Роден е во Нурсиската област во Италија, во 480 година, од богати и угледни родители.
Не се задржа долго по школите, зашто брзо увиде дека заради книшкото учење може да го изгуби „големиот разум на својата душа“. Од училиште излезе како „ненаучен мудрец и разумен незнајко“. Побегна во еден манастир, каде прими монашки чин од монахот Роман и се повлече во една недостапна гора, па остана во една пештера трудејќи се околу својата душа повеќе од три години.
Роман носеше леб и го спушташе со јаже од една стрмна карпа до влезот на пештерата на Бенедикт. Кога се прочу по околината, за да ја избегне човечката слава, побегна оттаму. Беше многу суров кон себеси. Еднаш кога го спопадна демонот на блудот, се соблече и се валкаше по коприви и трња сè дури не отстрани од себеси секаква помисла на жена. Бог му даде многу духовни дарови: беше прозорлив, исцелуваше болни, изгонуваше демони, , им се јавуваше на луѓето и на јаве и на далечина и во сон.
Еднаш прозре дека чашата со вино што му ја дале е отровна. Ја прекрсти и таа пукна. Устрои дванаесет манастири, во секој од нив по дванаесет монаси. Подоцна се создаде посебен ред на бенедиктинци, којшто и денес постои во Римската црква. Ги собра сите монаси, ги посоветува и Му го предаде својот дух на Бога, Кому верно Му послужи во сиромаштија и чистота. Неговата родена сестра, Схоластика, живееше во еден женски манастир и по примерот на својот брат и самата се подвизуваше мошне строго и достигна големо духовно совршенство.
Кога Свети Бенедикт ја испушти својата душа, двајца монаси, едниот на пат а другиот во една оддалечена келија, молејќи се, видоа истовремено идентично видение: пат од земјата до небото послан со скапоцени ткаенини и од страните осветлен со редици луѓе; на врвот од патот стоеше еден човек со неопислива убавина и блесок, а им рече дека патот за Бенедикт, кој Му е омилен на Бога, е подготвен. Од ова видение двајцата браќа дознаа дека нивниот игумен заминал од овој свет. Свети Бенедикт се упокои во 543 година.