Гламур интервју со Горјан Стојановски
20 години е дел од музичката естрада и член е на бендот „Скопски боеми“ а последниве години е познат и по настапите на „Мерак Меана“. Горјан е вработен како виолинист во Македонската опера и балет, и е на чело на Комората на музичка индустрија, но и претседател на Здружение на естрадни уметници на Македонија (ЗЕУМ). Со него поразговаравме како за професионалниот живот, така и за приватниот, а неговата приказна прочитајте ја во продолжение.
Приватна архива
Скоро 20 години сте дел од македонската естрада, како започна Вашата музичка приказна?
Приказната за влегување на мојата фамилија во музиката почнува кога мојот дедо почнал да работи секретар во музичкото школо во Скопје и тетка ми ја запишал на виолина ,а татко ми пак на виолончело. Мајка ми пак беше оперска пеачка и заедно со татко ми работеа во Македонската Опера и Балет. Од двајца родители професионални музичари немало многу дилеми по кој пат ќе продолжат децата.
Од кого го наследивте талентот?
Така јас и сестра ми од седум годишна возраст свириме виолина, а денес сме и двајцата професионални музичари-виолинисти вработени по стапките на нашите родители во Македонската Опера и Балет.
Приватна архива
Свирите виолина, пеете и член сте од музичката група Скопски Боеми, дали повеќе Ве знаат како Горјан од „Мерак Меана“ или Горјан од „Скопски боеми“?
Скопската публика повеќе ме знае и памти по незаборавните забави што ги приредуваме со Трајче и екипата години наназад и пред да постои емисијата ,но посериозна популарност дефинитивно добивме со „Мерак Меана“, како во Македонија така и кај нашинците кои живеат на различни страни на светот.
Приватна архива
Што и недостига на македонската естрада?
Ова е малце поширока тема за која е потребна посебна дискусија но кога би одговорил накратко би кажал дека една од клучните работи кои недостасуваат на естрадата се агенции, менаџерски куќи и организации со кои ќе се добие посериозен пристап кон целокупните ангажмани околу музичарите. Оние малкумина кои се згрижени под менаџерски куќи функционираат неколку нивоа подобро од оние кои сами прават се околу нивните ангажмани.
Дали политиката е навлезена и во музиката, бидејќи се почесто среќаваме како музички уметници се ангажираат од политички партии?
Политиката не би рекол дека е навлезена туку ја користи за популаризирање и освојување симпатии кај народот. Бидејќи не може да навлезе на начин како што може во други професии, повеќе би рекол дека ни смета. Смета со преземањето на преголем медиумски простор, смета со секојдневни настани кои не се секогаш битни, а сепак се појавуваат секаде. Во една држава популарноста треба да ја држат луѓе кои имаат постигнато поголеми успеси во одредени професии како музика, спорт, наука и така натаму, а не младите да сакаат да бидат политичари за да бидат популарни.
Приватна архива
На чело сте на Комората на музичка индустрија но и претседател на Здружение на естрадни уметници на Македонија (ЗЕУМ). Каков предизвик е ова за Вас и колку се менуваат работите во позитивна насока за Вас уметниците?
Мајка ми беше претседател на синдикат за култура на ниво на Македонија, татко ми пак шеф на оркестарот на Операта, така што не е случајно што имам афинитети кон оваа функција. Кога застанав на чело на здружението на Естрадни уметници од мене и раководството се очекуваше да направиме некаква промена, тоа и го направивме со тоа што успешно преговаравме со владата неколку пати и обезбедивме средства за време на Ковид пандемијата.
Во текот на тие преговори се воочи дека од ниво на здружение не може да се постигне она што ни е потребно ,а тоа е системски да делуваме, така ја оформивме комората.
Со Комората на Музичка Индустрија се надевам дека ќе го постигнеме тоа што го имаме зацртано и што сметаме дека е неопходно да се случи за да опстои естрадата на една завидно ниво, а би почнале со регулирање на статусот на музичарите.
Приватна архива
Има ли државата слух за Вашите барања?
Поразувачки и зачудувачки е колку незаинтересирано се однесуваат институциите кон оваа тема бидејќи треба да се седне и да се сработи. Кај претходната министерка за култура не успеавме да договориме средба, па се надеваме дека сегашниот министер ќе има слух за оваа сериозна работа која носи бенефит на двете страни.
Приватна архива
Имате интересна љубовна приказна со Вашата сопруга Ирена која е виолинистка и член на групата„Тринити стрингс“. Во брак сте повеќе од една деценија, Колку е предизвик брачните партнери да се од иста бранша и како Ви се поделени обврските?
Благодет е да имате разбирачка дома не е битно во која професија сте. Ние нормално во исти кругови се движиме од ептен мали, па бракови помеѓу наши колеги музичари ги има троа повеќе. :)
Јас сум благодарен што имав среќа да имам до мене личност како Ирена, бидејќи навистина ме прави подобар човек во секој поглед. Исто и оваа тема е интересна и долга за дискутирање така да треба еден посебен разговор само за оваа тема :) а во овој случај јас би поентирал со тоа дека во животот се клучни само две одлуки, едната е кога бирате професијата другата – кога бирате партнер.
Која е тајната за успешен брак?
Ова е неблагодарно прашање бидејќи се работи за многу фактори внатрешни и надворешни и не постои едноставен одговор ,но јас би рекол дека отворена искрена и редовна комуникација е основата за успешен брак ….и една баба да ги почува децата повремено 😁
Приватна архива
Дали и Вашите ќерки одат по Вашите стапки?
Пополека ги внесуваме во светот на музиката бидејќи и двајцата веруваме дека нашата професија е навистина прекрасна и благородна. Секојдневно се дружиме и сретнуваме луѓе кои во повозрасни години сеуште не можат да се пронајдат и исполнат професионално ,така да олеснување и за едно дете е кога од мали нозе ќе се насочи , а во нашиов случај штета би било од две музички фамилии да не ја продолжиме традицијата.
Приватна архива
Како се релаксирате имате ли некое хоби покрај професионалните обврски со музиката ?
Бидејќи финансиите не се нешто што се спомнувало во нашите музички кругови во текот на целото наше образование и слободно можам да кажам дека е непознато поле колку и да звучи ова банално. Ме интересираат банкарски системи, финансиски инвестиции и низ годините ги проучувам ,се интересирам и се релаксирам кога читам за начините на функционирање на овие системи.
По малце и тргувам, ги пратам, така да ако еден банкар се релаксира со музика, кај мене е обратна ситуацијата.
Помага ли Горјан во домашните обврски?
Нормално ,во денешно време без поделени обврски ништо не правиме.
Се заработува ли се уште добро од свирки и дали доволно се цени македонската музика?
Оние што имаат посериозен пристап кон професијата и си ја поставиле кариерата постабилно односно вложиле во себе ,заработуваат подобро и што е уште поважно држат ниво.
Тие се истите кои оставаат позади себе музика односно музичко наследство и ја држат естрадата на нивото кое го имаме. Но тоа е далеку од она што го заработуваат нашите соседи и колку се платени кога настапуваат во Македонија. Ова е нешто на кое работиме за да најдеме начин да го решиме преку комората.
Читате ли книги и дали имате омилена книга која би ја издвоиле?
Во последниве години сум на детски приказни и лектири. Омилена не би рекол дека имам, но последна која што ја прочитав беше книгата на мојот комшија Војо Цветановски-“Веќе не сум истиот”.
Ќе Ве видиме ли повторно на некој од фестивалите ?
На фестивалите во последните години се појавувам само како автор и тоа многу ме исполнува, така што поврзаноста и учеството на истите ми е многу важна. Правам забавни и народни мелодии и тоа секако во соработка со жена ми, па така на ланскиот Макфест таа направи песна која ја изведоа Ламбе и Полина, јас и направив песна на мојата долгогодишна соработничка Симона Поповска. Исто така на Валандовскиот фестивал минатата година напишав песна која освои второ место, најдобар аранжман и интерпретација значи освои 3 награди на еден фестивал. Таа песна беше во соработка со Борче Нечовски и Дарко Илиевски ,а ја изведе Елена Андоновска. Последно нешто што напишав беше песничка за детскиот фестивал “Распеано детство”-Куманово, која ја испеа новосоздадената група “Сини Бонбончиња” на ќерка ми Лаура со нејзините другарки Сиена и Јоана.
Една порака до младите кои сега го започнуваат својот пат во музиката, која е тајната за успех?
За еден музичар, уметник да биде успешен потребни се повеќе фактори, но секако дека талентот би го ставил на прво место, а потоа онаа посебна ѕвезда која малкумина ја носат во себе.
Така да нема тајна, туку дарба или талент за музика и сцена. Истрајноста, дисциплина, вложување во себе и секако добар однос со слушателите се едни од клучните работи за успех.
Младите кои внесуваат нова енергија во музиката се интересна генерација на која треба да и се остави простор да креира ,така што би им препорачал само напред и храбро:)