ИнтервјуНега и здравје
COVER STORY

За анксиозноста, паничните напади и менталното здравје со психологот Александар Крстевски

Менталното здравје е предуслов за квалитетен, продуктивен и исполнет живот на секое човеково битие-вели за Гламур Александар Крстевски-Психолог м-р по клиничка и советодавна психологија

Advertisement

Психолог м-р по клиничка и советодавна психологија Александар Крстевски

Менталното здравје претставува позитивен концепт поврзан со социјалната, емоционалната и психолошката благосостојба на поединецот. Менталното здравје е предуслов за квалитетен, продуктивен и исполнет живот на секое човеково битие.

Ментално здравата личност е во состојба да ги сфати сопствените потенцијали и поседува капацитет да се справи со секојдневните стресори, да работи продуктивно и е способна да даде придонес во заедницата. Анксиозноста, стресот и кризните состојби со кои секој човек може да се соочи во текот на животот сериозно ја нарушуваат личната психолошка рамнотежа и влијаат на менталното здравје во целина. Светот и времето во кое живееме се исполнети со многу предизвици кои кај секоја индивидуа на специфичен начин допринесуваат за нарушување на психолошката благосостојба и рамнотежа. Секое човеково битие е со различна психолошка структура на сопствената личност и различно реагира на сите содржини кои допринесуваат за стресна реакција и чувство на анксиозност.

Advertisement

Секојдневната борба за економска егзистенција, подобар живот, големиот број несреќни настани и кризи во светот и во нашата држава се значајни фактори кои ја нарушуваат психолошката и севкупна човекова хомеостаза. Грижата за менталното здравје е од исклулчително значење за квалитетен и среќен живот на секој човек. Секоја индивидуа има право на живот исполнет со добро здравје, а допринос во тоа има секоја човек индивидуално но и целокупната заедница.

Прашање: Што  претставува анксиозноста?

Анксиозноста претставува емоција за која е карактеристично присуството на внатрешен немир и во неа е инкорпорирано и чувството на страв. Анксиозноста не се изедначува со самото чувство на страв, туку претставува облик на емоционален одговор на реална или субјективно потенцијална закана, додека самата анксиозност е исчекување на некоја идна опасност за индивидуата. Емоцијата на анксиозност може да опстојува долг временски период кај одредена личност која се соочува со специфични стресни настани и во таа ситуација да премине од анксиозно чувство во анксиозно растројство. Основната разлика меѓу анксиозноста како нормално чувство и анксиозното растројство како облик на ментално растројство, е во временската присутност на анксиозното чувство кое може да биде присутно во поголемиот дел од денот, приближно во период од шест месеци. Понекогаш, особено кај детската популација, тој временски период може да биде и пократок. Исклучително е значајно правењето разлика помеѓу периодичната нормална анксиозност која многумина во текот на животот ја доживуваат и преживуваат и анксиозното растројство кое ги надминува нормалните нивоа на загриженост и суштински го отежнува животното функционирање на човекот.

Advertisement

Анксиозните состојби може да се манифестираат со долги и исцрпувачки секојдневни симптоми кои влијаат и го намалуваат квалитетот на животот на индивидуата и во тој случај станува збор за хронична или генерализирана анксиозност, но анксиозноста може да се доживее и со кратки манифестации на симптоматологија карактеристични за паничните напади при стресни ситуации, познати како феномен на акутна анксиозност.

Приватна архива

Прашање: Што преставува паничниот напад?

Паничен напад е ненадејно и интензивно чувство на страв и анксиозност. Тие настануваат во моменти кога се активира нашата „fight or flight“ реакција, но не сме во никаква реална опасност. Панични напади се посебно вознемирувачки појави, бидејќи настануваат сосема ненадејно, но важно е да се знае дека тие не се опасни и дека како сите чувства, тие поминуваат за кратко време. Паничните напади вообичено траат помеѓу 5 и 20 минути. Симптомите обично го достигнуваат својот врв во рок од 10 минути, а потоа почнуваат да исчезнуваат.

Панични напади се случуваат во различно време и од различни причини кај секого. Може да се забележи дека најчесто се доживуваат во посебно стресни периоди како што се (испитна сесија, психичко или физичко малтретирање, проблеми со семејството или пријателите, кризни ситуации), или дека одредени места или активности ги активираат. Понекогаш, панични напади настануваат и без некоја очигледна причина. Особено е значајно индивидуата да го препознае паничниот напад како таков и како нешто кое било веќе претходно доживеано во личното искуство.

Прашање: Што преставува посттрауматското стресно растројство?

Посттрауматското стресно растројство претставува таков тип на растројство кое настанува како последица на доживување на трауматски настани, како што се: воени активности, сообраќајни незгоди, сексуални злоупотреби, злоупотреба на деца и млади, семејно насилство, проживеани елементарни непогоди, несреќни ситуации како пожари како и други закани кои ја нарушуваат благосостојбата и животот на индивидуата. Симптоматологијата која се манифестира кај ова нарушување вклучува: вознемирувачки мисли, чувства и соништа поврзани за проживеаните стресни настани, ментална и физичка вознемиреност, до промени во начинот на кој индивидуата чувствува и мисли. Симптоматологијата кај овој тип на растројство вообичаено започнува во првите три месеци по поттикнувачкиот трауматски настан, но во одредени ситуации може да започне дури и по неколку години подоцна. Карактеристично за оваа популација со овој тип на растројство е тоа што е присутно избегнување на мисли и емоции поврзани со траумата, воопшто избегнување дискусија за тој настан, а понекогаш можно е да има и амнезија за самиот настан. Сепак, вообичаено е присуството на наметливи и повторувачки сеќавања, дисоцијативни епизоди на преживување на траумата (‘флешбекови’) и кошмари.

Прашање: Како може да се третираат анксиозноста и паничните напади?

Во психолошката практика може да се издвојат три облици на психолошки третман на анксиозноста и паничните напади: Психолошко советување, Психоедукација, Психотерапија. Во рамките на психолошкото советување се воспоставува релација меѓу психологот, кој понудува насоки и поддршка во ситуација кога една индивидуа бара начин за тоа како подобро да функционира, управува и се прилагодува со промените и неповолните околности на животот во која се наоѓа, а од друга страна e самата индивидуа со потешкотии која е барател на помошта.

Советодавниот однос кој се вопспоставува меѓу психологот и индивидуата барател на помош и поддршка е исполнет со чувство на емпатија, доверба и топлина, преку кој психологот во својство на советник се обидува да ја разбере личноста која се соочува со одреден тип на потешкотии, а воедно ѝ нуди и поддршка во ситуацијата која делува стресогено и доведува до анксиозна состојба кај неа.

За разлика од психолошкото советување кое трае релативно краток временски период и е фокусирано на мал број на теми кои ја засегаат индивидуата, психотерапијата е процес кој трае релативно долг временски период, понекогаш тоа може да биде и со месеци па и години, и таа главно ги третира комплексните животни потешкотии кај луѓето. Денес постојат голем број на психотерапевтски пристапи, но базично се поделени на: психодинамички, бихејвиорален, хуманистички, когнитивен, системски и интегративен пристап, каде секој на свој начин во рамките на својата теориска ориентација и спектар на техники се обидува да му помогне на човекот кој во даден миг се соочува со потешкотии од емотивен или/и когнитивен карактер.

Во третманот на анксиозноста и паничните напади може да се применуваат различни типови на техники од големиот спектар на психотерапевтски правци кои постојат во психолошката практика. Особено корисна може да биде когинитивно бихејвиоралната терапија (КБТ), која се фокусира на тоа да им помогне на индивидуите да ги променат нереалните верувања, моделите на размислувања и однесувања, како и тоа да се стекнат со вештини за навигација во тешки животни ситуации и да научат да го одржуваат чувството на контрола и самодоверба.

Свое место во тертирање на анксиозноста наоѓа и дијалектичко бихејвиоралниот пристап. Овој пристап, многу слично како КБТ, се насочува на тоа да му помогне на клиентот во насока на изнаоѓање балансиран начин на размислување во ситуации кои се доживуваат со различни спротивности. Пример за тоа би било прифаќањето дека индивидуата има одреден степен на анксиозност додека истата работи на управување со самата анксиозност преку вклучување на внимателноста, зголемување на толеранцијата на непријатности, зголемување на емоционалната регулација и интерперсоналните вештини.

Пристап кој може да даде свој придонес во третманот на анксиозните состојби е и десенсизибилизацијата и репроцесирање на движењето на очите

(EMDR). Овој пристап им помага на индивидуите да ги обработат сопствените трауматски животни искуства користејќи го природниот процес на заздравување на мозокот. Терапевтот во рамките на пристапот го насочува клиентот преку билатерална стимулација на мозокот, користејќи се со специфични движења на очите, тапкање или тонови да преработи одредени сеќавања и да го намали севкупниот емотивен и физички стрес со кој се соочува.

Од хуманистичките психотерапевтски пристапи во третманот на анксиозноста свој придонес има и Гешталт-психотерапијата. Целта на Гешталт терапијата е да им помогне на луѓето да ги обноват своите потенцијали, да се прифатат такви какви што се во дадениот момент, односно да бидат автентични.

Гешталт-терапевтот ги насочува клиентите да го прават она за кое се способни, да го прават односно да ги освестат и искористат своите капацитети преку интегрирање на сите сопствени отуѓени делови. Најзначајна цел во Гешталт терапијата е да поттикне свесност. Задача на психотерапевтот е да им помогне на клиентите кои се соочуваат со потешкотии во дадениот миг да препознаат како ја блокираат својата свесност и да можат да функционираат со сите нивни способности.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Advertisement

Поврзано

New Ad
Back to top button