Грција летово посакува туристи, ама оваа летната сезона е со нови правила – негативен корона тест и низа други одмор на грчките плажи
Грција како и секогаш сака и ова лето да пречекува туристи, но мора да бидат преземени мерки на претпазливост и како земја да покаже лидерство во управувањето со пандемијата од коронавирусот, наметнувајќи правила со чие почитување сите би се чувствувале безбедно, изјави грчкиот министер за туризам Хари Теохарис.
Во интервју за Би Би Си радио, тој рече дека е многу важно, во моментот додека се размислува за повторно покренување на моторот на економијата, како да се овозможат патувања и како одговорно тоа да се направи, пренесе АНА.
На прашањето дали мерките ќе вклучуваат и негативен тест на коронавирус од туристите пред да отпатуваат, грчкиот министер потврди дека тоа е една од идеите за кои разговарале со грчките епидемиолози, иако се уште не е одлучено ништо, и дека најверојатно ќе има одредени барања пред да се тргне на патување.
– Да, ние сакаме луѓето да дојдат во Грција. Секако дека ќе преземеме мерки за претпазливост во поглед на барањата пред патувањата, одредени барања според начинот на кој патуваме, начинот на кој остануваме, на плажите итн. рече грчкиот министер за туризам и додаде дека сигурно ќе се применуваат правила за социјално дистанцирање.
– Но ние дочекуваме туристи повеќе од 50 години, и сакаме да продолжиме да покажуваме гостопримство по кое веќе сме познати, рече Теохарис.