Реклама
Интервју

„Кога се почнува од љубов, патиштата сами се отвораат“

Реклама

Интервју со Ксенија Николова

Младата писателка Ксенија Николова својот прв роман го има напишано на 20 години, а потоа како што самата ни раскажа, нејзините книги едноставно почнале да се нижат. На прашањето во кое време би сакала да живее ни одговори дека во Русија, во времето на царевите, посебно затоа што нејзината мајка е Русинка. За неа сите жени се супер-жени, и сите мажи се супер-мажи. Потенцијалот е во сите нас, ни вели писателката во чии мисли и цитати се пронаоѓаат многу млади девојки и ги споделуваат на социјалните мрежи.

Маркетинг

Но покрај интервјуто, овој пат Ксенија се најде и во улога на модел, пред објективот на нашата фотографка Ерина Богоева, а како сето тоа изгледаше, и за што сé поразговаравме погледнете во продолжение.

Кога го откри талентот и љубовта кон пишаниот збор?

Уште од многу мала пишувам. Не знаев дали е талент, но знаев дека е љубов. А кога се почнува од чиста љубов, патиштата некако само се отвораат.

Маркетинг

Кој те инспирира и каде се наоѓа твојата Муза која ти помага во работата? И дали таа се промени со текот на годините?

Ме инспирира се’ околу мене и животот општо. Откако почнав да навлегувам во светот на приказните кои го создавам, сфатив колку е важно да се набљудува, да се обрнува внимание и да се слуша. Инспирацијата е навистина насекаде. Што се однесува на муза, јас ја имав таа среќа да ја имам мојата муза покрај мене и таа постојано да ја надоградува мојата инспирација. Музата не мора да биде постојано сржта на мојата инспирација, но многу е важно дека ја имам и дека постои.

Што е она што го има напишано прво, а да беше задоволна од крајниот резултат?

Првиот роман од мене излезе кога имав 20 години. После тоа продолжија да се нижат. Задоволна сум од секој краен резултат и знам дека секогаш може подобро, но тоа е поентата на уметноста, да растеме заедно со неа.

Колку време ти е потребно за да завршиш едно дело?

Навистина зависи, некогаш 7 месеци, некогаш години.

Што е она што твоите романи го имаат заедничко?

Во сите мои романи, носечкиот лик е секогаш согледан низ призмата на психата на човекот, анализирајќи ги најдлабоките состојби на умот. Во моите романи ликовите поминуваат низ нешто и јас сакам мојата публика откако ќе прочита мој  роман, да помисли дека секој човек има своја приказна и своја болка и дека навистина постојат многу страни од кои може да се гледа светот. И да, не постојат граници на моќта на човечкиот ум!

Покрај твоите романи што друго пишуваш? И што ти е најдраго?

Пишувам и текстови за музика. Тоа ми е еднакво драго и многу уживам додека го правам тоа. Се чувствувам благословено што имам канали низ кои можат да го извадам тоа што го чувствувам во себе. Тоа е вистински благослов.

Последно беше на светски познатиот саем за кнги во Франкфурт. Какво беше твоето искуство таму?

Моето искуство на саемот на книга во Франкфурт беше прекрасно. Мојата издавачка куќа Култура ги престави домашните автори, меѓу кои бев и јас и драго ми е што го доживеав саемот, го видов со свои очи и ја почувствував таа магија. Направивме чекори кон пласирање на странски пазари, но ќе видиме што ќе се случува понатаму.

Во кое време би сакала да живееш?

Царска Русија, дефинитивно. Ме фасцинира се’ поврзано со тоа време, има нешто неверојатно мистериозно, гламурозно и истовремено тажно во сета таа слика. Мајка ми е Русинка и многу пати сум ги посетила дворците во Русија и сум читала посебно многу за династијата Романови. Навистина би сакала да го почувствувам тоа време.

Како помина твоето детство и што мислиш што е она што ти си го имала како мала, а денес им недостасува на денешните деца?

Јас имав навистина прекрасно, интерактивно и слободно детство. Пораснав надвор, многу се дружев и секојдневно ми се случуваше животот во природата и на улица. Мислам дека тоа денес го нема, но времињата се променија.

Јас моето детство не би го менувала за ништо, но свесна сум дека секое време носи свои убавини и маани. Да, денес децата живеат во телефоните и таблетите, но и природна градација на технологијата и глобализацијата. Суштината е во балансот.

Каде се чувствуваш најубаво?

Дома, дефинитвно дома. Во мојата соба, во мојот свет и мојот мир.

Нешто за кое секогаш ти недостасува време?

Не ми недостасува време за ништо, успевам да се организирам речиси секогаш добро. Однапред планирам и си го знам распоредот. Тоа ми помага и мк го олеснува животот, затоа топло го препорачувам секому.

Ситуацијата станува отровна, како да се рестартираме и да почнеме да градиме нешто, а не само да го рушиме она што некој друг го направил?

Да, ние никогаш нема да изградиме куќа, бидејќи секогаш ќе си го буткаме изграденото меѓусебно. Ситуацијата е лоша, но ние сме уште полоши. Промената почнува од нас, но најлесно е тоа да се заборави и да се плука и критикува. Подобро мора да ни биде, и ќе ни биде. А кога? Кога ќе ни биде најлошо, ќе го допреме дното, па се надевам ако преживееме, ќе сфатиме дека нешто мора да се промени. За жал, нашиот синдром е тој.

Не го сфаќаме личниот проблем сериозно, но туѓиот секогаш го сметаме за болест. Така не се расте, ни во место дури така не се тапка. Така се тоне.

Дали поразите ги сметаш за подеднакво важни како и победите?

Јас моите порази ги сакам, ги љубам и сум пресреќна што се дел од мене. Моите победи им должат се’ на моите порази. Јас сум среќна и горда на се’ што е дел од мене.

Постојат ли денес супер-жени и кои се тие?

Сите жени се супер -жени и сите мажи се супер- мажи. Кога сакаат. Потенцијалот е во сите нас. Желбата е главниот мотив. Апсолутно се’ зависи од нас.

Што мислиш, дали преголемото „отсуство“ на жената во нашето општество е она што не прави инфериорни кон другите?

Жената во нашето општество е поприсутна од било кога. Жената е мајка, работник, домаќинка, пријател, сопруга, ќерка и многу други работи. Тоа е во ред, тоа беше целта на борбата, да се има право на избор. Е тука сакам да додадам нешто. Имено тој избор, значи дека жената има право да одбере како сака да го живее својот живот. Жената има право да одбере дали сака да биде на милион страни одеднаш, или сака да се фокусира на едно нешто, да биде мајка на пример. Жената има право да бира и притоа не треба да биде судена. Ако работиш и имаш деца, слушаш гласини дека едвај постигнуваш. Ако не работиш, тогаш си мрзлива. Тоа мора да престане. Сами се правиме инфериорни, ние меѓусебно, ние жените се буткаме меѓусебно, наместо да се држиме.

Дали можете да ни откриете детали од вашиот приватен живот, односно дали можете да ни кажете дали сте емотивно исполнети?

Емотивно сум исполнета и конечно го најдов својот баланс на среќа, сфаќајќи дека истиот потекнува од мене самата.

Дали твојата витка линија е резултат на правилна исхрана, редовна физичка активност или добра генетика?

На сите три, најверојатно. Внимавам што јадам, вежбам и се трудам да си правам добро на себеси и на своето тело. А тоа, тоа ми враќа двојно.

Некој бјути ритуал што редовно го практикуваш?

Секогаш темелно го чистам лицето пред легнување, со маска и пилинг два три пати во неделата. Ставам серум пред спиење и маска за лице која ја држам 40 минути  еднаш во неделата. На косата и ставам домашна маска еднаш неделно. Негата ми е многу важна и среќна сум кога се грижам за себе.

Дали ги следиш модните трендови и која е твојата добитна комбинација?

Ги следам, ама имам некој свој стил до кој се држам. Моја добитна комбинација е кошула, некое еднобојно сако и сукња. Без многу шаренило и храбри бои.

Твој совет за нашите жени?

Сакајте се, чувајте се и работете на себеси секој ден. Не критикувајте, не се жалете, туку менувајте се.

Фото: Ерина Богоева

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button