Реклама
Интервју

„Детето е површно и несигурно кога родителот наместо љубов му дава подароци“

Реклама

Интервју со Ирена Христовска

„Љубовта не се купува, ниту пак се продава. За љубовта нема компензација. Секое дете многу тешко го поднесува недостатокот на родителската љубов и грижа. За да се ‘искупат’ детето го опсипуваат со подароци, пари  или претерана грижа околу исхраната. Детето станува површно, суштински неисполнето и несигурно, постојано преиспитувајќи се дали е вистински сакано. Искуствата говорат дека децата на презафатените родители, можат на различни несоодветни начини да ја привлекуваат родителската љубов“, вели Ирена Христовска, Магистер по комуникации и медиуми, академски блогер на Институтот за комуникациски истражувања, обучувач, едукатор, сертифициран говорник и тренер за личен раст и развој, НЛП и Points of you практичар во своето интервју за Гламур.

Ирена на 1 февруари ќе одржите работилници за родители. Објаснете ни за што конкретно станува збор?

На 1-ви февруари почнува циклусот на работилници наменети за родители, како и за сите оние кои работат со деца. Циклусот на работилници ќе трае до крајот на месецот февруари, а работилниците се организирани да се одржуваат секој викенд  од 17 до 19 часот. Родитлството е процес кој започнува со раѓањето на детето. Велат тоа е занимање  за кое не постои образование. Секој родител го воспитува и подига своето дете од искуството низ кое поминувал како дете и како возрасен. Најчесто, како родители ги применуваме концептите кои сме ги стекнале и искусиле во детството и веруваме во нив. Некогаш сме свесни, а некогаш несвесно и рутински постапуваме во родителствувањето. Се случува да се запрашуваме дали правилно постапуваме со своето дете? или пак, Што направив, каде погрешив? Зошто не ме слуша, а постојано едно исто му зборувам?…и ред, ред  други прашања поставуваат родителите,  разменуваат искуства, се обидуваат нешто да променат, повикувајќи се на туѓото искуство…, а  сепак на крајот да нема ефект каков што посакуваат. Токму од тие причини организирам ваков тип на работилници, каде родителите отворено ќе поставуваат прашања за сé што ги интересира за развојот на своето дете. Работилниците се интерактивни, па родителите се во можност да разменуваат искуства, да дополнуваат, да даваат свои предлози, да слушнат нешто ново, да научат нови и веднаш применливи начини на комуникација и однесување, како со себе така и со своите деца и со луѓето во нивното опкружување. Мојата цел е со овие работилници , да  ги охрабрам родителите да се позанимаваат со прашања кои се релевантни за однесувањето и потребите на денешните деца во опкуружување кое не ги осудува туку им дава подршка. Мораме да ја разбереме нашата обврска и пред се должност, на децата да им дадеме можност да ја развијат одговорноста и мотивацијата, по пат на ефикасна и квалитетна комуникација. Комуникацијата како процес е постојано присутна. Секогаш велам дека ние комуницираме и кога молчиме и кога спиеме и кога сме само присутни. Комуникацијата е навистина важна во нашиот живот и тоа како вербалната, така и невербалната. Особено е важно каков пример има даваме на децата и дали нашата вербална комуникација соодветствува со невербалната (дали тоа што го зборуваме одговара на тоа што го праваме и е пример од кој сакаме да испратиме порака на детето). Родителот кој на ефикасен начин комуницира со своето дете, овозможува кај детето да развие чувство на сигурност, доверба и разбирање, а сето тоа позитивно влијае на развојот на емоционалната и социјалната интелигенција, воспосотавување на квалитетни односи и превентивно влијае на предизвиците на светот во кој живееме. Како вешто да комуницираме со себе и со другите, а посебно со нашето дете за да не разбере, е навистина умешност.Често се случува да луѓето кои работат во воспитно-образовните институции да се поистоветат со својата професија, при тоа заборавајќи го приматот за семејната улога – родител.

Маркетинг

 

Циклусот има 5 работилници, од кои некои имаат два или три дела. Накусо кажете ни со какво искуство ќе се стекнат родителите? И дали ќе имаат можност да поставуваат конкретни прашања и да споделуваат свои искуста, а можеби и проблем?

Секоја работилница е на посебна тема. Траењето на работилницата е во зависност од темата која се обработува. Родителите и сите оние кои се занимаваат со работа со деца ќе се стекнат со искуства и знаења кои се веднаш применливи. Сите родители кои ќе присуствуваат и ќе бидат дел од овие работилници имаат можност да поставуваат конкретни прашања за било каков предизвик од секојдневието. Буквално отворено, без никакви маски и спакувани зборови, без предрасуди и слободно можат да дискутираат, да прашуваат, да споделуваат искуства за односите во семејството, за односот во институциите каде се образува и воспитува детето. Не само што можат, туку тоа е потребно и пожелно секој да го изнесе проблемот, па да видиме дали е тоа вистински проблем или само предизвик кој ни дава можност да растеме и да се запрашаме – Што учам јас од сево ова што ми се случува? Е, што учиме, како учиме и како да постапиме, имаме ли избор… сето тоа ќе биде главната цел на сите работилници.

Маркетинг

Родителите денес се презафатени и немаат време за своите најмили. Но затоа знаат со еден добар пар патики, телефон и подароци да ја надоместат љубовта мислејќи дека подигнуваат среќно семејство. Која е Вашата порака и совет до овие родители?

Љубовта не се купува, ниту пак се продава. За љубовта нема компензација.Секое дете многу тешко го поднесува недостатокот на родителската љубов и грижа. Презафатените родители немаат доволно време да се посветат на детето поради својата кариера стекнување пари или општествена позиција. Ретко го поминуваат времето заедно и постојано  се во некаква „фрка“ и „трка“. Кога ќе дојдат од работа се уморни или нервозни, па некоја „ситна“ работа која детето ќе ја направи, може родителот да го „извади“ од контрола и детето да биде строго казнето или пак од друга страна, може да му се дозволи да прави што сака, зашто „немаат ни време ниту пак сила да се расправаат“. За да се „искупат“ детето го опсипуваат со подароци, пари  или претерана грижа околу исхраната. Детето станува површно, суштински неисполнето и несигурно, постојано преиспитувајќи се дали е вистински сакано. Искуствата говорат дека децата на презафатените родители, можат на различни несоодветни начини да ја привлекуваат родителската љубов. Агресивното или деструктивното однесување, често се гледа кај нив. Тие деца едноставно се желни за прегратка, внимание, грижа, пофалба, сигурност, а сето тоа материјалните подароци не можат да им го пружат. Затоа, родителите мора да знаат дека нема таков подарок кој може на детето да му го замени присуството, блискоста и љубовта на родителот.

Често дел од родителите се обвинуваат самите себеси и си го поставуваат прашањето „Што е ова што ми се случува, зошто не ме слуша моето дете?“. Дали можеме да препознаеме што сака детето да ни каже и тогаш кога детето не ни зборува?

Апсолутно да. Детето најчесто многу пораки ни упатува кога ништо не ни кажува.Доколку умееме да ги следиме неговите невербални знаци, неговата експресија на лицето, погледот, движењето на очите, положбата на главата, држењето на рацете (дланките), ставот на телото, дишењето, усните, па ако сакате и грицкањето на нокти…, многу работи можеме да увидиме и разбереме.Сите овие невербални елементи потребно е да ги следиме и при вербалната комуникација, при што ја следиме и тонот, интонацијата, динамиката на гласот на детето, нагласувњето на одредени зборови. Невербалната комуникација опфаќа 93%, а на вербалниот дел од комуникацијата припаѓаат само 7 %. Затоа многу повеќе можеме да дознаеме што сака да ни каже детето од невербалната комуникација отколку ако ја слушаме само содржината на зборовите.

Децата знаат често да сокријат од своите најблиски кога се случува некакво насилство врз нив на училиште или со другарите. Како да препознаеме дали нашето дете е жртва на врсничко насилство? И како да помогнеме на дете кое трпи врсничко насилство?

Секојдневно сме во ситуација да гледаме, прочитаме или слушнеме од најблиското опкружување дека децата биле изложени на врсничко насилство.

Главни карактеристики на врсничкото насилство се траењето, негативните постапки и нерамноправноста. Тоа конкретно значи дека детето, во текот на подолг временски од страна на надмоќниот врсник трпи насилство, кое подразбира намерно задевање, повреди или предизвикување на непријатност. Нерамноправноста се огледува во улогите на жртва и насилник, при што улогата на насилникот е надмоќна физички или општествено.

Иако има различни облици, воглавно прва асоцијација е физичко насилство. Под физичко насилство се подразбира ударање, штипење, туркање, одземање и уништување на работите. Покрај ова, застапено е и вербалното насилство, кое се огледува во навреди, дофрлување, потсмевање, закани и именување на жртвата со погрдни и вулгарни имиња. Неопходно е да се спомене и сексуалното насилство, како и дигиталното, интернет насилство, кое може да ги обедини повеќето облици на насилство.

Потполно е исто дали детето трпи физичко насилство од страна на другарите или психичко, вербално, невербално, сексуално и Интернет насилство меѓу врсниците денес се честа појава, без разлика на тоа дали тоа се одигрува во училиште или надвор од него.Трагично за родителите, општеството, училиштето е да на тоа насилство не се изреагира адекватно и ако се се дозволи  детето- жртва да подлегне на „нападите“ и да се откаже од себе. Најтрагично е што детето се чувствува незаштитено и само и тоа во овој „презаштитен“ систем на растење и развој на единката.

Жртвите на врсничкото насилство најчесто се препознаваат по особините кои ги карактеризираат. Најчесто тие се повлечени, потчинети со ниско самопочитување. Токму така повлечено и плашливо дете лесно станува мета на децата кои сакаат да ја искажуваат својата сила и моќ над послабите од себе. Најлесно е да си „играте“ со некој кој не се завзема за себе, бидејќи на тј начин станува лесно приемчива жртва. Според психолозите, детето кое е жртва на врсничко насилство, родителите можат да го препознаат по промените во начинот на однесување и промените во расположението, на пр. Одеднаш се плаши да оди во училиште, ги моли родителите да го однесат или одбива да оди во училиште и глуми дека е болно, има болки во стомак или главоболки, почнува да бега од часови, промена во одење и враќање од училиште (доцни или се враќа порано), намалување на успехот во училиште, се повлекува во себе или е напнато, нема апетит, има лош сон, доаѓа со искината облека од училиште, со оштетени книги, со модрици или гребаници, доаѓа изгладнето бидејќи „насилникот“ му ги земал парите за ужинка, ги „губи“ своите работи или џепарлакот, при што дава неверојатни изговори и оправдувања за наведеното однесување.

Комуникацијата е еден од начините на превенција, но и еден од начините на санирање на последиците. Разговорот секако нема да биде ниту пријатен, ниту лесен, но со молчењето агонијата може да продолжи. Разговорот мора да почне и на детето  да му се обезбеди сигурност дека тоа може да им верува на своите родители и дека може да се потпре на нив.Важно е да се дознае колку долго трае насилството, на кој начин, каде и кој го врши.

Родителите треба да бидат искрени во комуникацијата и покажувањето на емоциите и никако да не даваат ветувања кои не можат да ги исполнат. Важно е да се остане присебен и да се поддржува своето дете, да се превземат чекори со цел да се заштити детето. Проблемот со насилството не треба да биде табу тема, бидејќи само така може да се побара и добие помош. Само со подршка на сите чинители на системот, вклучувајќи ги и училиштата и сите институции, децата и родителите ќе успеат да направат промена.

На една од работилницие ќе се зборува и за самодовербата. Како родителите можат да помогнат во развојот на самодовербата кај своето дете?

Детето, велат не се раѓа психолошки отпорно или неотпорно. Тоа е вештина, поточно збир на вештини и техники кои се стекнуваат и се учат. Во стекнувањето на тие вештини, родителот може многу да помогне. Внатрешната слика за себе се развива многу рано. Од раѓање бебето учи како родителите реагираат на него, а околу 18-иот месец од животот, детето станува свесно дека има посебен идентитет. Токму тогаш, родителите би требало да посветат внимание на темпераментот и интересот на детето и врз основа на тоа да ги усогласат своите очекувања. Како детето ќе се види самото себе и дали ќе веруваат во своите способности, во најголема мера зависи од нивните родители, тврдат експертите. Секој родител се надева , дека неговото дете развива позитивно чувство на самопочитување и самодоверба, но ретко кој е свесен колку е важна неговата улога . Детето кое има самодоверба се препознава по тоа што има позитивно мислење за себе, верува дека може да ја заврши секоја задача, слободно истражува и не стравува од неуспех. Постои една изрека која вели:„Не барај потежок товар, туку посилни раменици“. Во животот не можеме да ги избегнеме тешкотиите , ниту пак можеме да го заштитиме своето дете од тоа да доживее неуспех. Во животот го чекаат интересни работи, како и повремени разочарувања.  Кога децата не развиваат самодоверба, фокусирани се на неуспех наместо на успех, на проблеми наместо на решенија, на препреки наместо на цели. Како родители, треба да внимаваме кон што ние се фокусираме зашто нашите деца го следат нашиот пример.

Не постои единствен рецепт како да изградите чувство на самодоверба кај своето дете, бидејќи секое дете е посебна индивидуа. Тоа што е потребно на секое дете е безусловно почитување, односно прифаќање  на детето како личност, па дури и кога неговото однесување е неприфатливо. Секогаш мора да се одвои личноста од однесувањето. Многу често се поистоветуваат тие две работи, па доаѓа до етикетирање на детето дека е мрзеливо, слабо, трапаво, непедантно…Сето тоа ја подрива самодовербата и самопочитувањето кај детето, токму поради тоа што неговата личност ја поистоветуваме со неговото однесување кон нешто или некого. Тоа се случува и во воспитно-образовните институции.

Децата ја препознаваат искреноста во пофалбите, посебно во оние пофалби кои се насочени на одредена постапка. Секој сака да го пофалат, но не пречесто и премногу драматично, туку со причина и издржано објаснување и дискусија. Пофалбата да биде насочена кон трудот, а не кон резултатот. Во развојот на самодовербата и самопочитувањето важна улога има и подршката и бодрењето за конкретна задача, како и да му се дозволи на детето да донесе самостојна одлука врз основа на понуден избор и истата одлука да се испочитува. Ако детето сакаме да ги почитува другите, треба да му бидеме пример за тоа.

Секој родител кој има здрава самодоверба и самопочитување е пример за своето дете.

Колку родителите се подготвени да соработуваат со своите деца по завршените семинари и откако ќе го совладаат она што им го посочувате?

Искуството покажува дека родителите кои ги посетиле тренинзите, работилниците, предавањата на семинарите имаат позитивни искуства и евидентно подобрување на односите во семејството, посебно во односот со нивните деца. Доколку и децата се вклучени во процесот напредокот е уште поголем. Родителите и децата кои се вклучуваат во процесот добиваат и материјали кои им служат како потсетник во секојдневието. Соработката со родителите и децата продолжува и после работилниците и тренинзите. Отвореноста за соработка дозволува на родителите постојано да ме контактираат и да споделиме искуства, совети, да се консултираат за одредени ситуации на кои наидуваат. Задоволство е кога гледате како се менуваат и родителите и децата, како се исполнети и сигурни во чекорите кои ги превземаат и кога сето тоа ќе го крунисате со ведра насмевка, топла прегратка и искрена благодарност.

Колку нашите граѓани имаат интерес и потреба да посетуваат ваков тип на едукативни центри за личен и професионален развој?

Според моето искуство потреба дефинитивно имаме, можеби и интерес (повеќе љубопитност), недостасува одлучност за превземање акција и храброст, можеби и навика и секако прифаќање на нешто ново. Во оваа област сум пионер и сама го трасирам патот по кој чекорам. Како долгогодишен професор по одделенска настава (од1996) можам да констатирам дека обуки се организираат, но колку и како наставниците се вклучуваат инавистина се интересираат за истите. Се внимава на формата, а содржината се занемарува. Постојано приматот се става на професионалниот развој, а личниот е секундарен, наместо обратно. Секоја индивидуа треба првенствено да се изгради како личност која знае што сака , каде оди и зошто ѝ е тоа важно.  Не е само да се дојде на некое предавање, да се презентира и да се подели материјалот. Обуките, работилниците, предавањата, според мене треба да имаат душа. Сум имала предавања кои траеле и по пет часа, а наставниците си оделе со насмевка и исполенети. Овие обуки, работилници, семинари, предавања не се базирани на стереотипноста. Тие се фокусирани на личноста, развојот на личноста, спознавањето и разбирањето на себеси за да ги разбереме и другите. Како нација, или да не генерализирам, поголемиот број од луѓето се навикнати да посетуваат обуки, семинари, работилници за личен и професионален развој само доколку им е наложено од нивниот работодавач, потребен им е сертификат поради вреднувањето на истиот или ако е нешто „во шема“ (популарно).

Како долгогодишен просветен работник ја увидов потребата заваков вид советувања, тренинзи, консултации, предавања, па мојот фокус и таргет се родителите, децата и наставниците, поточно сите кои работат со децата. Во праксата низ моето искуство, се покажа дека повеќето меѓусебно се напаѓаат и си ја префрлаат топката. Кога нешто се префрла и критикува нема напредок. Напредокот се случува кога сме отворени за нови знаења, нови вештини, кога истражуваме, откриваме, па и да згрешиме, продолжуваме. Напредокот се случува кога има соработка, кога не бараме вина едни во други, кога се подржуваме , си помагаме и се насочуваме кон решенијата за доброто на сите нас.Треба да сфатиме дека сите сме дел од едно цело, а цело е кога сите сме обединети и се подржуваме едни со други.

Кои се следни активности на СЛОП ПЕНСАТОРИ?

СЛОП ПЕНСАТОРИ продолжува со активностите, како што се: коучинг за деца и младинци, на кои се применуваат повеќе техники вклучувајќи ја и НЛП методологијата;  Коучинг, косултации и советувања за родители и наставници; Тренинг за деца и родители; Тренинг за родители; работилници за тинејџери и адолесценти, на теми кои ги засегаат „Како да се справам со комплексите“, „Влијанието на социјалното опкружување врз личноста на младите“… Темите ги одредуваат потенцијалните учесници, кои по пат на анкета ги даваат предлозите.

Со Ирена разговараше Берта Мартиноска

 

 

 

г

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button