Австралија прв пат укина виза поради непријавена храна во обид да се заштити од африканска свинска чума.
Министерката за земјоделие Брижит Мекензи изјави дека 45 годишна жена која пристигнала во меѓународниот аеродром во Сиднеј имала непријавена храна во својот багаж меѓу која и 4.5 килограми свинско месо.
Таа е вратена во Виетнам и властите и забранија враќање во Австралија на три години, изјави Мекензи.
„Мораме да го одржиме својот статус на држава без сериозни болести и штеточинци“, изјави Мекензи пред новинарите. Таа додаде дека процент на шверцувано месо загадено со африканска свинска чума е зголемена за 15 отсто од февруари на 48 отсто во септември.
Во Австралија има околу 2.5 милиони домашни свињи, а се проценува дека има пет пати повеќе диви стада.
Уништувањето на стадата надвор од Австралија поради чума создаде можности оваа земја да извезува на тамошните пазари свинско месо, вклучувајќи ги Сингапур и Филипините.
Но Австралија нема договор за трговија со свинско месо со Кина која според зборовите на Мекензи, се соочува со 10 милиони метрички тона годишно дефицит на протеини поради африканската свинска чума.
Инаку, пред десетина дена африканска свинска чума беше детектирана и во Македонија во пратка од Шпанија. Пратката тешка 21 тонa не беше пуштена во промет, а месото е уништено. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Атанасов тогаш изјави дека нема опасност болеста да ги зафати македонските свињи. Тој изјави дека за случајот ќе бидат известени Светската здравствена организација за заштита на животните и Европската унија.
„Продолжуваат превентивните мерки кои Агенцијата ги спроведува на терен. Апелираме до граѓаните да не внесуваат производи од животинско потекло во државата, особено од земјите каде е прогласена болеста африканска свинска чума. Продолжуваат мерките да се забрани чувањето на отворено на свињите во државата, како и мерката на депопулација во оние биоодгледувалишта кои немаат основни биосигурносни мерки“ изјави тогаш директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Зоран Атанасовски.
Инаку, африканската свинска чума нема штетни последици по здравјето на луѓето, но може да причини огромни економски штети и да го колабира свињарството