„Времето не лекува, само тежи повеќе“ – сопругата на починатиот гитарист на ДНК со потресно видео од нивните проби и спомени

Маја, сопругата на трагично загинатиот гитарист на групата ДНК, Александар Коларов, денес објави потресен пост на социјалните мрежи во кој се присетува на него и на неговиот колега и долгогодишен соработник Филип Стевановски – Фичо, кои заедно со дел од музичката екипа ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во објавата, таа сподели видео од нивните заеднички проби, подготовки и дружења, потсетувајќи се на периодот пред големиот концерт на ДНК во Скопје. Со трогателни зборови ја пренесе тежината на секојдневието без него, опишувајќи ја болката што не исчезнува со времето, напротив, станува сѐ поголема.
-Ноември, 2022 година. Вака беше секој ден пред големиот концерт во Скопје. Со недели, месеци секојдневна жртва, проби, патувања … Секој ден заминувавте со Фичо во квечерина, а се враќавте доцна по полноќ. Ти не живееше со музика, музиката ти беше животот. Така и замина. Заедно со твојата музичка фамилија: нашиот Фичо, Андреј, Сара, Буцо, Игорче, Панчо, Џоко … дури и со публика.
Маја ја опишува неизмерната празнина што ја оставиле зад себе музичарите кои заедно твореа, настапуваа и со месеци се подготвуваа за еден од најзначајните концерти на групата.
-Осум најтешки црнила, осум месеца железна тишина … Осум планини тежина, осум бремиња, осум пустини без тебе. Времето не лекува, само тежи повеќе како минува … Секоја секунда боли повеќе, секој здив јачи посилно. Ах, зошто?, пишува таа.
Во своите зборови Маја признава дека иако знае дека љубовта постои и над физичкото постоење, справувањето со секојдневието без нив е борба што не престанува.
-Знаеме дека љубовта доби друг облик и друга димензија. Знаеме, но уште не научивме како без вас … Љубов до небото, возвишен мој!

Објавата уште еднаш го отвори колективниот спомен за трагедијата што ја потресе македонската јавност и ја потсети музичката сцена на загубата на таленти кои оставија силен печат, како на сцената, така и меѓу своите најблиски.
Целото видео може да го проследите на овој линк.




