Еден од нашите најуспешни маратонци кои неодамна ја издаде и својата прва книга насловена „Трчањето ме учи“. Момчето кое почнало случајно да трча, трчањето го научило никогаш да не се откажува. Кокан Ајановски секогаш расположен и со позитивна енергија отворен за разговор ни раскажа како го поминува периодот на пандемија, како се храни, но и што следно подготвува за публиката…
Зошто и како од сите спортови го одбравте трчањето?
Започнав да трчам случајно. На почетокот, тоа беше затоа што не можев да организирам доволно број луѓе за да играме кошарка или фудбал. Се помирив со фактот дека ќе мора да продолжам со индивидуални спортови, па трчањето ми беше една од опциите заедно со фитнесот, возењето велосипед и пливањето. Она што ми се допадна на почетокот е дека ќе можам да учествувам на улични трки и не беше важно колку години имам, секој може да трча. Кога на тоа се надоврзаа патувањата, знаев дека сум направил вистински избор. Другите предности во однос на другите индивидуални спортови е дека можам да трчам во било кој период од денот и во било кое годишно време. Исто така ми се допаѓа дека за релативно кратко време, може да се потрошат доволно калории за моите цели,а покрај физичката активност, трчањето убаво ни влијае и на нашата психа.
Која е најголемата предност од твојата професија?
Најголемата предност за мене е дека го работам она што навистина го сакам. Секој ден уживам во тоа и ме прави исклучително среќен. Исто така професијата ми овозможува да бидам постојано во одлична форма. Можам да работам било каде,а најголемиот дел од времето го поминувам во природа. Како тренер, помагам на луѓето да направат промени кои ги посакуваат.Среќата и благодарноста од нивните остварени резултати, секогаш ме потсетуваат дека сум го одбрал вистинскиот пат и така треба да продолжам.
Која беше инспирацијата за вашата книга „Трчањето ме учи“?
Инспирацијата за мојата книга „Трчањето ме учи“ ми беа животните случувања, успесите, подемите и падовите кои ги искусив додека трчам. Како што случајно почнав да трчам, исто така случајно почнав и да ги запишувам моите впечатоци поврзани со трчањето веднаш по завршувањето на тренингот. Потоа, таа случајност премина во намера и низ годините, ги собрав сите текстови, напишав и некои нови и на тој начин ја создадов книгата. Главна причина и поддршка за објавување на книгата ми беа сите добри луѓе кои ме охрабруваа низ цел тој процес и така одлучив да го направам тој чекор.
Неодамна излезе и второто издание од книгата може ли наскоро читателската публика да очекува и нова книга?
Да, наскоро ќе има и втора книга, која ќе биде како продолжение на првата. На публиката им се допадна мојата прва книга, па чувствувам потреба и должност, за нивната верност и благодарност, да им се оддолжам со нова книга. Ја пишувам во моментов и сакам да ја завршам колку можам побрзо, за да го искористам моменталниот период на креативна енергија кај мене.
Што најмногу ви недостасува изминатава година?
Ми недостига нормалното живеење. Сите трки и маратони кои ги одложија и не се одржаа. Патувања, забави, спортски настани, кино, театар, семинари, едукации…
Каква храна конзумирате во текот на денот?
Здрава и свежа храна, овошје и зеленчук. Мед и таан, семки и јатки. Исто така и шејкови, протеински чоколатца заедно со брикети витамини,минерали, омега итн.
Што најмногу сакате да готвите?
Искрено, не сакам да готвам, но многу сакам да јадам :)
Неостварена желба?
Да снимам филм.
Како се релаксирате?
Трчањето и спортот воопшто ме релаксираат најмногу. Читањето книги, гледањето на квалитетен филм исто така ме релаксира. Најново хоби ми е набљудување на птици. Птичарењето навистина ме релаксира и сите информации поврзани со птиците ми прават да се чувствувам убаво. Ми се случува да седам на кејот на Вардар, да ја гледам мојата омилена птица -чапјата и да заборавам каде се наоѓам.
Која работа никогаш не сте ја направиле, а сте сакале?
Можеби тоа беше да ги гледам Лејкерс во живо, во времето кога заедно играа Шек и Коби.
Која лоша навика сте успеале да ја победите?
Веројатно тоа е да бидам перфекционист. Порано сакав да можам да успеам и во најлошото можно сценарио. Интересно е дека ми успеваше до одреден период во животот.
Кое е вашето омилено место во Светот и во Македонија?
Првото омилено место ми е внатре во мене. Долги години го барав и не ми беше лесно да го пронајдам. Мислам дека моето второ омилено место стана кејот на Вардар во Скопје. А третото ми е целата наша Македонија.
Што ве исполнува и прави среќен?
Се’ што напишав погоре. Но ајде пак да сумирам: трчање, спорт, фамилија, другари, дружење, вкусна храна, забава, патувања, книги, филмови…