Исповед на една Македонка – еве зошто ми е помил крпениот живот во Македонија отколку да живеам богато во Швајцарија!
Приказни од животот…
Како и повеќето млади и образовани луѓе во Македонија, но и целиот регион, откако завршив факултет почнав сериозно да барам работа. Впрочем и претходно работев, но сезонски, најчесто во угостителските дејности, ништо посериозно. Неколку пати бев на работа и на островите во Грција, но само за да соберам пари за џепарлак и да можам да си дозволам некој подобар годишен одмор. А сега, откако го завршив факултетот прв пат се пријавив во бирото за вработување, решив да се јавам на сите огласи што ќе го најдев на интернет, и секогаш кога ќе ме викнеа одев на глупавите разговори за работа и тоа траеше цели две години. Во меѓувреме работев во кафуле, за да не бидам без скршен денар во џебот.
По една година од дипломирањето ме викна братучетка ми во Швајцарија да и бидам гостинка некое време. Бидејќи немав пари за едно вакво патување, а не сакав да бидам на нејзиниот грб, побарав од неа да ми среди тој период и нешто да поработам. Таа реши дека најдобро ќе биде да и помагам во нејзината работа, и за тие два месеци заработив пари колку што во Македонија нема да заработам можеби ни за цела година. Но и дознав како тука се цени секоја работа .
Ветената земја
Швајцарија за многу Македонци важи за ветената земја. Стандардот навистина е висок, животот квалитетен, градовите се средени како во бајка, законот се почитува…
Како и речиси секое просечно семејство во Македонија, и ние имаме роднини кои заминале да живеат во странство. Некои веќе со години се во најразлични делови од Европа, но имам и роднини кои живеат во Австралија. Мојата најдобра другарка пак има роднини во Канада, така што отприлика знам по некој во секоја држава во која одат на печалба нашите граѓани. Во Франција, Шпанија, Италија бев и претходно, но ова ми беше прв пат да ја посетам во Швајцарија, и во првиот момент бев позитивно изненадена од оваа држава.
Додека студирав одев на островите во Грција за да работам, неколку пати на Миконос и еднаш на Крит. Но тоа секогаш беа некои сезонски работи, не размислував да останам, туку само да заработам некоја пара, да си поминам убаво, и да се вратам и да продолжам со студиите. Сакав што побрзо да дипломирам и потоа да одлучам што ќе правам понатаму во животот. Но кога дојде и тој ден, односно кога конечно се најдов со дипломата во рацете, реалноста беше немилосрдна – се најдов сама во Скопје, градот каде што студирав, каде не познавав никого освен пријателите од факултетот, без никакви врски за вработување, а тоа тука ви е алфа и омега, но и со никаква желба да се зачленам во политичка партија.
Од друга страна и немаше логика повеќе да ми испраќаат пари од дома, затоа што студиите ги завршив, а и татко ми и мајка ми одвај крпеа крај со крај. Исто така во родниот град не сакав да се вратам – сакав да си ја пробам среќата на некое поголемо место, а и некако се навикнав на животот во Скопје. Едноставно го засакав овој град, со сите негови маани…
Пакување на куферите
Кога конечно по две години решив да заминам кај братучетка ми, неколку недели претходно само што запознав момче со кое почнавме да се дружиме. И тоа беше малку посериозно. Но и тој беше како мене – без сериозна работа и без идеја што да прави со животот за во иднина.
Не живеевме заедно, но некако си се погодивме, па се шегувавме дека одам во Швајцарија и дека наскоро и него ќе го приберам. Но не излезе онака како што планирав. А таму – таму некако си го променив мислењето! Мојата братучетка во Швајцарија замина само што наполни 18 години.
Таа се омажи со човек од Македонија, но кој веќе живееше во оваа земја, и кој од неа беше постар 12 години. Таа е веќе десетина години тука и работи како куќна помошничка во неколку буржоаски семејства. Покрај оваа работа, таа заедно со нејзиниот брат, кој од пред неколку години исто така е на печалба, со нејзина помош, одржува и неколку згради, така што тие навистина лесно ми најдоа работа. Кога бев со неа во куќите, требаше да ги мијам прозорите, да ставам вода во цвеќињата, да поминам со правосмукалката.
Работата не беше воопшто тешка, а заработката и повеќе од доволна. Барем за мене. Бидејќи немав трошоци за кирија, јас за тие два месеци навистина собрав пари со кои можев да поминам цела година во Скопје. Единственото нешто што ми беше криво е што завршив студии, а работам како чистачка, но во разговор со другите нашинци тука дојдов до заклучок дека за да работам на струката, ќе мора да завршам студии или некои курсеви, бидејќи мојата диплома не важи.
Од друга страна, и јазикот е голема пречка (во Швајцарија многу повеќе ќе ви користи германскиот, францускиот и италијанскиот отколку англискиот!), а откако ќе го научите, и ако имате среќа, можете да најдете и подобра работа. Она што исто така ми остави силен впечаток, е тоа што тука секоја работа се почитува, па така секогаш кога ќе ме сретнеше некој во влезот додека чистев, ќе ме поздравеше, а понекогаш и ќе поразговараше со мене. Ги интересираше од каде сум и каков човек сум. И кога ќе забележат дека си човек, дека вредиш и го „чуваш“ образот, сите те почитуваат.
Никој не те гледа со потценување заради она што го работиш, а дека тоа е така кажува и тоа што градоначалникот во општината во која што живеевме, работеше во исто време и како мајстор за парно. Ова случајно го дознав кога тој дојде во станот во кој бев сместена, нешто во врска со одржување на парното, и ми се претстави. Во првиот момент бев изненадена како мое градоначалник да работи ваква работа, но подоцна сфатив дека тука постојат и милионери кои работат како поштари или шофери на градскиот превоз.
И тоа е можеби единствената работа што ќе ми недостига од Швајцарија, бидејќи ние се уште сме далеку од ваквата култура. А жално е што за тоа не ни требаат пари, туку само добра волја, и вистинските луѓе на вистинското место. Но тоа за нас очигледно е сон, невозможна мисија…
Носталгија
Првите неколку недели беше ОК. Поминаа брзо. Но јас веќе следниот месец почнав да се чувствувам како странец и почна да ме фаќа носталгија за дома. Сакав да се вратам дома во Македонија, во Скопје, каде и по 12 часот можеш да излезеш надвор, да купиш бурек или пица, каде и преку викенд имаш што да правиш, каде не е сé празно и пусто, посебно преку неделата кога сите се на работа. Дома едноставно се чувствувам слободно, како своја на свое. И тоа е така во секое време, за разлика од тоа што тука засекогаш остануваш туѓинец. Дури и парите што ги заработив за тие два месеци, не беа доволни за да ме убедат еден ден да посакам да живеам во Швицарска. Мислам да бидеме на чисто – не е дека не им љубоморам на луѓето што возат убави автомобили, што домовите им се средени како да сте во некој салон за мебел и живеат во големи куќи и станови, што патуваат низ целиот свет на годишен одмор, еднаш преку лето и еднаш преку зима, но верувајте тие одвај имаат време за себе, за своето семејство, пријателите. Тука навистина е реткост да најдете некој што се уште ги има истите пријатели од своето детство. Реткост е да најдете семејство кое живее заедно или во близина со своите деца. Реткост е да најдете топлина која кај нас ја имате на секој чекор, а тоа со пари не се купува!
Не знам. Можеби еден ден ќе се каам и ќе мислам дека бев луда што одлучив да се вратам во Македонија, но јас сум решена да останам тука и тука да се борам за себе, за својот живот и за својата подобра иднина. И нема да се премислам, знам дека не е лесно и подготвена сум за тоа. Можеби оние што дома им е толку лошо и одвај врзувале крај со крај во својот крпен живот (да се разбереме, такви во нашата земја ги има многу и јас потполно ги разбирам!) нема никогаш да се вратат, но јас се уште имам сила и не се предавам.
Надеж
Се уште сум оптимист и верувам дека работите наскоро ќе тргнат на подобро иако знам дека на секое коше постои некое разочарување, некој камен кој само не чека да поминеме и да ни се закачи на вратот и да ни го направи животот „поинтересен“. Но верувајте, некако се навикнав на таквиот хаос, и една држава како Швајцарија за мене изгледа премногу средено за да се пронајдам во неа. И ако на ова ги додадам сите оние прошетки и излегувања со другарките, ручеците кога одам на гости кај моето семејство, не јас дефинитивно не сакам да заминам и да ја напуштам Македонија и ќе дадам сé од себе и тука да ми биде убаво. Затоа и решив да ги засукам ракавите и не се предавам.
И не, нема да извадам партиска книшка и да станам роб на партијата, како што тоа го направија многумина, и кои навистина ги жалам затоа што еден ден ќе се разбудат и ќе сфатат дека животот поминал, а тие не виделе ништо од него, не научиле ништо друго освен да бидат партиски послушници и да гувеат на своето работно место, а можеби еден ден ќе треба да ја напуштат и администрацијата. И тогаш, ние во приватниот сектор ќе заработуваме многу повеќе од нив, а тие нема да бидат способни за тоа. Нивната партиска послушност ќе ги затупи. Да, искрено се надевам дека ќе дојде и тој ден, а до тогаш ќе пробам да направам и нешто сама. Ќе отворам некој бизнис, имам милион идеи. Имам заштедено некои франци од Швајцарија, а доколку ми треба уште некој денар или ќе позајмам од братучетка ми или повторно ќе заминам да поработам неколку месеци. Мислам дека и моето момче го сака истото и ме разбира.
И затоа ќе дадам сé од себе да останам тука, а времето ќе покаже дали бев во право или не …