Еве кој политичар од jaнуари ќе зема 190 000 денари плата!

Платата на сите функционери несопирливо ќе расте со порастот на просечната плата, оти така е уредено со законот и веќе од јануари 2024 година тие како основица ќе ја имаат просечната исплатена плата по вработен за 2023 година, која се очекува да биде значително поголема од просечната бруто-плата за 2022 година.
Како што анализира „Слободен печат“, од 1 јануари нивните месечни примања ќе бидат зголемени и до 40.000 денари бруто, односно 24.000 нето за највисоките функционерски плати!
За споредба, просечната бруто-плата лани изнесувала 43.509 денари, во јануари годинава била 50.837 денари, а во веќе во јули 54.434 денари.

Фото илустрација
Така, околу 2.000 функционери – министри, заменици-министри, пратеници, судии, градоначалници, раководители, советници и други избрани и именувани лица ќе земаат уште по најмалку 150 евра месечно, а најмногу по 400 евра месечно, во зависност од коефициентот на сложеност, а кој е од 2,2 до 4,5.
Додека граѓаните се во грч од нови поскапувања, функционерите одбројуваат до следното зголемување на нивните плати и тоа од 300 до 500 евра.
Па така, шефот на државата, следната година ќе зема околу 190 илјади денари плата, премиерот Ковачевски 180, а пратениците над 122 илјади денари.

Фото илустрација
Ваквото зголемување ќе биде редовно секоја година, оти Уставниот суд ја укина фиксната основица, па сега, како расте просечната плата, така ќе растат и платите на министрите, судиите, обвинителите, градоначалниците…вкупно 1.060 функционери.
Според синдикатите, ова уште повеќе ќе ги налути работниците.
„По наши математики тоа ќе биде околу 15%. Тие 15% нема да бидат на платата мината од илјада евра, туку на 2,3,4 илјади евра колку што добиваат функционерите.

Фото илустрација
Не знам со кого пијат кафе министрите или пратениците од сабајле, ама би било убаво да испијат кафе со некој од приватниот или јавниот сектор и да ги прашаат колку е реална платата што ја добиваат на нивните сметки.
Бидејќи со 20 илјади денари минималец не се издржува“ – Трпе Деановски, УПОЗ
Дополнителните 15 отсто догодина, сосе 78-те од годинава, значи дека за една година функционерските плати ќе бидат зголемени за цели 93%.
Опозицијата ветува дека ќе ја менува пресметката откако ќе дојде на власт.

Фото илустрација
„Ќе имаме нов правилник на исплата на плати и нивелирање на коефициентите и нова методологија и тогаш нема да биде случај ова вие што го кажувате“ – Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ
Судската и обвинителската администрација бараат пораст на платите како функционерските, a бурно реагираа и останатите вработени во јавниот сектор кои добија само 10% зголемување.

Фото илустрација
Владата уште во април најави дека самата ќе ги спушти коефициентите за пресметка, па се премисли и рече дека ред со платите ќе стави нов закон кој е закочен поради многубројните забелешки од сите синдикати.
Пенизионерите од Штип не се откажуваат од барањата за линеарно покачување на пензиите, но тие сега бараат линерално покачување на пензиите за 5.000 денари.
Соња Арсовска член на Иницијативниот одбор за протести на пензионерите вели дека тешката социјална положба во која се наоѓаат, првпат во историјата на државата ги изнесе на улица за да си ги бараат своите права.
– Ќе продолжиме со протестите и ќе бараме и понатаму линеарно покачување на пензиите ама сега не за 3.500 денари, туку за 5000 денари, а зошто? Затоа што инфлацијата си го зема данокот, цените од 5 и 8 денари не ја менуваат нашата социјална положба, вели Арсовска.

Тие упатија и прашање до ресорната министерка, Јована Тренчеовска како може да се наруши стабилноста на фондот за пензинско и инвалидско осигурување ако има линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари, а не се наруши стабилноста на Буџетот кога се покачија на платите на функционерите од 78 проценти.
– Немаме достоинствени пензии кои ќе ни бидат доволни за достоинствен живот, сакаме да си го земе секој она што му припаѓа. Ако направиме споредба 5.3 проценти со вашите 78 проценти, за ленарно ќе се наруши стабилноста на фондот, а со вашето покачување од 78 проценти не се нарушува стабилноста на Буџетот, порачаа пензионерите, кои денеска се собраа пред Здружението на пензионери во Штип.




