Луѓе, не правете го ова! Фотографии од маркетите во Македонија што ќе ви покажат како не треба да се однесувате во време на епидемија
Сопатниците на првозаболената немаат корона вирус
Според последните известувања од министерството за здравство вчера беа тестирани на корона вирус 4-те лица од Струмица – поврзани со првата пациентка. Нивните тестови се негативни на вирусот. Претпладнето беа тестирани и други 8 сопатници од Скопје на истата пациентка и нивните резултати исто така беа негативни на коронавирусот.
Практично, сите сопатници од комбето на првозаболената кои во изминатите две недели беа во домашна изолација се негативни на вирусот.
Попладнево на корона вирус беа тестирани уште 7 лица со индикации и нивните тестови се негативни.
Инаку, министерот Венко Филипче вчера најави построги мерки за заштита од корона вирусот, па најголем дел од рестораните и кафичите ја испочитуваа мерката и престанаа со работа по 18 часот.
Докторите препорачуваат ако редовно ги миете рацете и водите грижа за здравјето тогаш нема место за паника.
Но очигледно дека тоа на некои граѓани не им е доволно, па почнаа да прават дармар низ продавниците и маркетите за да складираат храна заради опасноста од ширењето на епидемијата од коронавирусот.
На фотографиите јасно се гледа кои намирници ги снемува од рафтовите бидејќи луѓето се во страв од епидемија.
Но, надлежните предупредуваат дека нема место за паника и дека граѓаните би требало да ги слушаат советите на докторите и официјалните соопштенија од надлежните институции, а не да складираат храна без потреба бидејќи со таквата постапка само шират паника меѓу своите сограѓани.
Ова го препорача и техничкиот премиер Оливер Спасовски кој побара од сите граѓани и институции да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство, а до граѓаните упати порака дека не треба да се празнат маркетите. Тој исто така го охрабри и апелот на МВР корисниците на социјалните мрежи да не шират лажни вести, бидејќи тие создаваат неоснована паника.
Што се однесува до изборите, Спасовски по лидерската средба што се случи вчера изјави дека се уште не е разговарано за одложување на изборите, бидејќи лидерите сметале дека засега не треба да се носи таква одлука.
„Во овој момент не разговаравме за одложување на изборите, сметаме дека сега не треба да се носат такви одлуки“, вели Спасовски. Но, лидерите се договориле дека ако има потреба ќе седнат и ќе разговараат за сите прашања. „Сега е важно да се однесуваме одговорно и да знаеме дека ситните партиски поени нема ништо добро да донесат. Политичките партии треба да имаат уште поголема одговорност. Кризниот штаб преку мејлови ќе ги информира и политичките партии за сите новини во врска со коронавирусот“, рече Спасовски.
Кафулињата да работат до 18 часот, гостите да седат на оддалеченост од 2 метри
Покрај одлуката што на вчерашната прес-конференција ја соопшти министерот за здравство Венко Филипче, кафетериите и рестораните да го скратат работното време до 18 часот и, истовремено, да го преполоват капацитетот на присутни гости, за да има дистанца меѓу нив, тој кажа и дека се затвораат и сите места каде што се собираат граѓани, како вежбалници, кина, театри и обложувалници, а се откажуваат и сите кино-проекции, театри и концерти.
Министерот за здравство Венко Филипче исто така испрати и апел до граѓаните кои имаат симптоми што ги предизвикува корона вирусот, да не одат во здравствените институции или болници каде би можеле да заразат болните пациенти, туку да се обратат на дежурните епидемиолози на некои од следните телефонски броеви кои се поделени по региони.
Покрај ова, министерот Филипче пред неколку дена соопшти и дека сите информации за коронавирусот, прес-конференции, одлуки од седница на влада, прашања и одговори, како и листата на земји со ниско, средно и високо ниво на ризик од коронавирус можат да се следат на веб страницата на министерството zdravstvo.gov.mk/korona-virus/ – која постојано се ажурира, но можни се повремени отстапувања.