Најафирмираниот македонски оперски пејач со интернационална кариера својот живот го живее во Италија, каде што токму во моментов е жариштето на Корона вирусот. Благој Нацоски вели дека во овој период најтешко му е што не може да дојде во Скопје за роденденот на неговата мајка. Каква е моменталната ситуација во Италија, како е да се живее во овие тешки моменти таму прочитајте во продолжение…
Веќе долги години живеете и работите во Италија, каде се наоѓа Благој во моментов и каква е ситуацијата таму?
Ја навршувам мојата 22 година во Италија, односно во Рим и Џенова (во последните 8 години). Иако како регион сме доста блиску до најпогодените места, но бројките тука не се толку трагични. Претпоставувам дека мерките беа превземени на време и не предизвикаа масовно ширење на епидемијата и во Лигурија, каде главен град е токму Џенова.
Што ве натера да го објавите сензационалното видео на вашиот Фејсбук профил?
Цела Европа, па и светот ги потценија последиците од овој вирус. Дури Италија беше и потсмевана од другите европски земји дека претерува со постапките, па и на нас кои живееме тука ни изгледаше сето тоа премногу, се‘ додека бројките почнаа да стануваат навистина големи и почнаа да ги губат животите многумина. Во меѓувреме почина и некој што добро го познавав. Од друга страна во Македонија беа најавени првите случаи и во тој момент почувствував и обврска до мојот народ да биде известен и свесен што се случува, односно што ќе се случи. Доста инстинктивно делував, во други прилики ќе го преснимев видеото пред да го објавам, бидејќи сум перфекционист во природа и не дозволувам синтаксички грешки. Но можеби е подобро така, бидејќи страственоста со која ги кажувам нештата во видеото имаше поголем импакт кај јавноста.
Тешко ли е да се биде во самоизолација далеку од своите блиски?
Со моите блиски во Македонија сум во постојана видео комуникација и тоа барем по три пати на денот. Жалам што наскоро нема да можам да дојдам во Скопје на роденденот на мајка ми, ама кога ќе заврши сево ова ќе прославиме уште повеќе.
Како ви поминува денот во овој период?
Поседувајќи куче дозволено ми е да излезам со истото но да не се оддалечам повеќе од двестотини метри од моето живеалиште. За среќа живеам непосредно покрај море така што секое излегување ми е и полесно. Останатиот дел од денот го поминувам „нормално“ во домашни услови, пејам, готвам, читам итн.
Какви мерки се превземени до сега таму?
Сигурен сум дека од моментов кога ќе ви дадам одговор на ова прашање па се‘ до објавувањето на разговор мерките ќе станат построги. Сакам да кажам дека тие се заоструваат многу често во овие денови. Инаку она што е дозволено е да се оди во супермаркет, аптека, на лекар од итни причини или пак некаде од навистина неодложни работни обврски. Нема класичен полициски час но насекаде е полно со полиција и следува казна а и кривична пријава доколку некој е излезен од дома без причина.
Колку концерти откажавте до сега и дали можеби ќе се одржи концертот во Скопје кон крајот на април?
За жал многу, до сега се работи за 16 претстави и 3 концерти и искрено се надевам дека оваа бројка нема да се зголеми. Мислам дека не е реално да се очекува било каков настан во Македонија во текот на април така што и концертот во Скопје не верувам дека ќе се одржи.
Со оглед на тоа што музиката ве исполнува но овој период е тежок за сите, планирате ли можеби да направите концерт во живо од дома?
Во овие денови доста пејам во живо на моите социјални мрежи односно Инстаграм, но не е исклучено и еден мини концерт во живо.
Што ви недостасува најмногу во овој период?
Јас сум обично хиперактивен и ми недостасува да си ги обавувам сите активности во текот на денот. Се разбира ми недостига театарот. Моето место е таму, креирајќи уметност односно служејќи и на музиката.
Сметате ли дека треба во Македонија да се превземат поригорозни мерки?
Мислам дека во Македонија се превзема се‘ што можеше да се превземе, сега останува само совесноста и одговорноста на македонските граѓањи да биде стопроцентна.