Бојан Јовановски не е во добра здравствена состојба
Здравствената состојба на првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски, попознат како Боки 13, е во многу лоша состојба.
Ова за телевизија „Телма“ го потврди неговиот адвокат Саше Дуковски кој изјави дека Јовановски има силни болки од претходните две неуспешни операции и дека во притворот повраќа речиси секојдневно.
Дуковски додаде и дека управата во истражниот затвор кон него се однесува коректно и дека секогаш му била обезбедена здравствена заштита.
Само да потсетиме, Боки од 15 јули се наоѓа во притвор, и за овој период неколку пати е носен на клиника во Скопје, а според претходно објавените информации, проблемите ги има бидејќи неодамна направил операција за подврзување на желудникот заради намалување на тежината.
Кривичниот суд на Јовановски во петокот на 13 септември по втор пат му го продолжи притворот во кој се наоѓа со уште двајца осомничени од „Рекет“ – Зоран Милевски викан Кичеец и специјалната обвинителка Катица Јанева.