Возачот на Брза помош -херојот од Кочани ќе биде постхумно одликуван, а ќе се изваја и биста за него
„Тој ден сите работевме повеќе од 20 часа. Јас немам информација колку часа возачот работел, меѓутоа неспорно е дека направил огромна работа со превозот на пациенти.“

Возачот на Итната медицинска помош, Илчо Гоцевски, кој трагично го загуби животот по несреќата во Кочани, ќе биде постхумно одликуван за неговата посветеност и храброст, објави министерот за здравство Арбен Таравари.

– Тој ден сите работевме повеќе од 20 часа. Јас немам информација колку часа возачот работел, меѓутоа неспорно е дека направил огромна работа со превозот на пациенти. Како министер за здравство планирам следната недела да го викнам неговото семејство и постхумно да го одликувам, изјави Таравари.
Поради пожртвуваноста на Иле, вајарот Филип Новески ќе изработи биста во чест на Гоцевски, кој со натчовечки напори 11 пати возел од Кочани за Скопје без престан цели 20 часа, носејќи ги повредените кон болниците.
Оваа биста ќе остане како симбол на неговата пожртвуваност и човечка доблест.
Гоцевски несебично се даде за да спаси што повеќе животи, и неговото херојство ќе остане запаметено како инспирација за идните генерации.