Дали сте за декриминализација на марихуаната?
Пушењето марихуана во Швајцарија е целосно декриминализирано, како и во Холандија и Португалија, а деновиве тоа го направи и Норвешка. Норвешка донесе историска одлука да ги декриминализира сите дроги, со цел да се фокусира на лекувањето, а не на казнувањето на зависниците. Одлуката беше поддржана од сите партии во норвешкиот парламент, што не значи дека тие ги легализираат канабисот и другите дроги, туку ги декриминализираат. За разлика од развиените земји, кај нас, особено со последната промена на власта, се почесто се случува полиција да ги претресува луѓето што одат на журки (значи корисниците) и истите да ги апси, што е потполно спротивно од актуелните трендови во светот.
Наместо тие што употребуваат дроги да се лекуваат како болни (ова важи за тешките дроги, секако!), тие се третираат како криминалци и се казнуваат со класични казни, како затвор или парични казни што е недозволиво и што мора да се промени!
Декриминализација не значи легализација!
Според законот за декриминализација кој во Швајцарија беше донесен пред неколку години секој што е на возраст над 18 години ако случајно биде фатен со 10 или помалку грама повеќе нема да мора да оди на суд и нема да има прекршок во неговото досие. Наместо тоа ќе мораат да платат казна од околу 100 швајцарски франци и ќе бидат пуштени.
На овој начин пратениците се обидоа да воспостават ред и регулативи поврзани со ова растение. а кои дотогаш варираа од една област до друга. Со оваа мерка се очекува и да се заштедат пари (!) во буџетот со намалување на 30 илјади случаи годишно поврзани со марихуаната, а со која судовите морат да се справат годишно. Исто така ќе се ослободат и полициските ресурси така што истите би можеле подобро да се посветат и сконцентрираат на поголемите случаи на трговија со дрога, наместо да ги бркаат оние што само пушат.
Но што се случува во Македонија?
Па секој што ќе биде фатен со џоинт може да му се случи дури и да заврши во некој од нашите познати затвори. Тие се полни со луѓе кои се фатени со по неколку грама, а не ретко се случува полицијата да казни корисници на марихуана кај кои во урината им е пронајден ТХЦ. И тоа со казна од по неколку стотици евра, што е многу повеќе и од Швајцарија.
Кај нас се случувало полицијата да заплени и 0.08 грама марихуана и тоа популистички да биде проследено како вест дека полицијата фатила и спречила голем криминал, а се со цел Министерството за внатрешни работи да има поголеми бројки и поголема успешност. Според некои извори, ваква тенденција се забележува посебно во последно време, по промена на власта и враќањето на некои стари структури во МВР кои очигледно не соодветствуваат со времето. Но проблемот е што поради политиката и таквите бројки полицијата на товар на осомничените им става дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, за кое е предвидена казна затвор од 1 до 10 години и со тоа се играат со човечките животи.
Целиот овој проблем настанува поради недореченоста во кривичниот закон каде не е регулирано колку може да биде количина за лична употреба (поточно членот 215 каде не е одредено која количина на наркотици е количина за лична употреба), па се создаваат проблеми во пракса, а ова не ретко го злоупотребуваат и јавните обвинители кои не ретко бараат и пресуди од по неколку години за корисниците на марихуана. Секако дека тука олеснителна околност ќе биде тоа кој сте, од каде сте, чиј сте (покрај популизмот на МВР сведоци сме и на нивниот селективен пристап, особено ако во делата се вмешани луѓе блиски до власта, што беше случај во минатото). Од друга страна додека во многу земји марихуаната се легализира (земете ги на пример сојузните држави во САД како Калифорнија и Вашингтон во кои се легализираше марихуаната, а корисниците над 21 година можат дури и да одгледуваат до шест растенија во своите домови) во Македонија се уште се водат и зависници од Марихуана. Па така таа бројка на пример во 2011 беше околу 5500 со што од вкупниот број зависници (со се оние што користат хероин се добива бројка 8373) од кои само 976 биле женски.
Што значи зависник од марихуана во Македонија?
Па секако, да бидеш фатен со неколку грама, но и со еден единствен џоинт, кој патем не е твој, туку на некој од твојата екипа, но по утврдување на ТХЦ-то да бидеш заведен во полицијата како зависник, што нема никаква врска со реалноста и фактичката состојба.
Според некои анализи иницијацијата со марихуана во Македонија започнува на повисоките возрасти (после 13 години). Споредено со младите од другите земји во Европа и во регионот, младите во Македонија на 15-годишна возраст пушат марихуана во мошне низок процент. Меѓу корисниците на марихуана на оваа возраст, најризични групи се момчињата од двете етнички групи, како и девојчињата од македонските паралелки, од високоимотни семејства. Девојчињата од албанските паралелки воопшто не пријавиле употреба на марихуана во текот на животот, што се објаснува со нормите на традиционалната муслиманска заедница – постојан надзор, ретко излегување од дома и ограничено време на дружење со врсниците.
Користењето на марихуана кај имотните македонски девојчиња најверојатно претставува статусен симбол за нив.
HBSC истражувањето укажува на доцна иницијација со марихуана и ретко користење канабис кај 15-годишните млади во Македонија, но други истражувања покажуваат загрижувачко високи преваленци на употреба на марихуана кај младите и возрасните меѓу 15 и 64 години.
Овие податоци кажуваат само на фактот дека што поскоро да се донесе закон за декриминализација и да се однесуваме кон корисниците како и во другите земји. Тоа секако дека не значи легализација, туку да се посвети поголемо внимание на најмладите, но и да се спречи праксата корисниците на марихуана да бидат кривично гонети и да завршат во затвор, каде наместо да се направи ресоцијализација, се добива потполно спротивен ефект.
Па, што мислите за ова? И дали сте за декриминализација на марихуаната?