Бајага видно потресен се прости од својот пријател: Жарко беше прекрасен, имаше тешка судбина, прерано замина

Познатиот пејач Момчило Бајагиќ, Бајага во голема тага се прости од својот пријател, еден од најдобрите југословенски и српски актери Жарко Лаушевиќ кој почина денеска по тешко боледување.
– Бевме пријатели. Тој глумеше во спотот за нашата песна „Црна Гора“, а јас ја направив музиката за претставата „Живот Јованов“ во која играше“, рече Бајагиќ.

Бајага вели дека Лаушевиќ бил „еден од најдобрите актери во овој регион“.
Прекрасен човек, имаше тешка судбина. Прерано замина“, изјави Бајагиќ.
Веста за смртта на познатиот актер ја соопшти неговата сопруга Анита Лаушевиќ .
Лаушевиќ беше еден од најпознатите југословенски и српски актери од втората половина на 80-тите, чија кариера нагло беше прекината поради злосторството што го направи во 1993 година за што беше осуден на неколку години затвор во родната Црна Гора.

По скратувањето на казната и помилувањето, Лаушевиќ се пресели во Соединетите Американски Држави, од каде што се врати првин со исповедната книга „Годината минува, денот никогаш“, а потоа со уште неколку автобиографски дела, како и неколку улоги на телевизија и филм во последните десет години.
Популарноста во Југославија ја стекна со улогата на криминалец во телевизиската серија „Сивиот дом“ (1986), во режија на Дарко Баиќ, како и во филмовите „Шмекер“ (1986), „Се случи на денешен ден“ (1987), „Битката на Косово“ (1989), „Кажи зошто ме остави“ (1993) и „Подобро oд бегство“ (1993).

Летото 1993 година при расправија и конфликт пред едно кафуле во Подгорица, Лаушевиќ ги уби со пиштол напаѓачите Драгор Пејовиќ и Радован Вучиниќ, а тешко го рани третиот Андрија Кажиќ.




