Поразговаравме со пејачката Милица Кузмановска, сакајќи малку повеќе да дознаеме за тоа каква е таа и во приватниот живот, но и како жена која е вистински професионалец и која веќе три децении е присутна на нашата музичка сцена давајќи еден голем дел од себе во негување и интерпретација на македонската народна музика.
Повеќе од три децении си дел од фолк сцената испеа многу хитови со твојот прекрасен милозвучен глас. Која е тајната за успех?
Не сум сигурна и воопшто дали постои некоја тајна или рецепт за успех… Поврзано со моите почетоци и кога треба да зборувам самата за себе, би кажала дека сите овие компоненти биле и се еднакво значајни: индивидуалност, талент, голема посветеност, професионализам, љубов кон музиката, интелигенција, барем малку амбициозност, постојаност и на крајот на краиштата еден мал, а многу значаен удел е и да те следи среќа. Но и покрај сето ова, во денешно време на „гледајте и чудете се“ се покажува дека и спротивните карактеристики за жал водат кон некоја популарност која е необјаснива ако ги земеме предвид сите карактеристики кои треба да создадат профил на уметник со неприкосновен квалитет, за жал, живееме во време на погрешни вредности.
Единствено нешто кое му ја дава привилегијата на пејачот да опстане на естрадната сцена и во својата шеста деценија од живот е само квалитетот односно гласот. Силно верувам дека е така..
Приватна архива
И по три децении на сцената се уште изгледаш прекрасно, линијата ја доведе до совршенство. Како се негува Милица за да изгледа вака?
Благодарам на убавите комплименти, така и се чувствувам навистина. Откако одлучив да променам многу работи поврзани со мојот животен стил, едноставно се се промени.
Приватна архива
Промената тргнува од внатре, кога сакаш да бидеш подобра личност, кога работиш на себе, кога повеќе се почитуваш самиот себе си, вложуваш во своето образование, во културата, се ова се рефлектира и на надворешниот изглед, едноставно внатрешната убавина е таа која треба да ја негуваме, таа потоа раѓа друга убавина која се гледа со око но втемелена на нешто многу силно и единствено, на убавината на душата. Сето ова го надополнувам со здрав начин на исхрана, многу пешачење и физичка активност (кога имам време).
Што мислиш за турбо фолкот и што ти пречи денес во новокомпонираната народна музика?
Во последните години имаме прилика да слушаме секаква музика, да, треба да има еволуција на музиката но не во овој правец.
Приватна архива
Турбофолкот го сметам за нус појава генерално на ова општество во кое живееме како и се друго што е турбо фолк во однос на општата култура на луѓето, стандардите кои не постојат, изместените вредности, погрешното сфаќање на вистинската љубов…Се е тоа некој вид на турбофолк кој се преточува и во музиката.
Приватна архива
Каде е нашата традиционална музика врз која треба да се темели идната музика, но и идентитетот на една нација, традицијата и културата!? Дали знаеме каде се движиме?
Државните институции кои се засегнати со ова прашање треба да изградат силни механизми за зачувување на нашето, на вредното творештво од генерациите пред нас, треба да ја заштитат нашата изворна музика, да не дозволат нашите македонски песни да се присвојуваат….а потоа, тука сме и ние како поединци и борци за зачувување на своето и даваме се од себе доследно да ја интерпретираме македонската традиционална песна која е нашиот корен., нашето битие, нашето се.
Приватна архива
Ти си неуморна и многу работиш, ангажирана си и во една невладина организација, колку те исполнува сето тоа што го правиш во твојот живот?
Во последно време се почесто го слушам тој збор дека сум неуморна, веројатно е така заради многуте обврски насочени кон здруженијата за пациенти (Хема-Онко и Фемина М) и други многубројни ангажмани и проекти на кои работам. Едноставно сето тоа ме исполнува и ме прави среќна иако искрено има и моменти кога едвај чекам да дојдам дома и да уживам во мирот на мојот дом и да одморам. Само ќе потврдам дека работата го оджува човекот го прави повеќе жив и додека се чувствувам доволно силна и мотивирана за се што работам, ќе работам со полно срце, особено кога станува збор за комуникацијата со лица со рак, секогаш давам се од себе и повеќе од тоа.
Приватна архива
Нешто што многу те прави среќна е чувањето на твојот внук, дали навистина внуците најмногу се сакаат?
Кога сум со Јаков, е тогаш сум најсреќна, тоа е врвот на мојата лична среќа, се разбира надополнета со благосостојбата на сите членови на семејството. Вистината е дека внуците се сакаат можеби најмногу, бидејќи носат со себе една нова димензија на нешто претходно непознато во облик на безусловна љубов која претходно сме ја имале кон своите деца, родители, пријатели, а сега кулминирала во нешто што со зборови не може да се искаже но може да се чувствува и да трае и трае, засекогаш..
Приватна архива
Како ги полниш батериите и дали си заљубена?
Утрото го започнувам со изразување на длабока благодарност кон Бога, кон Универзумот, благодарност за секој нов ден, за сопственото здравје и здравјето на моите најмили, за убавината на природата која Бог ни ја дарил, за новите искуства и воопшто за личното искуство на постоење и животот.
Долгите прошетки покрај Вардар само го надополнуваат ова искуство, многу често пешачам и до блискиот Сити мол каде што пијам кафе и се среќавам со пријатели, патувањата кои се неизоставен дел од работата се секако непроценливо вредни зачинувајќи го делот од работата но во смисла на единствени искуства кои ме полнат со енергија. Љубовта кон најблиските, љубовта кон човештвото, љубовта кон животот…се е втемелено на љубов…и постоењето на светот исто така.
Принтскрин/ Јутјуб
Што се однесува до тоа дали сум вљубена, одговорот на ова прашање се крие во сето она што го кажав претходно, бидејќи љубовта на овие години поинаку ја гледам, разбирам и доживувам, но личните верувања се силно насочени кон постоењето на универзалната љубов која создала се, како една повисока димензија во однос на физичката.
Можеме ли да очекуваме нова песна и кога?
Искрено не знам кога би можела да ја почестам публиката со нешто ново, со нова песна, секако дека планирам и имам некои нови идеи, таа опција останува отворена бидејќи сакам да направам нешто што ќе охрабри многу жени, а преку песна. Ова е во идните планови и се надевам на успешна реализација на тоа што го имам замислено.