Се приближува големиот христијански празник Велигден, кој традиционално се слави во мир и молитва во кругот на семејството, но годинава, најверојатно, ќе треба да го одбележиме на малку поинаков начин.
Имено, Христијанските верници кои времето го сметаат според Грегоријанскиот календар, го одбележуваат Велигден овој викенд, односно на денешниот ден, 12 април, а како што веќе е познато полицискиот час е на сила од петокот во 16.00 часот и ќе трае до понеделник, до 5 часот наутро, што значи дека нема одење во црква, како ни семејни прослави.
Православниот Велигден е една недела подоцна, на 19 април. И за сега, сценариото е дека оваа година празникот ќе го празнуваме поинаку, со цел да се спречи ширењето на епидемијата на вирусот корона. Засега нема детални информации, освен дека строгата социјална дистанца ќе се применува за време на претстојниот викенд, а полицискиот час може да се очекува и за време на Велигден.
Во игра е следното сценарио
Тоа впрочем го најави и министерот за здравство Венко Филипче, кој во врска со претстојните велигденски празници, најави дека движењето на населението ќе биде сосема забрането, односно ставот е дека тогаш ќе важат истите мерки кои сега важат во време на викенд, со целосна рестрикција на движењето. Имено, Министерствата за внатрешни работи и здравство предлагаат за претстојните велигденски празници, полицискиот час во државата да биде дури и дополнително проширен и да трае 4 дена.
Според овој предлог, полицискиот час би требало да почне во 16 часот во Четврток на 16-ти април и би траел до 5 часот наутро во Вторник, на 21-ви април.
Според министерот за здравство Венко Филипче доколку се дозволи движење за време на Велигден, ситуацијата лесно може да излезе од контрола, затоа се предвидува мерките да останат исти и тој викенд.
Министерот повторно кажа дека врвот на заболени и пикот на болеста се очекува кон крајот на април, но дека веќе се разговара за мерки и се даваат упатства за тоа угостителските објекти и останатите фирми да продолжат со работа кога рестрикциите ќе почнат да се намалуваат.
Како што е претходно зборуваа нашите експерти, врвот на ширењето на корона вирусот се очекува да започне во периодот околу Велигден. Со сличен став е и докторот Дејан Докиќ кој при гостување на телевизија 24 изјави дека се очекува пикот на болеста да биде ублажен, бидејќи навремено се преземени ефикасни мерки за спречување на ширењето на КОВИД-19. Пикот, според нашиот доктор, се очекува да биде за време на верските празници што доаѓаат и доколку луѓето доаѓаат до поблиски контакти и во поголеми групи тоа ќе биде фатално по однос на пренесувањето. Тој затоа вели дека треба да бидеме сите свесни и одговорни во периодот кој следува.
Иако одењето во црква, причеста, литургијата како и традиционалното кршење јајца со најблиските, комшиите и пријателите, се составен дел од прославата не Велигден, оваа година тоа најверојатно ќе го пропуштиме.
Соопштение од МПЦ-ОА
Македонската православна црква преку соопштение од Светиот Архијерејски Синод (САС), согласно чл. 24, т. 46 од Уставот на МПЦ – ОА, имајќи ги предвид вонредните услови предизвикани од светската пандемија, а во интерес на здравјето на македонските граѓани, го упатува следново:
Наоѓајќи се во пресрет на најголемиот христијански празник – Велигден, САС уште еднаш се обраќа до парохиското свештенство, монаштвото и верниот народ, за почитување на веќе утврдените владини мерки што се на сила, сè со цел за да се намали ширењето на заразата од погубната болест меѓу нашето население.
САС ја истакнува потребата од продолжување на вонредната мерка за јавните собири, која прецизно го ограничува движењето и групирањето на луѓето, а која ќе важи како за овие денови, така и за периодот на претстојните Велигденски празници. САС подвлекува дека МПЦ – ОА нема да го прекине литургискиот богослужбен живот, затоа што тоа е нејзиниот идентитет и суштина на нејзиното постоење, но сепак таа се прилагоди на новонастанатите услови заради пандемијата и ќе се сообрази на вонредната ситуација, почитувајќи ги донесените мерки за заштита.
Храмовите ќе останат отворени
САС укажува дека храмовите на Македонската Православна Црква – ОА, за лична молитва на верниците, ќе бидат отворени, но притоа апелира одговорно да се почитува наложеното правило од државните власти во јавниот простор, во дозволените часови за јавно движење, времено да престојуваат исклучиво до пет луѓе на одредено растојание. Од таа причина САС на МПЦ – ОА повторно упатува апел за реално да се гледа опасноста од раширениот корона-вирус, кој веруваме, со Божја помош, ќе биде победен, доколку еднодушно и од страна на сите се почитуваат и следниве насоки:
Светите Литургии и сите богослужби да се одржуваат со неколкумина сослужители, со најмногу петмина верници, водејќи грижа да не се наруши веќе наложената мерка за јавен собир.
Со благослов на надлежниот епархиски архијереј, во своите парохиски храмови, верниците да пристапат кон Светата Причест, на начин што е веќе востановен и утврден.
На повозрасните, изнемоштените и имунослабите лица, како и на децата, им препорачува да останат во своите домови. Доколку имаат духовна потреба, истите да се најават кај своите парохиски свештеници за да бидат причестени во домашни услови.
Во оваа вонредна состојба го благословува и го смета за полезно медиумското пренесување на црковните богослужби од националните и локалните медиуми, како и на интернет ресурсите. Оние, пак, кои во претстојниов период се одлучиле за самоизолацијата, или, пак, на кои истата им е наложена како превентива против заразата, ги охрабрува во нивната самопожртвуваност, затоа што таа ги штити и нив, но и другите околу нив.
Со своето однесување, никој не смее да биде причина за нарушување на востановените безбедносни регулативи и постоечките здравствени норми.
Евентуалните прекршители на вонредните владини мерки треба да понесат сопствена одговорност.
Упатува апел за внимателен однос кон корона-позитивните лица, препорачувајќи да се избегнуваат обвинувања врз таа основа.
Доколку се констатира остварен контакт со позитивен носител на овој вирус, во црковно-административен објект, парохиски храм или манастир, да се следи протоколот предвиден од надлежните здравствени власти и веднаш да се пристапи кон карантински услови, дезинфекција и самоизолација.
Припадниците на клирот да ја следат личната здравствена состојба и при секој изразен симптом, познат за оваа болест, да го известат својот матичен лекар.
Погребите да се извршуваат на отворен простор, а крштевките, доколку е неопходно, во кругот на најтесното семејство.
Во оваа прилика, САС на МПЦ-ОА упатува благодарност кон сите трудољубиви работници во здравствените, безбедносните, транспортните, енергетските, медиумските и другите служби од јавен карактер, кои му овозможуваат на нашето население, во овие вонредни околности, непречен тек на животот, а со својот труд придонесуваат за општото здравје и за заедничката безбедност.
Црквата, во своите литургиски соборни молитви, секогаш се моли и за оние нејзини чеда коишто од оправдани причини отсуствуваат од богослужбите.
Распнатиот и Воскреснат Господ Исус Христос – Лечителот од сите болести, нека биде со сите! Амин!
Од Канцеларијата на САС на МПЦ – ОА