Зошто не можете да забремените, иако сè е во ред – лекарка ги открива најчестите причини

Кога ќе одлучите дека сакате дете, секој месец станува полн со надеж и возбудлив. Но, кога месеците минуваат, а бременоста не се случува, природно е да почнете да се прашувате – дали нешто не е во ред?
Иако немате конкретни симптоми, можеби зад сè стојат невидливи препреки. Д-р Шантел Крос, специјалистка за репродуктивно здравје и неплодност од Центарот за плодност при „Џон Хопкинс“, објаснува кои се најчестите причини поради кои паровите не можат да зачнат – и кога е време да побарате стручна помош.
Што е неплодност?
Неплодност се дефинира како неможност за зачнување по редовни, незаштитени сексуални односи.
За жени под 35 години, тоа значи обиди најмалку една година без успех. За жени над 35 години – веќе по шест месеци без успех се препорачува да се консултирате со лекар.
Кои се можните причини?
Како кај жените, така и кај мажите, можат да постојат здравствени проблеми што влијаат на плодноста. Во околу една третина од случаите, дури и по детална евалуација, не може да се утврди конкретна причина.
Кај жените:
Непроодни јајцеводи – инфекција, сексуално преносливи болести или ендометриоза може да доведат до опструкција.
Нередовна овулација – резултат на синдром на полицистични јајници (PCOS), хормонски дисбаланс, стрес, премала или прекумерна телесна тежина.
Проблеми со матката – фиброиди, полипи, ткиво од претходни инфекции или неправилна форма на матката можат да ја отежнат имплантацијата на ембрионот.

Кај мажите:
Низок број или квалитни сперматозоиди – некои мажи имаат намалена подвижност, абнормален облик или мал број сперматозоиди.
Варикоцела – зголемени вени во скротумот кои ја зголемуваат температурата и го влошуваат квалитетот на спермата.
Ејакулациски и еректилни проблеми – како прерана ејакулација, еректилна дисфункција или блокади во тестисите.
Фактори на ризик
Неколку фактори – и кај жените и кај мажите – можат да ја намалат плодноста:
Возраст: Жените имаат ограничен број на јајце клетки, кој опаѓа со годините. Најчесто, плодноста значително се намалува по 35-та година.
Тежина: Прекумерната или недоволната тежина влијае на хормоните и плодноста.
Терапија за рак: Хируршки интервенции, хемотерапија, радиотерапија и хормонски третмани можат да влијаат врз репродуктивниот систем.
Начин на живот: Прекумерно пиење алкохол, пушење и употреба на дрога значително ја намалуваат шансата за зачнување.
Хронични болести и стрес: Дијабет, бубрежни заболувања и долготрен стрес можат да ја намалат плодноста.
Кога да се обратите кај лекар?
Ако се обидувате да зачнете подолго време, а безуспешно, не чекајте премногу. Колку порано се направи преглед и се утврди евентуалната причина, толку побрзо ќе се пристапи кон решение – и толку поблиску ќе бидете до зацртаната цел: позитивен тест за бременост.