Интервју со актерот Васил Зафирчев
Познатиот македонски актер Васил Зафирчев со своето делување на сцената, во бројните претстави и серии се истакна како еден од најталентираните актери во нашата земја. Го гледавме и во серијата „Преспав“ во улога на Марио, па поразговаравме и на оваа тема, но и општо за уметноста, модата и неговиот личен стил. Покрај „штиците што живот значат“, му поставивме и неколку општи прашања, како на пример за вистинското пријателство на што ни даде мошне интересен одговор кој можете да го прочитате во продолжение.
Јавноста ве карактезира како ведар, насмеан и љубезен човек. Што може да ве налути? И која човекова особина најмногу може да ве повреди?
Ме лути лагата, човечката глупост, простотилакот и отсуството на срам. А најмногу ме повредува бесчувствителноста која за жал станува модус вивенди на современиот свет.
Постојат ли вистински пријателства? Дали сте човек коj простува или држи лутина?
Вистински пријателства можат да постојат само доколку постојат пред сé вистински луѓе, луѓе кои знаат кои се и што сакаат. Без тоа самоспознание нема вистинско пријателство, бидејќи тогаш нема што вистински да се гради и споделува, туку отсуството на сопствен живот само се компензира со опседнатоста од бавењето со туѓите животи. Во личните односи не држам лутина. Лутината е отровна и разјадува одвнатре. Затоа секогаш простувам, бидејќи ја прифаќам слабоста на другиот и ја отпуштам од себе. Но никогаш не заборавам.
Како се справувате кога ќе сфатите дека сте донеле погрешна одлука или пак сте погрешиле во врска со некого?
Не верувам во погрешни одлуки, секоја одлука за мене е само след на околности, случувања, настани и луѓе. Но, грешам секако. А грешките ги признавам и за нив секогаш се извинувам.
Кој е последниот филм кој сте го погледнале и ви оставил силен впечаток?
„Рома“ на Алфонсо Куарон, заради специфичниот режиски ракопис кој е многу личен и авторски, заради внимателно одбраните гами и бои во фотографијата, прецизните филмски мизансцени, но пред се заради едноставноста со која е прикажана суровоста на современиот свет.
Како ви се допаѓаат новите филмови во кои како да изостанува глумата, а акцентот повеќе е ставен на уметничките ефекти?
Филмот како и другите мас медиуми се повеќе сатнува средство за забава, отколку за длабока уметничка промисла. Европската кинематографија станува екскурс бидејќи се уште држи до високите стандарди на филмот како уметност. Иако за мене филмот, за разлика од театарот е пред се уметност на режисерот. Актерската игра е само еден од многуте сегменти на филмот.
Која е последната дестинација која ве оставила без здив (и зошто) и која е наредната која ви е во план да ја посетите…?
Силно ме допре посетата на Јужна Кореја, пред се заради миксот од различни а силни влијанија од источната традиција и култура. Следна фестивалска дестинација која ме очекува е југот на Русија, на Црното море.
Од ваша гледна точка, дали уметноста во Македонија се цени или се обрнува внимание само доколку настанот медиумски добро се изрекламира?
Уметноста кај нас се цени онолку колку што самите уметници кои ја созадаваат се ценат себеси. Може да се рекламира нешто што е однапред наменето за широка консумација. Уметноста не е и не смее да биде тоа.
Марио е вештиот манипулатор во „Преспав“, беше ли тешко да го совладате хрватскиот јазик? И што е она кое вистински можевте да го научите од овој лик?
Хрватскиот јазик воопшто не ми беше проблем, бидејќи веќе го изучував за време на анагжамнот во претствата „Електра“ на Истарското Народно Казалиште во Пула. Иако самиот факт што создавате лик кој говори на друг јазик од мајчиниот секако бара поголема и поинаква подготовка и третман. Марио е лик кој суштински се разликува од мене како карактер. И од него ги научив токму валерите на лесно и ненаметливо преминување од едно во друго расположение, ситуација или околност.
Што за вас претставува модата и како би го опишале својот стил?
Модата за мене е начин на живот. Преку начинот на кој се облекуваме го еманираме она кое го мислиме и чувствуваме, но и она кое сакаме да го испратиме како порака. Мојот стил во јавноста е резултат на мојот интензивен внатрешен живот како уметник. И затоа е секогаш едноставен, елегантен, а сепак драматичен и театрален.
Омилени модни парчиња?
Ги претпочитам модните парчиња со авторски потпис на домашните дизајнери направени за мене за специјални прилики од мојот јавен или уметнички живот. Во приватноста пак сакам едноставна облека од лесни, удобни и пријатни материјали.
Познат сте во јавноста по вашата бујна виткана црна коса. Често правите промени. Како ја одржувате? И која ви е омилена фризура?
Актерите немаат право на омилена фризура :) Промените доаѓаат од предизвикот на одреден лик, или пак од некаква лична внатрешна промена. Долгата коса и бујните кадрици бараа многу време, посветеност и грижа. Сега уживам во едноставноста и практичноста на кратката фризура.
Подготви: Берта Мартиноска