Жените не смеат да се потпираат на доктор Гугл – интервју со д-р Афродита Стомнароска-Јованоски
Д-р Афродита Стомнароска-Јованоски, гинеколог-акушер со долгогодишно искуство зборува за најчестите гинеколошки заболувања во Македонија, современите методи во акушерството, предизвиците во професијата и важноста на редовните прегледи.

Женското здравје отсекогаш било тема која бара внимание, отвореност и едукација. Во време кога технологијата овозможува сè посовремени методи на дијагностика и третман, сепак, превенцијата останува најмоќното оружје против сериозните заболувања. Со оваа мисија, д-р Афродита Стомнароска-Јованоски, гинеколог-акушер, секојдневно им помага на жените не само во лекувањето, туку и во подигањето на свеста за редовни гинеколошки прегледи и навремена дијагностика.
Во разговор за гламур.мк, таа ја истакнува важноста на колпоскопијата како неопходен дел од рутинските прегледи, зборува за светските достигнувања во акушерството и местото на Македонија во тие процеси, како и за своите лични предизвици, инспирации и најважните животни лекции што ги научила од своите пациентки.

Кои се најчестите гинеколошки заболувања со кои се соочуваат жените во Македонија денес? Дали постојат состојби на кои сè уште не обрнуваме доволно внимание, а можат да се решат со редовни прегледи?
– Од гинеколошки аспект, како во светски рамки така и во Р.Македонија, сѐ уште меѓу првите во ранг листата се преканцерозите на грлото на матката асоцирани од HPV инфекција.
Дали обрнуваме внимание? Не мислам дека денешната жена не обрнува внимание и е неодговорна, се разбира дека има исклучоци секогаш. Но имајќи го во предвид безсимптоматското протекување на овие состојби единствениот начин на предвремено детектирање е правењето скрининг за овие состојби со редовнa посета на гинеколог.

Она што сакам во оваа прилика да го упатам како апел до секоја жена е дека за тоа што конкретно треба да се направи како скрининг, колку е сериозно, дали постои и точно какво решение и сл., тука сме ние како професионалци посветени да одговориме за вас. Знам дека секогаш на прв избор е ChatGP ,или доктор Гугл, но, верувајте, освен да влее тоа паника во мешавината од нередоследни информации (HPV – карцином на грло на матка) си правите лошо на себеси затоа што паниката ве заслепува и потоа, кога ние објаснуваме дека таа последователност не протекува баш така, не не перцепирате правилно.
Но постои и уште нешто од наша страна, и покрај големиот број посети на пациентите, сѐ уште многу голем број пациентки кога ќе ги прашате дали знаат што е тоа КОЛПОСКОПИЈА и дали некогаш Ви е направена, за првпат слушаат за тоа.
Еве, за крај би рекла дека КОЛПОСКОПИЈАТА е златен стандард во откривањето на предканцерозите, дури и тогаш кога ПАП-тестот не може да ги открие, а истите се решаваат многу успешно без последици. Од мене секогаш барајте КОЛПОСКОПИЈА!
Современата медицина носи огромни поместувања во акушерството. Денес, во светот постојат техники со кои бебиња родени дури и во 23-24 гестациска недела имаат шанса за преживување. Како е ситуацијата во Македонија, какви методи се применуваат кај нас и каде сме во однос на светските стандарди?
– Сите високопрофесионални установи ги следат светските протоколи во унапредувањето на медицината , но и ние не заостануваме, сметам во светскиот ранг особено во акушеријата и во интензивната реанимација на предвремено родените бебиња и намалувањето на перинаталната смртност.

Сето тоа е благодарение на нашата тимска работа со нашите неразделни колеги- спецјалисти педијатри по интензивна неонатологија кои навистина понекогаш прават чуда, имаме преживавања на бебиња родени во екстремно рана гестациска недела со екстремно ниска телесна тежина. А во однос на каков е пристапот, методите и каде е Македонија (а сметам дека е на високо ниво), ќе треба да прашате интензивен спец. неонатолог, на пример, мојата сестра д-р Орхидеја Стомнароска.

Во последните години, технологијата донесе нови методи за дијагностика и третман во гинекологијата. Што е најново што се применува во нашите болници и клиники? Дали пациентките во Македонија имаат пристап до современи методи кои веќе се стандард во Европа?
– Како што веќе напоменав, сметам дека не заостануваме со ништо од светските стандарди. Технологиите и методите на дијагностика се присутни како и современите начини на третман на гиеколошките состојби или болести, најважна е нашата континуирана едукација, професионализам, посветеност и знаење за сето тоа да им го дадеме во правилно време, место и начин на оние на кои што им е потребно.
Моето мислење е дека што ако јас ја имам апаратурата, а не знам да ја употребувам. Секогаш ланецот е еден и единствен на прво место знаење, потоа современа апаратура и дијагностика и професионално умеење за да го затворите кругот.
А за пациентите е најважно да стигнат до правилната информација, затоа што често се случуваат и заблуди.
Дали кај нас жените доволно често прават превентивни гинеколошки прегледи? Кои рутински прегледи сметате дека се задолжителни еднаш годишно за секоја жена, без разлика на возраста?
– Да, сметам дека жените прават редовни прегледи, особено ме радува што се помладата популација е инволвирана во тоа. Но ние секогаш, еве вака, не треба да престанеме да ја поткреваме свеста за тоа преку вакви иницијативи. А моето задолжително, покрај пап-тестот и гинеколошкиот ултразвук, е дека секогаш треба да има рутински КОЛПОСКОПИЈА – микроскопски преглед на грлото на матката во состав на прегледот при земањето на пап-тестот.
Кои се најголемите предизвици во Вашата пракса како гинеколог-акушер? Дали гледате поголема свест и храброст кај младите генерации жени во однос на разговорите за интимното здравје?
– Најголем предизвик – љубовта кон професијата и желбата за уште повеќе дека секогаш може да се знае и прочита. Ако немате љубов за тоа што го работите, нема да имате трпение, а кога немате трпение немате квалитет и има дури и грешки. Секој кој работи – греши, а тој што знае – се плаши. Незнаењето не знам дали понекогаш или секогаш носи храброст.
Јас сум само преблагодарна што можам да го работам она што навистина премногу го сакам со секојдневен порив и не ми претставува ни капка тежина, колку и да е тешко во одредени моменти.
А за младите да, секако дека акцелерацијата е присутна, и секогаш треба да се има време за разговор и совет за нив, и навистина сум восхитена кога ќе дојде млада жена, девојка, самоиницијативно, само за разговор или за совет професионален, што покажува дека свеста е на високо ниво, но сигурна сум дека сѐ уште кај многу млади треба да се работи на тоа, да ги охрабруваме, едуцираме и да ја подигаме свеста за интимното здравје.

Вашата работа е исполнета со стрес и одговорност. Кога не сте во ординација, што Ве опушта и ви носи внатрешен мир? Која е доктор Афродита приватно?
– Одговорноста и стресот се големи особено кога носите одговорност за два животи истовремено, за мајката и за нејзиното најмило. Во сето тоа, колку бизарно да звучи, внатрешниот мир и спокојство ми го дава фамилијарната хармонија и мир. Во денешно време знам дека тешко се постигнува тоа, но треба сите да се стремиме за тоа. Животот не заслужува да се живее во немир.


Афродита приватно се опушта со добра опера, како сопруга на оперски маестро, баритонот – Марјан Јованоски, оперските претстави ме пренесуваат и релаксираат, a обожавам и да уживам слушајќи го мојот омилен светски тенор Јонас Кауфман. А најголема сатисфакција е незаменливата љубов и времето радости поминато со нашите две синчиња Илин и Јаков кои се на 9 и 7 години.
Секој лекар учи и од своите пациенти. Кое е најголемото животно знаење или лекција што сте ја научиле од жените што сте ги лекувале?
– Најголемото и најважното нешто што сум го научила од пациентите е дека односот лекар-пациент треба како и секогаш да се гради врз многу етика, емпатија и доверба. Многу од пациентите се разочарани понекогаш дека не се сослушани до крај и дека не ја добиваат потребната емпатија и доверба. Јас се надевам дека во текот на сѐ повеќето години работно искуство нема да го загубам тоа најважното, кое упорно се трудам да го одржувам.