Со авангардна колекција српската дизајнерка Ивана Пиља го затвори десеттото издание на Моден викенд Скопје, вчеравечер во „Телеком иновативен центар“, во Скопје.
„SEMI SONG“ е втората колекција на Пиља и како и со првата, таа продолжува да се инспирира и останува верна на авангардниот начин на живеење и естетика. Главната инспирација за колекцијата е јапонскиот инсект цикада, локално наречен Семи – интересно , интензивно, ситно и чудно суштество како директна презентација на Ивана Пиља и на нејзината нова колекција во која таа експериментира со нови форми на костум.
Ивана Пиља во Скопје дојде преку соработката на Моден викенд Скопје со „Belgrade fashion week“, во рамките на проектот „Зона 45“ , преку кој се врши размена на дизајнери од регионот. Во рамките на истиот проект на 23 октомври дизајнерката Лидија Георгиева ја претстави својата колекција на белградската модна недела.
На јубилејниот Моден викенд Скопје кој се одржа од 23 до 27 октомври, беа презентирани колекциите на Јован Петровски, Јована Филиповиќ, Александра Митковска, „Софиленд“, Андриана Динева, модната куќа „Хера“, Златко Јовановски, Ирина Тошева, Олгица Ѓоргиева, „Le brand“, Стефанија Насеска, Никола Петровски, Оливера Штакоска, Инес Шабан, Лидија Георгиева, накит од „Ilina Design“, Марина Миќановиќ од Србија и Флутура Дедиња од Косово.
Во продолжение, дизајнерката Росица Мршиќ на 31 октомври ќе ја представи новата колекција за актуелната сезона, но начинот на презентирање Мршиќ го остава како изненадување до самиот крај.