Позитивни на коронавирус во државата се уште две лица.
Тие се од Дебар и се соседи на претходно хоспитализираните тројца дебарчани заразени со овој вирус и заедно со нив бројот на заразени во државава се искачи на девет.
Денеска беа тестирани вкупо 12 лица за коронавирус. Со новите случаи, на Инфективната клиника сега се лекуваат осум лица, со оглед на тоа дека првата заболена пациентка е целосно оздравена и за некој ден ќе биде пуштена на домашно лекување.
Од денеска започна спроведувањето на владините мерки предложени од Комисијата за заразни болести, меѓу кои и затворањето на училиштата, градинките и факултетите за 14 дена.
Мерките меѓу другото предвидуваа да се избегне седење во затворен простор како што се игротеки и молови, па така сончевото време и „распустот“ од две недели ги извади надвор младите скопјани. Тие безгрижно го поминуваа времето во паркот, шетајќи и спортувајќи.
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, изјави дека училишната година не мора да заврши на 10 јуни, бидејќи во моментов има прекин на наставата поради епидемија и вонредни состојби. Тој рече дека има нов Закон за основно образование каде што е предвидено колку наставни денови треба да има училишната година.
– Имаме две опции. Училишната година не мора да заврши на 10 јуни. Втората опција е да се подготват скратени наставни програми. Пред да се определиме за која било опција треба да се измени и дополни годишниот календар за организирање на настава – нагласи Адеми, додавајќи дела образовните институции ќе бидат благовремени известени од нивна страна.