Заборавени бисери – женски имиња што некогаш ги красеа Македонките, денес ретко кој ги носи, а толку се убави!
Можеби е време повторно да се вратат овие бисери од минатото? Доколку сакате уникатно име за вашето девојченце, зошто да не му дадете едно од овие звучни и значајни имиња кои ја носат историјата на Македонија, емоција и длабочина?

Во времето на нашите баби и дедовци, имињата имаа силна симболика и значење. Секое име носеше порака, желба или верување кое семејствата го пренесуваа на своите деца.
Денес, многу од овие традиционални имиња речиси исчезнаа, заменети со модерни варијанти или меѓународни трендови како Миа, Сара, Леа… Додека овие имиња доминираат во последните години, старите македонски и балкански имиња сè помалку се среќаваат.
Ајде да се потсетиме на имињата што некогаш биле гордо носени низ нашата земја, но денес, за жал, ретко ги слушаме. Можеби некому ќе послужат за инспирација за девојченцето кое е „на пат“.
Грозда – име на плодност и бериќет
Името Грозда потекнува од зборот „грозд“, симбол на изобилство, плодност и животна енергија. Во минатото, родителите го избирале ова име со надеж дека детето ќе расте здраво, силно и ќе донесе бериќет во семејството. Иако порано многу популарно, денес речиси го нема.
Потсетуваме, меѓу бројните Македонки Грозди, името Грозда (Солева) го носеше и една од сестрите на Кочо Рацин.
Маркетинг
Доста – „Доста е, доволно е“ и Митра
Ова име има интересно значење – изразува желба или одлука дека доволно деца се родени во семејството, барем според традицијата на македонскиот народ.
Дека било често име, сведочи и романот „Крпен живот“ од Стале Попов, во кој особено внимание е посветено на начинот на живеење, обичаите, традицијата, а сето тоа преку двата женски лика, Доста и Митра.
Секако, се сеќавате на политичарката Доста Димовска.
А, се сеќавате ли на некоја позната Митра? Уште едно прекрасно име. често во минатото особено во рурарните средини, кое денес речиси е исчезнато кај нас.
Се сеќаваме на Митра Миладинова, жената на преродбеникот Димитар Миладинов и клучна фигура за формирањето на Тајното женско училиште – Ученољубие.
Името Митра има словенско потекло. Во Македонија и на Балканот, името Митра најчесто се смета за женска варијанта на името Димитар, кое доаѓа од старогрчкото Деметриос, што значи „посветен на божицата Деметра“ (божица на земјоделството и плодноста).
Стојана – стабилност и сила
Името потекнуваат од зборот „стои“, што симболизира стабилност, издржливост и цврст карактер. Во минатото биле чести, особено во руралните предели, но денес сè поретко се користат.
Вера – име на верба и надеж
За жал, и преубавото име Вера денес се смета за „старинско“ и се помалку го среќаваме. Потекнува од словенскиот збор „вера“, што значи „верување, доверба“. Ова име симболизира искреност, чесност и надеж и било едно од најчестите женски имиња во минатото.
Гордо го носеле две македонски хероини – Вера Ацева и Вера Јоциќ.
Марта – силна и решителна
Името Марта има старо словенско потекло и е поврзано со решителност, сила и истрајност. Често се поврзува со библискиот лик Марта, сестрата на Лазар. Иако некогаш широко распространето во Македонија, особено меѓу девојчињата кои биле родени во месецот март, денес, за жал, е сè поретко.
Пред три години, Македонката Марта Димоска ја имаше честа да стане првиот македонски аналоген астронаут и прва жена аналоген астронаут од Балканот која учествувала во симулација на мисија на Марс поддржана од НАСА.
Зошто овие имиња исчезнуваат?
Современите генерации сè повеќе избираат меѓународни или трендовски имиња, често инспирирани од филмови, познати личности или странски култури.
Меѓутоа, старите имиња носат посебен шарм и значење кое не треба да се заборави. Затоа, еве ви убава инспирација доколку очекувате девојченце.