Можеби не сте знаеле но во листата со најголеми емитувачи на јаглероден диоксид во Европските земји се и авиокомпаниите.
Па така како што неодамна пишуваше Дојче Веле на македонски јазик, на десеттото место во Европа по емитување на ЦО2 во воздухот не е некоја електрана која што работи на јаглен, туку авиокомпанијата „Рајанер“.
Оваа авикомпанија со своите ниски цени за авиобилети придонесува луѓето се почесто да патуваат со авион, но пратениците на ЦСУ во германскиот Бундестаг сега очигледно сакаат да се спротивстават на „дампинг цените” на авиокомпаниите кои нудат евтини летови.
Па така Александар Добринт во изјава за германскиот „Билд“ предлага за авиобилетите кои се под 50 евра да се воведе „казнен данок“. Професорот пак за туризам и сообраќај на вишата школа Вормс, Франк Фихер, во разговор за ДВ вели претставата дека секој може да лета за 9,99 евра е погрешна. Според него оваа цена ја плаќаат само неколкумина, а и тие за повратниот лет ќе мора да платат повисока цена. Просечната цена за билет кај „Рајанер“ е околу 40 евра од лет, а дополнително се наплатуваат и услуги за багаж или резервација на места од околу 15 евра.
„Ако ‘Рајанер’ го користите за повратен лет, ќе ве чини во просек околу 110 евра”, калкулира Фихерт. Според германскиот професор и експерт цената од 9,99 евра за билет е маркетинг трик и ништо повеќе, а во реалноста човек кој сака да купи евтин билет наместо по оваа цена, најчесто ќе најде билет по повисока цена и повторно ќе ги букира билетите.
Сепак, експертите сметаат дека навистина е голема веројатноста предлогот на Добрин за казнен данок никогаш да не заживее. Наместо неговиот предлог за „казнениот данок“ во Европа сериозна се размислува да се воведе ДДВ на керозин и предлогот е веќе на разгледување во ЕК.
Но, за даночни прашања важи принципот на едногласност во Советот на ЕУ, а туристичките земји од Средоземјето би имале доволно причини да ги спречат ваквите реформи. „Грција е во конкуренција со Турција за туристи”, вели експертот за авиосообраќај Фихерт за ДВ. „Тие би имале даночни приходи, но и намалување на бројот на туристи.” Но поради енормното загадување, во Европа сериозно се размислува дека само данокот, а со тоа и преку повисоките цени ќе може да се запре понатамошно зголемување на негативниот ефект од воздушниот сообраќај врз климата.
Ситуацијата е толку лоша, што и предлогот на Добринт за казнен данок за нискобуџетните летови нема да ги промени нештата. Од друга страна тоа не се вклопува во пазарната економија на компаниите бидејќи на тој начин им се наметнуваат цени и најверојатно овој предлог нема никогаш да заживее. Но и покрај тоа, како што пренесува ДВ, Министерството за транспорт во Германија нема намера евтините летови да победат.
Ова пак може да значи само едно, а тоа е дека времето на евтините летови полека но сигурно истекува.