Кој еднаш присуствувал на неговите настапи во живо, посакал повторно да биде дел од нив. Момчето кое е главен виновник за добрата забава по ноќните барови низ земјава. Даниел Данн неодамна ја промовираше и својата најнова песна насловена „Завртив круг“, а за Гламур открива дека наскоро ќе објави и нов сингл.
Оваа година повторно се врати на фестивaлската сцена и тоа со одлична мелодија настапи на сцената на Макфест, какви се твоите импресии?
– „Завртив круг“ е мојата најнова песна која својата премиера ја имаше на Макфест, а главен “виновник“ за моето фестивалско учество годинава беше Кристијан Габроски кој е воедно и автор на истата. Имам одлични импресии од самиот настап и се надевам дека песната ќе стигне до што е можно повеќе слушатели.
Беше и специјален гостин на интернационалниот избор за „Мис Глоуб 2019„ во Црна Гора, како помина таму?
– Поканата за настап на Мис Глоуб ја добив благодарение на музичките уредници од Македонската Радио Телевизија кои сметаа дека сум соодветен преставник за овој настан. Со задоволство ја прифатив поканата и го сметам за еден голем чекор напред во мојата кариера. Сепак станува збор за интернационален избор, каде учествуваат над 60 земји, исто толку национални сервиси кои го пренесуваат изборот, а со тоа и милионска публика која го следи настанот. Настапив со еден од моите постари хитови „Створен да те сакам“ за кој добив одлични реакции.
Што ново подготвува Данн?
– Нова песна до крајот на годинава секако. Иако е делумно готова не сакав да се поклопуваат со макфестовската па решив да оставам простор. Другата причина е и тоа што новиот сингл го подготвував на англиски јазик, но во последен момент решив дека сепак ќе има и македонска верзија па со мојот тим сме во завршна фаза и наскоро ќе ве известиме за промоцијата на истата.
Што те мотивира?
Публиката, фановите! За среќа изминатава година ми е навистина исполнета со многу настапи во живо… и имам можност да презентирам голем дел од мојата работа пред многу луѓе. Се случува во моменти кога се чувствувам навистина физички исцрпен токму од нив да ја добијам потребната енергија и да заборавам на уморот. А уште поголема мотивација и за создавање нови песни е кога бараат повеќе моја авторка музика на настапите.
Како се релаксираш после еден напорен ден полн со обврски?
– Најчесто со работа во моето домашно студио, можеби да изгледам некоја серија, а доволно ми е и само убаво поминато време со најблиските за да ги наполнам батериите.
Имаш ли друга пасија освен музиката?
– Мислам дека не со таков интензитет. Со години наназад се занимавам и со графички дизајн, видео продукција… и тоа се некако дополнителни активности кои ми помагаат да се изразам целосно како артист. Во голем дел од моите видео изданија и дизајнерски решенија имам замешано прсти и го правам тоа со големо уживање.