Вториот интернационален конгрес на МЗМСАРИН сплоти околу 250 учесници (Фото)
Вториот конгрес сплоти околу 250 учесници, колешки и колеги од скоро сите јавни и приватни здравствени установи од земјава и регионот и уште еднаш на задоволство на сите се покажа обединетост на медицинските сестри во желбата за континуирана едукација и професионален развој.

Викендов, од 4 до 6 април 2025 година, во хотел „Аквалина“- Охрид, се одржа Вториот конгрес на македонското здружение на медицински сестри на анестезија, реанимација и интензивна нега- МЗМСАРИН, конгрес со интернационално учество.

Вториот конгрес сплоти околу 250 учесници, колешки и колеги од скоро сите јавни и приватни здравствени установи од земјава и регионот и уште еднаш на задоволство на сите се покажа обединетост на медицинските сестри во желбата за континуирана едукација и професионален развој.
Република Македонија ја претставуваа колешки и колеги од Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), ГОБ „ 8-ми септември“, ЈЗУ „ Св.Наум Охридски“, Клиничка болница „Аџибадем Систина“, УК Неврохирургија, ПЗУ „Ре-Медика“, ЈЗУ УК за Нефрологија, УК за Државна кардиохирургија, Асоцијација за дезинфекција и стерилизација, Специјална очна болница „Деница“, УК за Неврологија, ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“- Битола, ПЗУ Болница „Плодност“-Битола, ЈЗУ СБОТ „Св.Еразмо“-Охрид, Општа болница Охрид, ЈЗУ Општа болница „Ферид Мурад“-Гостивар.

Со свое обраќање и предавања, конгресот и учесниците ги поздравија почитуваната проф. д-р Билјана Кузмановска – Национален координатор за трансплантација и д-р Александра Гавриловска-Брзанов, м-р, сци -заменик национален координатор за трансплантација во Република Македонија.

Гости од Република Србија беа медицински сестри и техничари од Здружението на анестетичари, интензивна нега и трансфузија на Србија-УАИНТС, Институт за онкологија и радиологија-Белград, КБЦ „Бежанијска коса“- Белград, Специјалната очна болница „ Милош клиника“-Белград, Институт за здравствена заштита на мајке и дете- Србије.
Гости од Црна Гора беа медицински сестри и техничари од Клиничкиот центар на Црна Гора.

Во текот на двата конгресни дена беа презентирани 27 теми, практични примери, работилници, искуства, примена на нови апарати и техники на работа, како и протоколи за работа од различни центри, а темите предизвикаа голем интерес и внимание, како и дискусии на крајот од секоја сесија.
Уште од самото свое формирање МЗМСАРИН ги постави и зацрта своите професионални цели, а тоа е сплотеност, афирмација на професијата и континуирана едукација во и надвор од границите на нашата држава.
Една од целите е веќе постигната, а тоа е единственоста и сплотеноста на членовите на Здружението, а сите други идни планови ќе ги остваруваат со заеднички сили и желба за унапредување на професијата.
Оваа година научно-стручниот и организациски одбор донесе одлука по завршување на сите предавања и презентации, да се овозможи онлајн гласање за три најдобри теми и воедно најдобри презентери, а спонзорите на конгресот се погрижија за соодветни награди.
За најдобра презентација на конгресот беше избрана темата „Разлика помеѓу TIVA и TCI“- презентер Ивица Петровски -Клиничка болница „Аџибадем Систина“, втората награда и припадна на Сара Недев од ЈЗУ УК за неврологија со темата „Појава и препознавање на синдромот на согорување (Burnout) кај медицинските сестри“, а третата награда и припадна на д-р Александра Гавриловска-Брзанов, м-р сци за темата „Медицинските сестри и системите за анестезија – безбедносен столб во секоја процедура“.
Крајот на конгресот беше обележан со една плодна дискусија за состојбата на сестринството во нашата земја и идните погледи и желби за поставување на професијата во законски рамки, со јасно поставени компетенции и описи на работни задачи. Самата различност во однос на искуството, работниот стаж и видовите на медицинските установи од каде доаѓаат сите учесници на конгресот, му даде на овој настан посебен белег на размена на младост и искуство, на стари и нови пристапи ,на традиционални и современи протоколи за работа.





Спонзорите на овој конгрес беа Клиничка болница „Аџибадем Систина“, Алкалоид, Биотек, Дрегер, Кубис медикал, Медитрејд 94, ММ Хоспитал Хигиена, Промедика, Rauche, Carso pharm, People Media.