Гламур интервју со Светлана Црнокрак…
Светлана Црнокрак е една од нaјубавите манекенки кај нас и една од оние дами кои оставија посебен белег на македонската модна сцена. Таа веќе 24 години успешно го води модното студио „Црнокрак“заедно со својот сопруг Мики Црнокрак. Нејзините почетоци во модниот свет се пред точно 31 година и како што вели Светле како вчера да било. Таа е една прекрасна дама со исклучителна безвременска убавина, исто така и многу успешно плови и во презенертсвото и сето тоа плус и налага да се грижи секојдневно за нејзината убавина. А во што се крие тајната кога е нејзината убавина во прашање, откријте во продолжение…
Приватна архива
Прашање: Како бивша мисица и топ модел, од оваа дистанца какви спомени Ви буди тоа време, вашите почетоци? И како дојде до одлука да се пријавите?
Моите почетоци во модниот свет се точно пред 31 година :)), како вчера да беше… Се почна преку Екрановиот избор за Мис на Македонија. Се бираше во секој град во Македонија и победничките учествуваа директно на финалето на изборот. Така и во мојот роден град Гостивар победив јас. Се ми беше некако како во сон, нестварно, иако како малечка мечтаев за тоа да чекорам на модна писта и да бидам дел од изборите за убавина. Токму и тоа се случи. Од тој момент, запознав многу луѓе од модниот свет, па следуваа други избори и титули, модни ревии, фотосесии, снимања…преубави спомени и конечно мојот сон стана реалност.
Прашање: Важите за една од најубавите жени кај нас. Која е тајната на Вашиот беспрекорен изглед?
Ви благодарам.. Искрено за мене не постои неубава жена. Секоја жена е убава на свој начин. Но, сепак со текот на годините таа убавина треба и да се одржува и негува, особено кога вашата професија е јавна и кога едноставно сте пример за тоа што го работите.
Кога се сака се се може, првенствено заради себе. Спортувам, вежбам активно, се хранам здраво и секако посетувам салони за убавина и нега. Без разлика на годините и обврските, секогаш се трудам да најдам време и за себе, едноставно така се чувствувам убаво, а на тоа ги учам и моите ќерки, да се сакаат себе си, да водат грижа за својот изглед, да живеат здрав живот.
Приватна архива
Прашање: Kаков е Вашиот дневен козметички ритуал? Ете, на пример, со какви препарати го негувате лицето?
Отсекогаш сум внимавала на негата на моето тело, особено на лицето, бидејќи често користам шминка, пудра и навистина ми треба посебна нега за тоа. Никогаш не ми се случило да заспијам со шминка. Имам посебни ритуали на темелно чистење на лицето, што тое е многу важно за кожата. Во последно време користам Корејска козметика, актуелна на пазарот. Задолжително маслен чистач за отстранување на нечистотиите и шминката, гел за миење, потоа следува тоник, серум за лице и на крај хранлива крема за поттикнување на колагенот, зацврстување на кожата и намалување на брчките, соодветна за мојата возраст.
Прашање: Немате проблем да се сликате во лето и во костим за капење и да споделите слики. Имате неверојатно тело за своите години, како успевате и што практикувате за да бидете во топ форма?
Внимавам на мојата исхрана, што подразбира здрава храна со многу зеленчук и овошје, риба, морски плодови (омилена),многу вода и секако редовно вежбање надополнето со возење на велосипед и пливање на лето и активно скијање на зима.
Приватна архива
Прашање: Во последно време се појавуваат многу не-инвазивни методи за подмладување како: Ласери, Мезотерапија, ПРП….дали мислите дека овие методи помагаат и дали сте ги пробале?
Во денешно време сите овие третмани и методи за подмладување и одржување на еластичноста на кожата што некогаш ги имале само светските глумици, сега се достапни и кај нас. Сум пробала неколку, ги практикувам и навистина сум презадоволна, особено тие кои го поттикнуваат колагенот, даваат свеж изглед и ја одржуваат еластичноста и цврстината на кожата.
Прашање: Колку внимавате на исхраната и кои намирници се во вашето мени а кои ги имате исфрлено?
Да бидам искрена во мојот живот повеќе сум била гладна отколку сита. Кога почнав да се занимавам со оваа професија, применував повеќе диети, бидејќи се што ќе каснев, народски кажано “ми се фаќаше”. Но, подоцна сфатив дека диетите со гладување се само измачување. Благодарение на нашата нутриционистка Тања Турунџиева научив да се хранам здраво, да не бидам гладна, а притоа да јадам се, ама здраво. Зеленчук, овошје, јаткасти плодови и најважно од се да не мешам протени со јаглехидрати. Љубител сум на тестенини и благо, но секако и за тоа има здрава замена .
Приватна архива
Прашање: Што мислите за естетските корекции и дали можеби во иднина би направиле?
Досега естетски корекции не сум направила. Немам ништо против тоа доколку е неопходно и се разбира во граници на нормалата. Доколку во иднина би имала потреба од такво нешто, би направила, зошто да не.
Прашање: Важите за една од оние жени кои навистина внимаваат на својот изглед. Колку следите мода? Дали сами ги одбирате парчињата кои ги носите?
Сакала или не, самата професија ми налага да следам се што е модерно и во тренд. Јас сум жена што имам изградено свој стил.
Преферирам едноставност надополнето со некој поизразен детал на накит, чевли или чанта. Елеганцијата ми е знак на препознатливост, што не значи дека и не може да ме видите и во спортска гардероба за соодветни пригоди. Во принцип одбирам и купувам парчиња што одговараат на мојот стил, возраста и се разбира убаво да се чувствувам во тоа што умеам да го носам.
Прашање: Дали купувате дизајнерски парчиња? Кое е најскапото парче облека во Вашиот плакар?
Не патам од тоа да мојата гардероба биде секогаш бренд и најскапа.Како што кажав, важно ми е да ми биде убаво во неа, едноставно да бидам јас во тоа што го носам. Имам повеќе скапи парчиња.. најчесто тоа се чевли и чанти и се разбира моите омилени свечени тоалети.
Приватна архива
Прашање: Каде го насочувате креативниот дух, кога не сте фокусирани на обврските?
Од малечка имав голема желба да шминкам. Купував книги, учев, а воедно тоа ми помагаше и без проблем да се нашминкам за моите ангажмани. Често пати кога имам време ги шминкам моите пријателки за некои настани. Уживам во тоа. Сега кога ни е достапно се на интернет и кога не мора да купувам книги, одвреме навреме знам да седнам и со саати да гледам и да ја надоградувам мојата креативност, а потоа да испробувам на себе или на ќерките.
Прашање: Како го постигнувате Вашиот внатрешен мир што е она што најмногу ве релаксира?
Искрено мојата релаксација е шопингот. Тоа ме смирува и релаксира.
Прашање: Како би ја дефинирале современата жена?
Современа жена..за мене е жена, мајка, сопруга, храбра, паметна, независна, вредна, со изграден свој стил, умерена, културна, да знае што сака, дружељубива, а пред се да се сака, цени и почитува себе си.