годишната Вања од Скопје влегува во четвриот ден. Како што информираа од МВР, за решавање на случајот и пронаоѓање на лицето веднаш беа вклучени целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, а извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани камери и сл.
Фото: Интерпол
Формиран е и посебен штаб во Скопје и екипите се целосно посветени во потрагата по исчезнатото девојче.
Меѓународна потерница за исчезнатата Вања распиша и Интерпол, а во потрагата вклучени се и голем број граѓани, така што низ целата населба во која што живее девојчето и каде што за последен пат беше забележена залепени со плакати со нејзина слика.
Мајката на девојчето го пријави исчезнувањето на 27 ноември, откако класната раководителка се јавила кај неа и кажала дека Вања не дошла на првиот час. Откако мајката на Вања видела дека е недостапна, веднаш пријавила во полиција. Последен пат, односно пред да се исклучи телефонот, локацијата била на булевар „Партизански одреди“ кај „Броз кафе“ .
Оттука и се губи трагата. Деталниот опис и фотографијата на девојчето е во билтенот на МВР за исчезнати лица.
Фото: Социјални мрежи
Вања е висока 175цм, тешка околу 58 кг , со кафена коса и кафени очи, бемка на десната страна од лицето, носела протези на забите. На себе носи црни пантолони со странични џебови, син дуксер, кратка црна зимска јакна, бели патики најк со кафене линија и со себе носела и училишен ранец и мобилен телефон ајфон. За секоја информација која може да биде корисна за потрагата по Вања, пријавете на 112.